1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

30 години по Тјенанмен: Демократијата во егзил

Вилијам Јанг
4 јуни 2019

Пред 30 години кинеската влада насилно им стави крај на барањата за демократија. Многумина од демонстрантите избегаа во странство и политички се активираа. Но, нивното влијание опаѓа поради растот на Кина.

https://p.dw.com/p/3JYxj
Hongkong Gedenken Tianamen Massaker
Сеќавање на Тјенанмен: десетици илјади луѓе во Викторија парк во Хонгконг со свеќи во рацете им оддаваат почест на жртвите Фотографија: picture-alliance/Zuma/S. Yeung

На 4.јуни 1989-та тенкови се движеа по улиците на Пекинг за да ги разбијат мирните протести на Плоштадот на небескиот мир - Тјенанмен. Студенти и други демонстранти бараа демократски реформи. Некои од студентските лидери до денес се сеќаваат на секој детал од таа ноќ. „Насекаде се слушаа пукотници. Беше како бојно поле“, раскажува поранешниот водач на студентите Жу Фенгсуо за ДВ на една конференција во Тајван. „Храбриот отпор на многу граѓани на Пекинг им овозможи на студентите мирно да се повлечат од плоштадот.“

И покрај тоа, на 4 јуни и неделите што следуваа загинаа најмалку 2.600 демонстранти, повеќе од 7 илјади беа повредени.

Кој преживеа, не значи дека беше безбеден. Кинеската влада стори сѐ за да ги фати студентските водачи. Многумина пребегаа во странство, особено во САД и Франција. Тие што немаа среќа одлежуваа неколкугодишни затворски казни, пред Кина под притисок од странство да даде согласност за нивно напуштање на земјата.

Повеќе:

Вајденер: Фотографијата од Тјенанмен го промени мојот живот

Тјенанмен ја промени сликата за Кина

Отпор од странство

Тукушто стасани во странство, некои студенти формираа организации за да го одржат притисокот врз Кина и да го поддржат граѓанското општество. Таков пример е и Независната федерација на кинески студенти и научници во САД, кои успешно лобираа, што во 1992 година резултираше со носење закон кој предвидува дека кинески студенти кои допатувале во САД во периодот меѓу 5. јуни 1989 и 11. април 1990 ќе добијат дозвола за траен престој во земјата.

China Flashgalerie Peking Tiananmen Jahrestag 28 Mai 1989
Студентскиот лидер Ванг Дан на прес-конференција на Тјенанмен (архива, 27.05.1989)Фотографија: AP

Поранешниот лидер на студентите Жу Фенгсуо во 2007 година ја основаше невладината организација „Хумана Кина". „Покрај напорите да се одржи вербата во демократијата од движењето од 4 јуни, таквите организации беа важни за да ги извадат кинеските дисиденти од земјата и за да ги поддржуваат во новата татковина."

Слична е ситуацијата и со Ванг Дан, кој е основач на тинк-тенкот „Кинески дијалог” со седиште во Вашингтон. Организациите веќе 30 години имаат улога на сведоци, поддржувачи и иницијатори. „Со оглед на тоа дека речиси сите од поранешните водачи веќе не можат да живеат во Кина, не можеме да предводиме демократско движење во земјата. Мораме да ги поддржуваме постоечките движења во земјата." Тоа се покажало успешно на пример во 2011, кога во повеќе големи кинески градови беа организирани демонстрации на кои се бараше повеќе правда.

Специјалната улога на Хонгконг и Тајван

Хонгконг, кој тогаш уште беше британска кралска колонија, играше важна улога за време и по протестите. На 21 мај 1989 година се одржаа демонстрации со речиси еден милион учесници во знак на поддршка за демократското движење во Кина. Многу студенти го избраа Хонгконг како место за егзил. Голема поддршка беше обезбедена од организацијата „ХК Алијанса" која постои до денес и веќе 30 години, еднаш годишно, организира семинар потсетувајќи на настаните од Тјенанмен. Алберт Хо, претседател на „ХК Алијансата“ како одговор на враќањето на Хонгконг на Кина во 1997 година вели: „Морам да признаам дека Хонгконг веќе не е слободен. Тоа е политичката реалност."

China - Studentenvertreter: Liu Gang, Zhou Fengsuo, Chen Tong und Wuer Kaixi
Студентските лидери Лиу Ганг, Жу Фенгсуо, Чен Тонг и Вуер Каиши на манифестација на сеќавање на случувањата на Тјенанмен која се одржа пред кинеската амбасада во Вашингтон во 1996 годинаФотографија: Getty Images/R. Ellis

Поради тоа, овогодинешниот семинар за првпат се одржува во Тајван. Оваа земја, која започна да се демократизира една година пред Тјенанмен во 1988 година, е сосем соодветно место, вели Женг Џинјуан, член на раководството на невладината организација „Нова школа за демократија" во разговор за ДВ: „Тајван е сосем добра алтернатива, бидејќи демократските вредности таму сѐ уште се почитуваат."

Намалено влијание

Подемот на Кина и тесните економски врски на земјата со САД ја ослабна влијателноста на дисидентите, вели Жу: „Засилената билатерална интеракција меѓу САД и Кина доведе до тоа многу странски продемократски групи да ја загубат подршката на кинеските иселеници." Тоа пред сѐ придонесе кон значително намалување на донациите. Многу Кинези од генерацијата Тјенанмен се збогатија во странство поради нивните врски со Кина. Со растечкото влијание на Кина тие сега се плашат од гневот на партијата и се дистанцираат од активистите.

Bildergalerie China Geschichte Niederschlagung der Demokratiebewegung Tiananmen
Слика која го обиколи светот: Кинез стои пред тенковите на плоштадот Тјенанмен на 5 јуни 1989 година и бара крај на крвопролевањетоФотографија: AP

Итно се потребни средства. Владата во Кина во последниве години значително ја заостри цензурата и прогонот на граѓанските активисти. Поранешниот студентски лидер Шао Џијанг, кој сега работи во Центарот за демократски студии на Универзитетот Вестминстер, верува дека продемократските групи мора да се реорганизираат за да не станат безначајни. „Демократските активисти немаат никакво влијание врз западните политичари, поради што мора да му се приклучат на глобалното движење против експанзијата на Кина." Наместо поддршка за кинеските дисиденти во Кина, треба повеќе да се фокусираат на спротивставување на кинеските активности во странство и за поддршка на демократијата надвор од Кина, вели тој.

Но Жу не губи надеж. Тој сѐ уште верува во вредностите од 4 јуни и сака повторно да стане успешен со креативни идеи. „Мора да веруваме дека историјата ќе биде на наша страна."