1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Природа и животна срединаСоединети Американски Држави

45 милиони долари за скелет на стегосаурус

18 јули 2024

Три метри висок, осум метри долг и стар околу 150 милиони години: скелет од стегосаурус беше продаден на аукција за рекордна сума од речиси 45 милиони долари.

https://p.dw.com/p/4iSvc
Скелет на стегосаурус
Скелет на стегосаурус - „Апекс“ е стар околу 150 милиони годиниФотографија: John Angelillo/UPI Photo /Newscom/picture alliance

Скелет на стегосаурус стар околу 150 милиони години беше продаден на аукција во Њујорк за рекордна сума од 44,6 милиони долари (околу 40,7 милиони евра), соопшти аукциската куќа Сотби. Аукцијата траела само околу петнаесетина минути, а заинтересирани биле седум страни.

Ова го прави скелетот на стегосаурус најскап фосил кој некогаш бил продаден на аукција. Сотби првично очекуваше цена до шест милиони долари.

Апекс - најдобро зачуван стегосаурус

Џиновскиот скелет наречен Апекс е висок повеќе од три метри и е долг околу осум метри. Според Сотби, тој се смета за „најкомплетниот и најдобро зачуваниот“ примерок на стегосаурус од оние кои имаат слична големина. Од околу 319 коски на диносаурусот, пронајдени и зачувани се 254.

Палеонтолог го открил фосилот во 2022 година на локација во близина на градот Диносаурус, во американската сојузна држава Колорадо. Малиот град е блиску до Националниот природен резерват Споменик на диносаурусите и границата со американската сојузна држава Јута.

Скелет на стегосаурус
Скелетот на стегосаурус e најскап фосил кој некогаш бил продаден на аукција.Фотографија: Lev Radin/ZUMA Press Wire/picture alliance

Критики поради аукциите на скелети

Во последниве години, скелети од диносауруси или нивни делови беа продавани на аукции за милиони долари. Во летото 2020 година, „Стен“, најкомплетниот скелет на тираносаурус-рекс во светот, најде нов сопственик за рекордни 31,8 милиони долари.

Сепак, многу експерти се критички настроени кон аукциите на скелети кои се вредни за науката. Музеите или истражувачките центри не се во можност да останат во трка поради високите цени на аукциите. Се вели дека купувачот на скелетот стегосаурус посочил оти сака да го позајми фосилот на некоја американска музејска институција.