Грција трескавично бара келнери, собарки, шанкери, готвачи
14 мај 2022Грција ова летосака да постигне рекордни успеси во областа на туризмот. Но, Сотирис Цуганелис, кој има два хотела на островот Миконос, е скептичен. Резервациите веќе ги надминаа нивоата пред пандемијата, а островот очекува нов рекорд на посетители. Сепак, ова е само едната страна, рече Цуганелис и додаде: „Итно ми требаат работници“.
Итно се бара работна сила
Неговиот случај не е единствен - островите како Миконос, Санторини, Парос или Кос очекуваат огромен број туристи, но секаде недостигаат готвачи, келнери, собарки и шанкери. Се соочуваме со 50.000 слободни работни места, соопшти Унијата на грчки туристички компании. Најголема побарувачка има на Халкидики, Крит, Родос, Санторини и Миконос.
Тешкотиите за наоѓање кадар се изненадувачки, барем на прв поглед, бидејќи невработеноста во Грција (12,8%) моментално е најголема во ЕУ. Според официјалната статистика, околу 603.000 луѓе во Грција се без работа.
Според германските изданија RND и Kölner Stadt-Anzeiger, постојат две главни причини за недостигот на кадар во туристичката индустрија. Едниот е поврзан со пандемијата: за време на локдаунот во 2020 година, многу вработени во оваа област побараа работа во други индустрии. Во повеќето случаи сега добиваат подобри плати и не работат само сезонски, па затоа не размислуваат да се вратат во туристичкиот бизнис. Втората причина лежи во ниските плати и лошите услови за работа. Работата во туризмот не е атрактивна пред се поради долгото и нерегулирано работно време, кое не се одразува на плаќањето.
Владата од 1 мај ја зголеми минималната плата од 663 на 713 евра бруто. Но, инфлацијата веднаш го јаде растот: таа достигна 10,2 отсто во април, што е највисоко ниво во последните 27 години. На сето ова мора да се додадат и високите кирии во одморалиштата, каде сопствениците претпочитаат да им ги изнајмуваат имотите на туристите, поради што локалните работници едноставно не можат да најдат станови по разумна цена.
Се бара решение
Грчките министерства за труд и туризам најавија решение. До крајот на мај хотелските и ресторанските компании треба да ги објават сите слободни работни места во Агенцијата за труд. Оттаму властите мора да им понудат квалификуван кадар до средината на јуни. Предвидено е и формирање на национална електронска берза на труд.