Во летото 1962 година тогашниот советски лидер Никита Хрушчов работеше на ново позиционирање на Советскиот Сојуз во надворешната политика. Фазата за релативно одмрзнување на односите со Запад беше завршена, се чувствуваше влијанието на берлинската криза. Во есента претходната година, амерканските и советските тенкови стоеа едни напроти други на точката „Чарли“ среде Берлин, со денови подготвени да се борат. Претседателот на Германската Демократска Република (ГДР) и на тамошната комунистичка партија, Валтер Улбрихт, најави дека на 1 август вечерта во Москва ќе се сретне со Хрушчов - беа планирани разговори за некои основни прашања една година по изградбата на Берлинскиот ѕид.
Распоредите за емитување на првата емисија во Дојче веле на руски јазик веќе не постојат. Но, прилично е сигурно оти посетата на Улбрихт на Москва била една од поважните теми.
Кусо по враќањето на Улбрихт во Берлин, Кремљ побара повлекување на трите западни сојузнички сили од Берлин. Тоа беше грубо кршење на таканаречениот „Договор на четирите сили“, и на раководството во Москва мораше да му биде јасно оти Вашингтон, Париз и Лондон под ниту кои услови не можат да се согласат на тоа.
Нуклеарно оружје во контекст на геополитички закани
Најдоцна тука почнува да се наметнува првата паралела со сегашноста: едно водство во Кремљ пред само неколку месеци постави целосно неприфатливи барања и, исто така, многу добро знаеше дека адресираниот - имено, владата во Вашингтон - никогаш не би можела да ги прифати? Пред да даде наредба за напад на Украина, Владимир Путин бараше од Западот да спроведе општа ревизија на безбедносниот поредок кој се случи во Европа по Студената војна - што би значело распаѓање на НАТО. Целосно неприфатливо.
Хрушчов се одлучи за дополнителна ескалација во летото 1962 година. Неговите дипломати преговараа за далекусежен воен договор и договор за помош со комунистите на Куба. Советското нуклеарно вооружување требаше да се стационира на карипскиот остров на прагот на САД. САД одговорија со политичка одлучност која го доведе светот на работ на нуклеарна војна. Но, тука се бришат паралелите меѓу „некогаш“ и „сега“. Иако претседателот Путин на самиот почеток на војната во Украина во играта воведе и можна употреба на нуклеарно оружје, оваа нуклеарна закана остана толку неодредена што западните набљудувачи веруваат дека се работи за гест на заплашување. Додуша, делумно делотворна во некои западни јавности, на пример во Германија, но во крајна линија воено безначајна. Заканата со нуклеарно оружје - пред 60 години би била поинаку сфатена.
Претпазливост наспроти премногу очигледни паралели
Русија не е Советскиот Сојуз - иако руските војници повторно на својот крвав поход на Украина покажуваат знамиња од некогашните советски формации. Иако, сликата за СССР во последните години се разубавува на сѐ поманипулативен начин во руската историографија. Некогашната Студена војна не може да се спореди со новиот конфликт меѓу Истокот и Западот во дигиталната ера. Споредбите сѐ уште се мали, а тоа особено важи за историските споредби - посебно кога им е цел да докажат оти сега е сѐ како што не било порано.
Во есента 1962 година рускиот книжевен часопис „Нови мир“ почна да го објавува романот на Александар Солженицин „Еден ден во животот на Иван Денисович“. Оние кои бараат паралели и споредби би требало да се запрашаат дали таквата опозициска литература може да помине низ руската цензура во 2022 година?
Но, сегашните цензори истовремено знаат дека во дигиталниот свет имаат само ограничена делотворност. Информациите секогаш го пронаоѓаат својот пат, дури и до Русија, иако таму се обидуваат да ги блокираат непожелните интернет сајтови.
Руската цензура на интернетот еден ден би можела да се покаже еднакво неделотворна како што тоа беше со попречувањето на кратките радио бранови на ДВ во време на Советскиот Сојуз. Уште тогаш на ДВ радиото беа читани текстовите на Солженицин.
Состојбата во светот во 1962 година беше толку лоша што Норвешкиот комитет не сакаше никому да ја додели Нобеловата награда за мир - тоа го стори дури наредната година. Останува интересно да се види дали - и кому - ќе му биде доделена оваа година. За тоа ДВ ќе известува на сите свои платформи на руски јазик.