70 години Женевски конвенции: човечност и во време на војни
12 август 2019Во 2019, седум декади по усвојувањето на Женевските конвенции, договорите „кои ги содржат најважните правила со кои се ограничува варварството на војната", според Меѓународниот комитет на Црвениот крст се чини веќе не се функционални и не ограничуваат речиси ништо. Во бруталната војна која осум години се води во Сирија, режимот кој има поддршка од руските сили „целно напаѓа цивили и цивилни институции во областите што ги држи вооружената опозиција," вели Кенет Рот, извршен директор на Хјуман рајтс воч, нарекувајќи го ова „безобразен напад на Женевските конвенции."
Во Јемен, коалицијата предводена од Саудијците „постојано бомбардира цивилни цели..(гаѓајќи) погребни собири, пазари, џамии па дури и училишен автобус. „Третманот на муслиманското Рохинга малцинство од армијата на Мијанмар – кое Амнести интернешнал во мај го окарактеризира како „вонсудски егзекуции, произволни апсења, тортура и присилни исчезнувања, – во основа е „етничко чистење", вели Рот.
Овие настани и сите сериозни прекршувања на меѓународното хуманитарно право според нормативите поставени од Женевските конвенции, за жал не се единствените примери кои доминираат на насловните страни. Хелен Дурхам, поранешен адвокат за човекови права и директор за хуманитарно право и политики во Меѓународниот комитет на Црвениот крст, се согласува дека нејзината организација „редовно " гледа прекршување на конвенциите во најопасните делови од светот „и ние постојано укажуваме дека тоа е неприфатливо„.
Но „само поради тоа што законот е прекршен, тоа не го прави помалку релевантен", вели Дурхам, во телефонско интервју. „Има многу, многу случаи каде законот на војната всушност прави голема разлика и се обезбедуваат достоинство и хуманост во војната".
Заштита од ужасите на војната
Женевските конвенции, четири меѓународни договори кои имаат за цел да ги заштитат луѓето кои не се директно инволвирани во конфликтот – цивили, медицински лица, воени затвореници и војници кои веќе не се способни за борба – беа усвоени на 12 август, 1949 година по долги преговори.
Оригиналните Женевски конвенции со кои беше опфатено „подобрување на состојбата на ранетите војници на бојното поле" беа првично усвоени во 1864 година на предлог на Анри Динан, основачот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст. Во годините по Втората светска војна, МКЦК подготви предлог договори со кои се проширува заштитата на цивили затекнати во војна, но владите одбија да ги усвојат. Резултатот: немаше меѓународни договори со кои може да се заштитат цивили од ужасите на војната, поради што животите ги загубија над десет милион луѓе.
Како одговор на тоа, светските сили – имајќи ги на ум ужасните злосторства на војната – се согласија да ги ревидираат и ажурираат конвенциите, додавајќи четврта која се однесува на заштита на цивили и имот во време на конфликт. Друга значајна ревизија се случи во 1977 година со усвојување на два протокола, со кои се засилува заштитата на цивили во меѓународни и внатрешни воени конфликти, вклучително и граѓански војни. До денес Конвенциите ги имаат ратификувано 196 земји, меѓу кои и сите земји членки на ОН и набљудувачи како Палестина, која последна го стави својот потпис во 2014 година. Во изминативе декади, вели Дурхам, конвенциите се дополнувани со „огромно проширување и ажурирање“ на специфични договори кои меѓу другото се однесуваат на регулација на употреба на оружје со меѓународни договори со кои се забранува употреба на нагазни мини, хемиско оружје и касетни бомби.
Дурхам вели „нови предизвици", како сајбер-војување, автономно оружје и вештачка интелигенција, како и повици да се преиспитаат последиците од војната врз животната средина, сѐ повеќе ќе играат улога во иднина.
Недостаток на имплементација
Денес, ужасните случаи како Сирија и Мијанмар можеби се чини дека укажуваат на спротивното, но има само неколку места во светот во кои не се почитуваат Женевските конвенции.
„Не зборуваме за глобално непочитување, ниту пак смислена шема на прекршување," изјави во мај претседателот на МКЦК, Петер Маурер во говорот во Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон, нагласувајќи ги „стотици и илјадници ситуации каде што законот и конвенциите се почитуваат."
„Кога на рането лице му е дозволено да премине преку контролен пункт, или кога дете на линијата на фронтот ќе добие храна и хуманитарна помош, кога условите на затворениците се подобрени или им е овозможен контакт со семејствата, тоа значи дека меѓународното хуманитарно право се почитува ", вели тој.
„Во основа никој не ја оспорува суштината на Женевските конвенции", вели за ДВ Рот од Хјуман Рајтс Воч. „Никој не тврди дека е во ред да се напаѓаат цивили, дека е во ред да се пука неселективно. Тоа се основни норми, основни забрани кои се поимаат универзално како воени злосторства ако бидат прекршени."
„Самиот закон не треба да биде ажуриран – тој е многу јасен," вели Дурхам. Таа ја потврди потребата од „поголем политички притисок, глобално, врз сите страни вклучени во конфликти," за да се осигура дека законот ќе биде применет.
И Рот се согласува дека проблемот не е во двосмисленоста или недостатокот на спецификација во правилата. Според него тој лежи во тоа што владите ги игнорираат правилата, и има недостаток на примена на истите како и недостаток на меѓународен надзор.
Затворање на "дупките“
Рот посочи дека националните влади може да одбиваат да ги судат своите воени злосторници. Но, тој додава дека меѓународната заедница изнаоѓа начини како да ги пополни овие „дупки“, за злосторниците да бидат изведени пред лицето на правдата. „Основањето на меѓународни судови како Меѓународниот кривичен суд (во 2002) е пример за одговор на овој проблем", појаснува Рот.
„Сирија е вистински предизвик – со оглед на злосторствата таму би било логично да се поведе постапка против оваа земја во Меѓународниот кривичен суд. Но тој процес е блокиран од Русија, а на моменти и со вето од Кина во Советот за безбедност, поради што мора да се најде друго решение за да понесат одговорност."
Едно такво решение, вели тој, може да биде преку Генералното собрание на ОН – каде што земјите немаат право на вето – и каде во 2016 со мнозинство беше изгласано да се основа независна меѓународна единица за да се истражат злосторствата во Сирија што е во основа „обвинител за сириските воени злосторства без трибунал."
Покрај тоа голем број европски земји исто така одлучија принципот на меѓународното право познато како универзална надлежност да го користат како основа за гонење на воени злосторници во странство, наместо националните власти кои одбиваат да го прават тоа. „Германија и Франција всушност се во првите редови за гонење на сириските воени злосторници," посочува Рот. „Искрено, во моментов нема друга алтернатива."