1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога окупаторите станаа заштитници

Ралф Бозен
26 јуни 2018

Пред 70 години Советскиот Сојуз го блокираше снабдувањето на Западен Берлин. Западните сили тогаш стартуваа историска акција за спасување: воздушен мост за повеќе од два милиона граѓани.

https://p.dw.com/p/30EnD
Blockade Berlin - Amerikanische Truppen bringen Nahrungsmittel
Фотографија: picture-alliance/United Archives/WHA

Од неговото доаѓање на власт, американскиот претседател Доналд Трамп ги става германско-американските релации на стрес-тест. Изгледа дека земјите во меѓувреме имаат повеќе разлики отколку сличности. Економските, културолошките и историските врски на двете земји важат и натаму за толку блиски што ќе го преживеат и овој претседател. Германско-американското пријателство се заснова на еден настан од пред 70 години. Пролетта 1948. година завршува Втората светска војна. Сонот на Адолф Хитлер за нацистичко царство и неговата расистичка идеологија милиони луѓе ги платија со својот живот.

Германија во урнатини. Преживеаните се надеваат на подобри времиња. Но, повторната обнова ја засенува Студената војна. Западните сојузници и Советскиот Сојуз се набљудуваат со длабока меѓусебна недоверба. Тензиите особено се чувствуваат во поделениот Берлин. Градот во западниот дел го водат победничките сили САД, Велика Британија и Франција, а источниот дел е раководен од Советскиот Сојуз. Во трите сектори на западните сили живеат околу два милиона луѓе како на остров среде советски простор на владеење. Источна Германија, како и Источна Европа, е под силна контрола на Москва. Западен Берлин се снабдува преку железница, автопат и неколку водени патишта, преку територијата на комунистичката страна. 20. јуни 1948. година се случува мерење на силите меѓу Истокот и Западот, кога западните сили воведуваат нова валута: западната германска марка.

Криза поради воведување на марката

Идејата е Германија економски да се стабилизира преку цврста валута. Марката се воведува и во Западен Берлин. Советскиот Сојуз не сака да ја прифати. Стравуваат дека воведувањето на новата валута ќе го зајакне статусот на Западен Берлин како бастион на коалициските сили среде советска територија. Конфликтот што тлеел, станува отворен. „Со тоа дојде до раздор меѓу трите коалициски сили од една и Советскиот Сојуз од друга страна", вели Бернд фон Костка од Берлинскиот музеј на Коалициските сили за Дојче веле. „Заедничка германска политика стана невозможна со воведувањето на новата валута."

Berliner Luftbrücke - Alliierten Museum
Фотографија: AlliiertenMuseum/Choda

Ноќта кон 24-ти јуни Советскиот Сојуз ги блокира сите пристапи до Западен Берлин. Таму се гасат светлата, околу 75 проценти од струјата доаѓа од опкружувањето. Источниот блок планира да го стави населението под притисок за да ги избрка коалициските сили од поделениот град. „Никој не знаеше што се случува. Ниту Американците ниту ние", вели сведокот Герхард Биргер. На проектната страница Меморијата на народот од фондацијата „Куќа на историјата“ може да се симнат мемоарите на Биргер и на други негови современици. „Стравот дека Американците ќе нѐ напуштат и дека практично ќе им паднеме на Русите во раце беше ненормално голем", раскажува Биргер.

Западен Берлин како предвесник на слободата

Коалициските сили ја држат позицијата. Иако се работи за поранешниот главен град на свежо поразениот непријател, кој во многу делови од светот донесе смрт и пустош, САД во Западен Берлин гледаат предвесник на слободата, симбол против комунизмот кој треба да биде одбранет.

Повеќе на темата:

-Херојот на Берлинскиот воздушен мост

Со оглед на тоа дека коалициските сили не постигнале договор со Советскиот Сојуз за користењето на копнените пристапи, немаат ни правна основа против блокадата. Воена опција поради високиот ризик не е предмет на тогашната дебата. Западните сили располагаат со три сигурни воздушни коридори, значи прашањето е - што да се прави? Времето притиска. На луѓето во Западен Берлин им се заканува смрт од глад. „Почнавме да штедиме на ресурси и надвор од вообичаената рационализација. Беше пресек во животот кој не можеше да има потешки последици", ја опишува Еберхард Шенкнехт тогашната ситуација.

Американскиот претседател Хари С. Труман во координација со сојузниците одлучува да спроведе спектакуларна акција за спасување: снабдувањето да биде целосно обезбедено по воздушна линија. Планот да се воспостави толкав воздушен мост „беше поддржан условно. Немаше други алтернативи, така што започна  провизорниот воздушен мост и реализацијата на идејата да се направи невозможното и два милиона народ да се снабдуваат по воздушен пат“, вели Бернд вон Костка од Музејот во Берлин.

Berlin - Kundgebung gegen Blockade 1948
Собир пред Рајхстагот против блокадата (24.06.1949)Фотографија: picture-alliance/akg-images

Дозвола за старт за бомбардерите

На 26. јуни полетуваат првите авиони на американските воздушни сили од Франкфурт и Визбаден кон аеродромот Темпелхоф во Берлин. Французите, кои непосредно страдаа од германските окупатори, бараат подолг рок за да се одлучат дали ќе ја поддржат акцијата. Наскоро транспортерите летаат во секое време од денот и ноќта. Во временско растојание од 90 секунди слетуваат на аеродромот Темпелхоф во американскиот сектор, на Гатов во британскиот дел и на аеродромот Тегел во францускиот дел. Дневно на блокираниот Берлин му се потребни во просек минимум 5000 до 6000 тони храна и јаглен. Најголемата акција е спроведена во ноќта од 15. кон 16. април 1949. Во рок од 24 часа со преку 1.400 летови се испорачуваат речиси 13.000 тони. Пилотите на воздушниот мост се во постојан ангажман, честопати преморени, го ризикуваат сопствениот живот за во секакви временски услови да го снабдуваат градот. Неколку авиони се уриваат. Некои од авионите толку ниско го надлетуваат градот што посадата и граѓаните може да си мавтаат. Пилотите падобранци од рачна изработка фрлаат чоколада и мастики за џвакање за децата. „Ставот за воздушниот мост меѓу нас младите беше екстремно позитивен”, се присетува Гинтер Шлипдик. „Симпатиите за Американците беа огромни".

Неверојатни откажувања во полза на граѓаните

Решавачка не била само логистичката мајсторска поддршка од коалициските сили, туку и волјата на сите вклучени да опстојат. На мултимедијалната страница на проектот „Меморијата на нацијата'“, Валтер Хофер ја опишува ситуацијата во зима, кога секое домаќинство за време во едно деноноќие имало само по еден час електрична енергија „бидејќи јагленот за електраната морал да биде донесен по воздушен пат. Тоа пак се менуваше од недела во недела, така што некогаш единствениот топол оброк можел да се подготви околу еден часот во ноќта." За греење на просторот не можело ни да стане збор. „Тоа беа неверојатни откажувања кои народот ги истрпе", оценува швајцарскиот историчар Хофер, кој во19 50-тите предавал на Берлинскиот универзитет.

Bildergalerie 65. Jahrestag Luftbrücke Berlin
Транспортен авион на американската воена авијација слетува на аеродромот Темпелхоф (архивска фотографија, 1948 година)Фотографија: picture-alliance/dpa

На 9. септември градоначалникот на Западен Берлин, Ернст Ројтер апелира во историско обраќање до светските сили да не го оставаат Берлин. „Народи на светот во Америка, Англија, Франција: погледнете го градов и препознајте дека овој град и овој народ не смеете да го напуштите", вели Ројтер во микрофоните пред урнатините на зградата на Рајхстагот.

Логистички мајсторски изведена операција на сојузниците

Со секој ден воздушен мост сојузниците придобиваат симпатии во меѓународната јавност, додека пак угледот на Советскиот Сојуз сѐ повеќе паѓа. Конечно, советскиот диктатор Јозеф Сталин препознава дека не може да ја добие борбата за моќ. На 12. мај 1949. тој ја укинува блокадата на Западен Берлин по тајни преговори со САД. Дотогаш сојузниците во блокираниот дел од градот имаат доставено повеќе од 2,1 милиони тони храна и други средства. Врвно логистичко достигнување. Не само за Западен Берлин и неговите граѓани, туку општо и за Германците од Западна Германија воздушниот мост има огромно симболичко и психолошко значење.

Германците повторно се чувствуваа прифатени во вредносниот систем на западниот свет, вели Бернд фон Костка во разговор со ДВ: „Германците здружените сили примарно не ги доживуваа како окупатори, туку како заштитници."

Од воздушниот мост до трансатлантското пријателство со САД водеше само мал чекор. Фон Костка се надева дека таквата поврзаност нема долгорочно да страда поради надворешната политика на Трамп. Воздушниот мост се смета за пример како и во денешни кризни или конфликтни региони може да се помага преку меѓународна соработка, како на пример во Сирија. „Се виде дека снабдувањето по воздушна линија е можно. Со транспортниот капацитет на денешните авиони, количествата од тогашниот воздушен мост може со само мал дел од бројот на тогашните летови да се достават во кој било град во светот."