70-ти роденден на пробивниот Герхард Шредер
7 април 2014Шредер отсекогаш имаше во себе нешто иритирачко. Во однос на своите претходници-канцелари од Социјалдемократската партија - тој не го достигна визионерството на Вили Брант, ниту компетентноста и авторитетот на Хелмут Шмит, но поседуваше продорна моќ. Оние кои подобро го познаваат, зборуваат дури за харизма на агресија. Медиумите го нарекуваа другар на директорите, иако потекнува од сосем сиромашна средина.
Од најдолу до социјалдемократска кариера
Детството, младоста и студентските години на Герхард Шредер се од материјал од кој отсекогаш се правеле приказните на социјалдемократите кои успеале кон врвот. Неговото семејство било крајно сиромашно. Во повоените години осуммина делеле стан од 30 метри квадратни. На лепчето недостигало салама, а облека се добивала од донации. Шредер никогаш не го запознал татко си, кој загинал во Романија во последните години на Втората светска војна. Првите признанија Шредер ги добил преку фудбалот - не бил посебен техничар, но бил борец и ѕвезда во тимот. Во училиште не се истакнувал. На 14 години започнал образование преку работа во продавница за порцелан. Дење работел, а навечер учел во гимназија. Потоа студирал право и во меѓувреме пристапил кон СПД. Во тоа време морал да заработува пари за издршка, на градилиште, каде бил познат како „д-р Шредер“, зашто често политизирал.
Она што го терало кон левицата не биле идеолошките мотиви на 1968-та, туку повеќе чувството на исклученост од оние кои од раѓање се нашле на сончевата страна на животот. Неговото потекло и успешното напредување ја потхраниле неговата желба за самодокажување и и‘ дале крилја на неговата амбициозност. Герхард Шредер не е класичен интелектуалец, напротив - стигна до самиот врв тргнувајќи од дното, па многу добро го познава животот и „долу“ и „горе“.
Шредер ја модернизира Германија
Во 2003 година преку реформата „Агенда 2010“, Шредер ги скрати социјалните државни привилегии и од граѓаните побара поголема лична одговорност. Тоа што токму еден социјалдемократ ја „среди“ социјалната држава, на Шредер му донесе огорчено противништво, првенствено во партиските редови. Тоа што конзервативно-либералните влади постојано го најавуваа и никогаш не го направија - реформата на државните социјални системи, го спроведе Шредер.
„Или ќе модернизираме или ќе бидеме модернизирани“, гласеше неговото мото.
Владата на Шредер го олабави правото на заштита од отказ, ги заостри условите за помош за невработени, ги спои додатокот за невработеност и социјалната помош. Оваа реформа го промени на подобро пазарот на труд во Германија. За само три години невработеноста од пет падна на три милиони. Но, големи кругови во СПД вриеја, пред се‘ незадоволство имаше во синдикатите, сојузници на социјалдемократите, а работници истапуваа од СПД. Сепак, Шредер ја спроведе реформата, поради која Германија во наредните економски кризи се покажа постабилна од другите економии. Политиката на Шредер во економијата важи за пример, меѓу другото во Франција. Способноста на Шредер да ги спроведува одлуките, му донесе аплаузи, пред се‘ од редовите на граѓанските партии. Политиката на рефоми можеше да значи и крај за него како премиер, но сепак тој го истера своето - неговата политика: „Јас така велам и точка“, стана негов препознатлив знак.
Ирак „не“, Косово „да“
За разлика од големите протести на граѓаните во однос на реформите во економијата, Шредеровото „не“ за војната во Ирак беше согласно расположението во народот. Шредер одби да испрати германски војници во Ирак, со што Германија не продолжи да биде некритичен следбеник на американската политика. Сосем спротивно беше во конфликтот во Косово. Првпат една германска влада во рамките на НАТО испрати војници во војна. Со тоа Шредер го погази заветот од времето на Хелмут Кол, дека германските војници никогаш не смеат да бидат во мисија во земја во која во Втората светска војна имале улога на агресор и окупатор. Акцијата до денес останува спорна.
Шредеровата надворешна политика во неговите седум години како премиер го носеше печатот на независност кон дотогаш владејачката догма за цврстите врски во западниот сојуз. Шредер покажа неограничена солидарност со САД по терористичките напади од 2001 година и испрати војници во Авганистан. Но, во однос на Ирак, поддршката изостана. Шредер штотуку започна да се развива државнички на полето на надворешната политика, кога предвреме мораше да се прости од власта во 2005. година.
Гас-Герд и гревот на „брзите пари“
И како екс-канцелар Шредер беше во фокусот на јавноста. Со 61 година во 2005. Шредер беше далеку од пензија. Само неколку месеци по изборниот пораз, тој стана шеф на Надзорниот одбор на германско-рускиот проект за гас „Северен поток“, за кого силно се залагаше уште како канцелар. Дали екс-канцеларот го смееше тоа? Неговиот углед остана нарушен до денес поради овој потег, посебно поради блискоста со Путин. За многумина, брзото менување на политичките води со добро платените економски функции е непристојно. Шредер денес признава дека можеби малку избрзал. Логиката веројатно, гласела - ако веќе нема власт, да има пари.
Герхард Шредер има обезбедено цврсто место во германската историја, не само поради неговата „Агенда 2010“. Тој и како политички феномен е уникат. Ниеден врвен политичар пред него не направил толкава кариера наспроти своите сопартијци како тој. Секогаш на работ - меѓу само-инсценацијата и инстиктот.