1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ахмети: За 3-4 години земјата ќе биде членка на ЕУ

ДТЗ
5 јуни 2023

Ахмети ја повика ВМРО-ДПМНЕ да се солидаризира за интегрирање на државата во Унијата. Во пресрет на средбата меѓу Мицкоски и Ковачевски, расте притисокот од опозицискиот блок да не се прифатат уставните измени

https://p.dw.com/p/4SDG4
Али Ахмети, ДУИ
Али Ахмети е оптимист дека за 3-4 години земјата ќе биде членка на ЕУФотографија: Petr Stojanovski/DW

Лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети е оптимист дека земјата  за 3-4 години ќе биде членка на Европската Унија. Тој ги повика ВМРО-ДПМНЕ да се солидаризираат за интегрирање на државата во Унијата. Тој смета дека опозициската партија, има капацитет и програмски и кадровски за да дадат придонес околу политичките случувања и геополитичките прашања коишто се важни за државата и регионот. 

„Само заедно можеме да бидеме поуспешни во предизвиците коишто не очекуваат“, порача лидерот на ДУИ на дебатата на тема „Европски фронт“ и подоцна во неговото обраќање по повод 21-годишнината од формирањето на партијата, што се одржа во хотелот „Александар Палас“ во Скопје. 

„Ако некогаш сме мислеле дека ќе ни требаат 10 години за членство во ЕУ, сега јас верувам дека за 3-4 години ќе бидеме членка на ЕУ, бидејќи и околностите се сменија во полза на тоа овој пат да се забрза“, вели Ахмети и додава: „Јас сум оптимист, секогаш сум бил и ќе останам. Без да се крене белото знаме. Поминавме многу соочувања и тешкотии и постигнавме успешно да ги завршиме важните поглавја и за државата и за стабилноста. Најголемите оптимисти не мислеа дека некогаш ќе бидеме членка на НАТО, но тоа сега е реалност. И големите оптимисти не би верувале дека Македонија како мултиетничка држава може да биде пример за решавање на проблемите“. 

Лидерот на ДУИ смета дека треба да се направат уставни измени, а за тоа е потребно помирување меѓу сите субјекти што имаат одговорност за судбината на државата. „Може да се постигне помирување, да ги стават сите интересите на државата, иднината на генерациите. Фронтот за Европа нема боја, неговата суштина е иднината“, дециден е  првиот човек на ДУИ. Уставните измени, според него, треба да се случат, како што се случи со Преспанскиот договор, така треба да се случи и со Договорот за добрососедство. 

Димитар Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски и оставил на опозициската партија да избере во кој формат ќе биде средбата која треба да се одржи в средаФотографија: Government of North Macedonia

Што ќе донесе лидерската средба? 

Повиците на Ахмети се во пресрет на најавената лидерска средба меѓу претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски и лидерот на  опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, која што треба да се одржи в среда во Клубот на пратеници.  Премиерот Димитар Ковачевски вели дека оставил на опозициската партија да избере во кој формат ќе биде средбата. Една од темите на кои ќе се разговара ќе биде носењето одлуки за европска интеграција на државата, а втората е активностите на сите политички чинители во државата во врска со односите со соседите.

„Поканата е испратена до ВМРО-ДПМНЕ во која многу јасно стои да си изберат во кој формат сакаат да биде средбата – дали да биде еден плус нула, еден плус еден, еден плус два, зависно од тоа дали имаат доверба меѓу себе па смеат да зборуваат еден пред друг или сакаат да одат сами на средба“, рече Ковачевски денеска одговарајќи на новинарски прашања по увидот на рехабилитација на пат Демир Капија - Неготино. 

Во државата, според него, постојат два концепти - едниот е концепт за европска Македонија и вториот е концепт којшто го предводи Левица и којшто е за изолирана Северна Македонија.  Јас се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да се надмине себеси и барем еднаш во овие 32 години независна Македонија да поддржат одлука со која што државата ќе се интегрира после интегрирањето во НАТО и во ЕУ. Така што, заклучоците се многу едноставни. Имаме на една страна интеграција во ЕУ, а на друга страна изолација. И јас се надевам дека тоа што го сакаат сите граѓани ќе го изберат и сите политичари, а тоа е интеграција на државата во ЕУ“, вели премиерот. 

Христијан Мицкоски Димитар Ковачевски
Во пресрет на средбата меѓу Мицкоски и Ковачевски, расте притисокот од опозицискиот блок да не се прифатат уставните измениФотографија: Petr Stojanovski /DW

Да не се газат државните интереси 

Пратеничката група на Коалицијата „За обнова на Македонија” предводена од ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на одржувањето на лидерската средба го реафирмира ставот за неотворање на Уставот на Македонија, а со цел уставни измени. Во соопштението тие потенцираат дека уставните измени кои ги прифаќа македонската Влада предводена од СДСМ и ДУИ се производ на диктат и под услови кои не се прифатливи за македонските граѓани.

„Апелираме до Владата и парламентарните групи на власта да престанат со сервилности и погазувањето на државните и национални интереси потсетувајќи дека Собранието во овој состав нема легитимитет за носење на таква одлука против која е огромното мнозинство македонски граѓани“, посочуваат пратениците од опозицијата. Собранието, според нив, не треба да се доведе во позиција за исполнување на поединечни бизнис и политички интереси на елити од власта, туку да служи на суверенот - граѓаните.

Министерството за правда во меѓувреме ја достави предлог-иницијативата за устави измени до Владата, која што треба да ја разгледа на седница. Засега е неизвесно дали во Собранието ќе бидат прифатени уставите измени имајќи предвид дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавува дека нема да ги поддржи. За носење на уставните измени е потребно двотретинско мнозинство или најмалку 80 пратеници. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема