1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Навални: Човекот кого Путин не сакаше да го спомене по име

БГ /АФП
16 февруари 2024

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој почина во затвор во петокот, беше омразен од рускиот претседател Владимир Путин кој дури одбиваше и да го спомене по име.

https://p.dw.com/p/4cUjD
Алексеј Навални
Алексеј Навални следи судско рочиште од затворска келија во 2021 годинаФотографија: Evgeny Feldman/Meduza via AP

Алексеј Навални беше најпознатиот критичар на Путин повеќе од една деценија, кандидирајќи се на изборите во 2018 против него и често критикувајќи ја неконтролираната корупција под неговата власт. Дел од групата млади лидери кои бараа демократски промени по децениската доминација на пост-советската олигархија, 47-годишниот Навални успеа да привлече милиони следбеници на социјалните медуми. Тој продолжи да му се спротивставува на Путин дури и откако повеќето други дисиденти избегаа во странство.

Но, откако се врати во Русија од Германија, каде се опоравуваше од речиси фаталното труење за кое тврдеше дека е организирано од Кремљ, Навални беше затворен во 2021 година. 

По затворањето се појавуваше на куси видеа од судските рочишта, но не престана со критиките на агресијата врз Украина и бројот на жртвите кои таа го зема.

Трн во окото на Кремљ

Русија, порача тој во едно видео, „се препелка во базен од кал или крв, со скршени коски, со сиромашно и ограбено население, а околу него лежат десетици илјади луѓе убиени во најглупавата и бесмислена војна на 21 век“.

Навални, кој на Запад се сметаше за најверодостоен предизвикувач на Путин, водеше кампања низ целата земја за да биде претседател, објавуваше истраги за корупција кои го засрамија Кремљ и собираше масовни толпи на улиците на Русија. 

Јулија Навалнаја Минхенска безбедносна конференција
Сопругата на Алексеј Навални, Јулија Навалнаја на Минхенската безбедносна конференцијаФотографија: Kai Pfaffenbach/AP Photo/picture alliance

На митинзите и во судниците, Навални беше убедлив јавен говорник и ги собираше демонстрантите околу пароли како „партијата на измамниците и крадците“ како што ја нарекуваше владејачката партија Единствена Русија.

Неговата најголема дамка беа неговите излети во екстремно десничарскиот национализам во младоста. Видеото во кое Навални дава поддршка за поседувањето оружје од 2007 година, постојано е реобјавувано од неговите критичари. Во него, тој ги споредува луѓето од поранешниот советски регион на Јужен Кавказ со лебарки.

Навални, исто така, остана маргинална фигура за голем дел од руското општество, кое ја поддржува официјалната слика на Кремљ за него како за западен пион и осуден криминалец.

Сепак, тој стана толкав трн во окото на Кремљ, што Путин одбиваше јавно да го изговори неговото име, и го нарекуваше „тој човек“.

Запрашан во филмот од 2022 година насловен „Навални“, која ќе биде неговата порака за рускиот народ во случај да биде убиен, тој одговори: „Не се предавајте. Не смеете, не можете да се предадете“.

„Се што е потребно за злото да триумфира е добрите луѓе да не прават ништо. Затоа, немојте да не правите ништо“. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи