1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ципрас доби награда за мир за Преспанскиот договор

ДТЗ /МИА
25 септември 2024

Алексис Ципрас порача дека Договорот од Преспа има особена важност и дека не смее да се дозволи да се изгуби моментумот создаден за европската перспектива на регионот.

https://p.dw.com/p/4l427
Алексис Ципрас
Алексис Ципрас порача дека ЕУ мора да покаже кредибилитет и да го исполни ветувањето за европската иднина на регионотФотографија: Michalis Karagiannis/Eurokinissi/ANE Edition/IMAGO

Поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас доби награда за мир „Никос Никофоридис“ за Договорот од Преспа, којашто од 2018 година ја доделува мировната организација „Опсерваторија на меѓународни организации и глобализација“. На примањето на наградата тој порача дека Договорот од Преспа има особена важност и дека не смее да се дозволи да се изгуби моментумот создаден за европската перспектива на регионот.

„Ако Европската Унија се покаже некредибилна во однос на своето ветување за Западен Балкан, за нејзиното соседство, тогаш нема да има никаков кредибилитет како меѓународна геополитичка сила“, вели Ципрас.

Да се искористи моментот  

Тој е дециден дека е потребно е да се врати фокусот за ЕУ интеграцијата на регионот. „Како што неодамна кажавме со Зоран Заев, треба јасно да ставиме до знаење дека единствениот пат не само за европската иднина, туку и за иднината на самата Северна Македонија како земја е почитувањето на Договорот од нејзиниот нов политички и државен врв“, ја пренесува МИА изјавата на Ципрас.

Тој најави дека за неколку дена ќе биде Белград со Комитетот за Западен Балкан на Советот на Европа, каде што ќе има можност да истакне дека „во време кога дестабилизацијата се интензивира, не смееме да дозволиме Балканот да стане неконтролирана арена за натпревар на сили“. 

Алексис Ципрас и Зоран Заев
Договорот за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција беше потпишан на 17 јуни 2018 во местото Нивици на грчката страна на Преспанското езеро.Фотографија: Maja Zlatevska/AFP/Getty Images

Разнишан кредибилитет 

„Не треба да дозволиме национализмот уште повеќе да тлее во регионот. Треба да го вратиме моментумот на европската перспектива создадена со Договорот од Преспа, извлекувајќи го регионот од стагнацијата во која беше во 2018 година. Договорот што претставува модел за решавање на спорови за Западен Балкан, бидејќи докажа дека постои пат до заемно прифатливи решенија кои ги бранат националните интереси, а истовремено промовираат мир. И ако Европската Унија се покаже некредибилна во однос на своето ветување за Западен Балкан, за нејзиното соседство, тогаш нема да има никаков кредибилитет како меѓународна геополитичка сила“, вели тој.

Договорот за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција беше потпишан на 17 јуни 2018 во местото Нивици на грчката страна на Преспанското езеро. Тој му стави крај на спорот кој траеше цели 27 години. 

Со новото име, Северна Македонија стана 30-та членка на Северноатлантскиот воен сојуз, НАТО и се надева на напредок на патот кон ЕУ. Договорот го потпишаа тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас, а во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.  

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи