1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Алијанса се приклучи на опозицијата, Таравари благодарен

9 февруари 2024

Тие мислат дека промени се прават со ДУИ, ние мислиме дека промените се прават преку Алијанса и со некои други партии на Албанците, порача лидерот на АА.

https://p.dw.com/p/4cDAc
Лидерот на АА, Арбен Таравари по партиското собрание во Куманово: Ви благодарам за довербата! Алијансата за Албанците официјално одлучи да се приклучи на опозицијата!
Лидерот на АА, Арбен Таравари по партиското собрание во Куманово: Ви благодарам за довербата! Алијансата за Албанците официјално одлучи да се приклучи на опозицијата!Фотографија: DW/P. Stojanovski

Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, синоќа во Куманово добил поддршка од мнозинството членови на партиското собрание партијата да се приклучи на опозицискиот Европски сојуз за промени.

„Делегатите гласаа за мојот предлог. Ви благодарам за довербата! Алијансата за Албанците официјално одлучи да се приклучи на опозицијата! 8 мај е поблиску од кога било! Промената почна!“, објави Таравари на неговиот фејсбук профил. Ентузијазмот не го криеше ни пред почетокот на средбата, наведувајќи дека „Куманово урива рекорди“.

„Има толку многу луѓе, што сите наши очекувања се надминати!“, напиша Таравари.

Иако 85 од делегатите на собранието се потпишале на изјавата за поддршка на Таравари, во Куманово биле присутни 75. Со декаларацијата делегатите му дале целосна поддршка на Таравари за коалиција со опозициските партии на Албанците. Втората точка од оваа декларација се однесувала на условот партијата по изборите да го продолжи европскиот пат и да не коалицира со антизападни сили.

Таравари изразил очекување во следните денови уште повеќе членови и симпатизери на Алијанса да се приклучуваат на идејата за промени, а испратил и порака до опонентите во партијата.

„Тие мислат различно од нас. Тие мислат дека промени се прават со ДУИ. Ние мислиме дека промените се прават преку Алијанса за Албанците и со некои други албански партии. Промените доаѓаат на 8-ми мај, на 9-ти мај верувам дека ние ќе бидеме главен одлучувачки фактор за иднината на Македонија. Ќе се држиме до проевропскиот пат, тоа е несомнено. Со целосна одговорност велиме дека нема да станеме дел од влада која не би ги направила уставните измени и која не прифаќа почеток на преговорите со ЕУ“, порачал Таравари.

„Куманово урива рекорди“, изјави лидерот на АА, Арбен Таравари спроти партиското собрание на кое доби поддршка за приклучување кон Европскиот сојуз за промени
„Куманово урива рекорди“, изјави лидерот на АА, Арбен Таравари спроти партиското собрание на кое доби поддршка за приклучување кон Европскиот сојуз за промениФотографија: Petr Stojanovski

Повикал на единство, со порака дека вратите на партијата се отворени.

„Ако се покајале, нека дојдат со нас. И покрај нашите разлики, јас не ги менувам ниту претседателите, ниту секретарите. Додека некои министри веднаш почнаа да ги менуваат директорите. Мора да дозволиме луѓето да размислуваат поинаку“, порачал Таравари.

Во демократија одлучува мнозинството

Клучната порака од Куманово е дека нема поделба во Алијанса за Албанците со оглед дека мнозинството му изразило поддршка на партискиот лидер, а со тоа партиското собрание што го свика Зијадин Села, станува беспредметно. Некои од аналитичарите сметаат дека двете крила на АА треба да присуствуваат на партиското собрание в сабота во Скопје, со цел да се задржи единството и низ дебата и гласање да се одреди патот по кој ќе се движи партијата. Но, таква опција не е на повидок. По синоќешниот собир во Куманово, портпаролот Блерант Рамадани одговарајќи на новинарски прашања во врска со собранието закажано за в сабота (10-ти февруари), изјавил дека на тој собир ќе бидат присутни помалку членови во споредба со синоќешниот во Куманово.

„Тоа што ќе се случи во сабота може да биде само собир од евентуално 45 отсто. Знаеме дека во демократија одлучува мнозинството. Одлуката на 45 отсто и доколку сите се присутни, не може да влијае на оваа одлука“, изјавил Рамадани.

Министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, кој го поддржа Таравари, уште пред средбата во Куманово изјави дека „тоа ќе биде вистинското Собрание на АА“.

Пред разрешување: министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу
Пред разрешување: министерот за информатичко општество и администрација Азир АлиуФотографија: Government of North Macedonia

„Нема поделба во Алијансата затоа што ние сме Алијансата. Останатите се ДУИ-сти во рамките на Алијансата за Албанците. Така што, дали ќе бидат заедно, дали ќе бидат на посебна листа, дали ќе направат нова партија, не знам“, изјави Алиу. 

За денеска е закажана собраниска седница за негово разрешување, како и за разрешување на министерот за здравство, Фатмир Меџити, откако двајцата го поддржаа Таравари во заложбата за изборна коалиција со ЕСП. Засега е неизвесно дали парламентарното мнозинство ќе ги има потребните 61 глас за разрешување и назначување на нови министри, со оглед дека неколку пратеници од помали партии во мнозинството изјавуваа дека нема да присуствуваат на седницата или дека за ставот треба да одлучат органите на нивната партија.

Опозицијата диктира темпо

Одлуката на АА за приклучување на опозицискиот блок, како и најавата дека опозицијата ќе номинира свој кандидат за претседател, ги замрсува плановите на највениот европски фронт од страна на владејачките партии. Според аналитичари, опозицискиот кандидат за претседател може да ја стави ДУИ „во тесно“ доколку и таа не парира со свој кандидат, туку консензуално поддржи кандидат на СДСМ. Засега и покрај најавите за голем европски фронт, ДУИ и СДСМ сѐ уште немаат одлука дали ќе настапуваат со заедничка листа или самостојно. А во однос на претседателските избори, потпретседателот на СДСМ и вицепремиер, Фатмир Битиќи, на ТВ Алсат изјави дека би прифатил да биде консензуален кандидат. 

Не би прифатил да биде консензуален кандидат за претседател на државата: Фатмир Битиќи, вицепремиер и потпретседател на СДСМ
Не би прифатил да биде консензуален кандидат за претседател на државата: Фатмир Битиќи, вицепремиер и потпретседател на СДСМФотографија: Furkan Abdula/AA/picture alliance

„Имам номинација од значителен дел од ограноците во СДСМ. Сега е во тек процес за консултации и тоа треба да заврши со конгресот. Јас имам кажано дека ако се бара консензуален кандидат како што сум јас, тогаш би прифатил таква понуда“, изјавил Битиќи.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема