1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гир: Корупцијата „тече“ низ дел од институциите, спречете ја

ДТЗ
9 декември 2022

Евроамбасадорот Дејвид Гир вели дека треба да се откриваат повеќе случаи на висока корупција, а британскиот амбасадор Метју Лосон оцени дека земјата мора да се справи со овој сериозен проблем

https://p.dw.com/p/4Ki9K
Дејвид Гир
Корупцијата „тече“ низ дел од институциите, спречете ја, вели евроамбасадорот Дејвид ГирФотографија: Arbnora Memeti

Корупцијата, како и водата секогаш ќе си го најде патот -  ако не се сретне со отпор тогаш ќе се распространи. Во Северна Македонија корупцијата е присутна во одредени области. Таа тече низ дел од институциите во државата, преовладува во услужниот сектор. Зошто граѓаните да плаќаат дополнително за услуга за која што  веќе платиле преку даноци? Зошто некои јавни позиции треба да се одредуваат врз основа на политичка припадност, место по заслуга. Зошто некои деца треба сериозно да работат за да ги добијат своите квалификации, а други не?. Ова се само дел од прашањата и дилемите коишто ги постави амбасадорот на ЕУ во РСМ, Дејвид Гир на денешната средба во Владата, каде главна тема беше борбата против корупцијата. 

На состанокот којшто го организираше вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во соработка со вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, амбасадорот испрати јасни пораки - дека ЕУ ќе продолжи да ја поддржува земјата, но дека таа мора да испорача конкретни резултати во борбата против ова современо зло. А, за да успее таа борба, потребен е ангажман на сите во државата. 

Критики и сугестии

На Меѓународниот ден на борбата против корупцијата, странските амбасадори во земјата испратија остри пораки и сугестии што треба да се направи за да се постигне успех на ова поле. Тие повторија дека е неопходно да се откриваат случаи на висока корупција, но и да се постапува по иницијативите на антикорупционерите и ревизорите. 

Во период кога земјата е ангажирана во процесот на преговори за членство во ЕУ, корупцијата ја поткопува довербата на јавноста во демократијата и во јавните институции и поттикнува цинизам и екстремизам. Таа го попречува економскиот развој, поттикнува нееднаквост, сиромаштија и социјални поделби. „Таа негува незадоволство и очај кога станува збор за можност за промена кон подобро, нешто што јас за жал често го гледам на средбите со граѓаните и со младите. Затоа се важни напорите за борба против корупцијата“, вели евроамбасадорот Гир. 

корупција
Граѓанското општество има главна улога на чувар којшто им наметнува одговорност на институциите и на функционерите, а клучна улога можат да играат и бизнисот и медиумите. Фотографија: Imago/blickwinkel

Тој оценува дека проблемот со корупцијата во земјата е огромен. а во изминативе неколку месеци посведочил на неколку настани кои разочараа многу граѓани. „Но, има и напредок во изминативе години. Извештајот за напредок во октомври покажа дека државата задржа добар чекор во борбата со корупцијата, дел од институциите покажаа добри напори на ова поле“, вели тој.  Посочи дека граѓанското општество има главна улога на чувар којшто им наметнува одговорност на институциите и на функционерите, а клучна улога можат да играат и бизнисот и медиумите. 

Дали работите можат да се променат?

Евроамбасадорот е категоричен дека работите можат да се променат. „Оваа земја е на крстопат, мора да избере дали ќе се движи напред, одлучно, дали ќе се справува со корупцијата, или ќе дозволи шемите на корупција да се вкоренуваат уште повеќе. Како да се бориме против неа - најпрво преку државните институции, тие мора да го намалат просторот за корупција преку закони и кодекси на однесување. Обвинителството мора да дејствува, а судовите да реагираат брзо, без разлика дали станува збор за влијателен човек што го прекршил законот“, дециден е Гир. Порача дека треба да се создаде средина што ќе биде непријателски насочена кон коруптивните навики. 

Остри пораки

И британскиот амбасадор во земјата, Метју Лосон, во своја објава на „Твитер“ оценува дека состојбата со корупцијата во С. Македонија не се подобрува, туку станува сѐ полоша. Според него, таквите состојби го поткопуваат владеењето на правото и ги ослабнуваат јавните институции.

„Неодамнешните загрижувачки извештаи укажуваат дека состојбата со корупцијата во Македонија се влошува наместо да се подобрува. Корупцијата го поткопува владеењето на правото, создава недоверба во судството и ги ослабнува јавните институции. Британија стои до Македонија. Апсолутно клучно е да се справите со ова“, порача амбасадорот Лосон.

Ваквите изјави следат по критиките коишто ги упати американската амбасадорка Анџела Агелер дека корупцијата го кочи напредокот на Македонија преку забавување на економскиот раст и поттикнување на најталентираните млади луѓе од земјата да бараат можности во странство. Таа најави дека во земјата пристигнал тим од Вашингтон кој е задолжен да идентификува кои поранешни но и актуелни функционери треба да бидат ставени на црна листа поради нивната корумпираност.  Во меѓувреме и советникот на државниот секретар на САД, Дерек Шоле, според најавите треба да ја посети земјата на 14 декември за да разговара со владини претставници за низа прашања, вклучително и за енергетиката, економијата и борбата против корупцијата.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи деновиве изјави дека Македонија побарала САД да помогне во борбата против корупцијата. Претседателката на Државната комисија за спречување корупција, Билјана Ивановска, вели дека тимот за санкции доаѓа како резултат на тоа што досега несериозно се сфаќаа сите укажувања и препораки за борба против корупцијата. „Во наредниот период ќе се расчистат сите овие дилеми зошто и како се дојдени, но за нас е поразително бидејќи не сме си ги завршиле сите домашни задачи“, истакна Ивановска.  

Антикорупциска комисија
Поразително е што ги немаме завршено сите домашни задачи за борба против корупцијата, вели Билјана Ивановска Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Слаби резултати

„Лоши сме во битката против  корупцијата, а немаме капацитет за ветинг“, оценува и претседателот Стево Пендаровски, според кој, правосудниот систем испорачува слаби резултати, но не е само тој надлежен за борбата против корупцијата.

„Нашето однесување, на политичарите на локално и централно ниво во однос на непотизам, тендери, наддавање, е примарен генератор за корупцијата да биде на вакви размери. За волја на вистината, перцепцијата за корупцијата е прилично поправена како оценка, но не е доволно и во западно-балкански рамки. Треба да бидеме најдобри на Западен Балкан и да почнеме да се мериме со европскиот просек. Далеку сме од просекот“, посочи претседателот гостување во емисијата „Патот кон” Алсат М, прашан за процесот на ветинг.

Корупцијата е закана за функционирањето на системот, владеењето на правото, за буџетот, за економскиот развој, за животниот стандард на граѓаните. „Сите чинители подеднакво во рамките на своите ингеренции треба да дадат свој придонес во решавањето на ова крупно прашање“, вели премиерот Димитар Ковачевски. За министерот за правда Никола Тупанчески „борбата против корупцијата е општествено прашање и ќе зависи од интегритетот на сите чинители во општеството, на нас како поединци и на институциите кои се вклучени во овој процес“.

Платформа на граѓански организации за борба против корупцијата порачува дека политичките ветувања, без сериозна заложба, значат само демагогија која не оди во прилог на подобрување на животот и стандардот на граѓаните. Пропуштеното време не може да се надомести и граѓаните губат верба во државата, поради што се почесто носат одлука својата иднина да ја градат и даноците да ги плаќаат во друга земја.
 
За да се искорени корупцијата, особено високата корупција, преку која милиони се одлеваат надвор на приватни сметки, потребно е да постои сигурност и предвидливост дека правдата ќе ги стигне корумпираните. Последните настани во правосудството, изборот на Јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција и претседател на судски совет, превирањата во советите (Судскиот совет и Советот на јавни обвинители) ја урниса перцепцијата за непристрасноста и ја намалија довербата во подобрување на квалитетот на правдата.

„Институциите се неодлучни, не реагираат или не постапуваат за справување со корупцијата. Граѓаните веќе подолго време ја чекаат реформата на именувањето на функционери и вработувањето на администрацијата по принцип на заслуги. Меѓутоа, место ваквата политика да биде приоритет за институциите на кои и се потребни најдобрите кадри, реформата е заглавена поради партиските интереси и коалиционите договарања“, укажуваат граѓанските организации.