Секоја партија со своја шема за вработување
30 мај 2024Изборните процеси влијаат на динамиката на привремените вработувања и консултантските услуги во јавниот сектор, но најсилно влијание имаат периодите на промена на власта. Секоја власт има различна шема на вработување во јавната администрација - додека едни владејачки гарнитури ги преферирале консултантските услуги, други повеќе ги користеле привремените вработувања. Ова го покажува анализата на влијанието на изборите врз вработувањата во јавниот сектор на Здружение за истражување и анализи (ЗМАИ), во рамки на проектот за Следење на можна злоупотреба на државните ресурси, поддржан од НДИ. Интересно е дека опаѓа интересот за постојано вработување во јавната администрација, што меѓу другото е резултат и на иселеничкиот бран и намалувањето на населението во земјата.
Како изборните процеси влијаат врз вработувањата?
Анализата, која што се базира на јавно достапни податоци за остварени буџетски трансакции од open.finance.gov.mk за период од 2010 до 2023 година, покажува дека на почетоците на функционирање на одредена владејачка структура има раст на привремените вработувања и консултантските услуги. Како што поминува времето, ваквите ангажмани се намалуваат, што може да се должи на трансформација на работниот однос во редовно вработување.
Со секоја промена на власта од 2018 година навака, има значителен раст на редовно вработените во јавен сектор. „Ова укажува на тоа дека на секоја нова влада потребни и се неколку месеци до една година, за да го користи јавниот сектор како можност за вработување. Сепак, се чини последните години, работата во јавната администрација станува се помалку атрактивна, па така, бројот на вработени повторно се враќа на нивото од 2015 година“, се посочува во анализата.
На централно ниво, највисоката исплата за привремени вработувања се забележува во 2010 година, кога сумата е пет пати поголема од следната највисока сума во 2023 година. Во 2011 година се случува пад од 89% кој може да се објасни со промена на статусот на вработените во редовни, промена на начинот на нивно ангажирање (преку договор на дело или авторски договор) или прекинување на работниот ангажман. Следна највисока релативна промена се појавува во 2018 година кога во однос на претходната година има пораст за 80%, причинет од дополнителни вработувања и зголемување на минималната плата.
Според официјалните податоци, во јавниот сектор до 31 декември 2022 година биле вработени 129.374 лица во 1. 354 институции. Во споредба со 2021 година, бројот на вработени во јавниот сектор бил намален за 2.714 лица
Злоупотреба на државните ресурси
Роберт Скот Хејзлет, виш директор на НДИ, вели дека злоупотребата на државните ресурси ги поткопува принципите на добро владеење, еднаквост и правда, што доведува до широко распространети негативни последици за општеството.
„Злоупотребата на државните ресурси е пречка за развојот. Владеењето на правото и етичките стандарди се поткопани. Економскиот раст се уназадува. Довербата во институциите е намалена. Ранливите заедници не се доволно услужени кога средствата се пренасочуваат кон неколку избрани групи. Исто така, кога функционерите ја користат моќта за лична корист, тоа ја нагризува ефикасноста и ефективноста на владините служби. Кога државните ресурси се користат за политички цели, тоа може да го искриви изборниот резултат“, посочи Хезјлет.
НДИ заедно со ЗМАИ очекуваат да развијат дигитална платформа која што ќе ги користи отворените податоци кои што се достапни и ќе ги вкрстува со цел да се следи можното влијание на изборните ресурси за време кога се спроведуваат јавните набавки, но исто така и привремените и постојаните вработувања во државниот сектор, но исто така ќе се следи и финансирањето на политичките партии.