1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мнозинството Германци против испораката на ракети Таурус

Сабине Кинкарц
8 март 2024

Колку Германија е во фокусот на руската шпионажа? Колку безбедноста на државата е загрозена од војната во Украина? Редовната неделна анкета „Дојчландтренд“ покажува дека граѓаните се загрижени.

https://p.dw.com/p/4dIoY
Ракетите Таурус имаат дострел од 500 километри и со нив Украинците би можеле да нападнат и цели во Русија
Ракетите Таурус имаат дострел од 500 километри и со нив Украинците би можеле да нападнат и цели во РусијаФотографија: Leonhard Simon/Getty Images

Олаф Шолц не попушта. Германскиот канцелар од редовите на социјалдемократите (СПД) и натаму ја отфрла можноста за испорака на крстосувачките ракети Таурус во Украина. „Јас сум канцелар и затоа е тоа така“, изјави тој претходно месецов. Шолц стравува дека тие ракети би можеле да бидат лансирани кон цели во Русија и дека со тоа Германија може да биде вовлечена во војната. Бидејќи, ракетите Таурус имаат дострел од 500 километри.

Со тој став не се согласуваат сите во владејачката коалиција на СПД, Зелените и Либералите (ФДП). Како прво, во ФДП има политичари кои размислуваат поинаку. Тие би можеле да ги здружат силите со опозициските демохристијани (ЦДУ/ЦСУ) во Бундестагот наредната недела, кои имаат намера повторно да побараат гласање за ова прашање во германскиот парламент. При првото гласање, мнозинството пратеници беа против испорака на Таурус во Украина.

Мнозинството против испорака

А, што мислат граѓаните на Германија за тоа? Според најновото истражување „Германски тренд“ (Дојчландтренд), мнозинството гласачи наклонети кон демохристијаните, како и гласачите наклонети кон СПД, го застапуваат гледиштето на канцеларот.

Наредната недела германскиот парламент повторно би можел да гласа за испораката на ракетите Таурус
Наредната недела германскиот парламент повторно би можел да гласа за испораката на ракетите ТаурусФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Само меѓу гласачите наклонети кон Зелените и либералите има тесно мнозинство за испорака на Таурус во Украина. Гласачите на Алтернативата за Германија (АфД) и новата левичарска Алијанса Сара Вагенкнехт се со големо мнозинство против испораките.

Повеќе пари за Бундесверот

Анкетата „Дојчландтренд“ (Deutschlandtrend) како и секоја недела ја спроведе институтот Инфратест-димап за потребите на јавниот сервис АРД. Истражувањето е спроведено од 4 до 6 март 2024 година, на репрезентативен примерок од 1.288 полнолетни лица кои имаат право на глас во Германија.

Истражувањето, значи, е спроведено откако рускиот претседател Владимир Путин повторно му се закани на Западот во своето обраќање за состојбата на нацијата, а тоа покажува дека шест од десет Германци сè уште стравуваат дека нивната земја директно ќе биде вовлечена во војна. Ист број смета дека не е отстранета опасноста од руски напад врз други европски земји. Затоа Германците непроменето се подготвени за поголеми напори за одбрана на земјата. 

Германската војска- Бундесверот беше цел на руска шпионажа
Германската војска- Бундесверот беше цел на руска шпионажаФотографија: Vladimir Esipov/DW

Три четвртини од испитаниците сметаат дека е правилна одлука на владата трајно да издвои најмалку два отсто од БДП за одбрана - односно значително повеќе од претходните години. Меѓутоа, се забележуваат разлики во однос на тоа како треба да се финансираат овие распределби. Повеќе од четириесет отсто од испитаниците се за штедење во други области, една третина е за поголемо задолжување, а само девет отсто се за зголемување на даноците.

Пад на довербата

На почетокот на месецот, Русија објави снимен разговор меѓу високи германски воени офицери. Повеќето Германци стравуваат дека нивната земја ќе стане уште повеќе цел на руска шпионажа, а во исто време сметаат дека Германија е слабо подготвена да се брани од руската шпионажа. 85 отсто од нив сметаат дека на Русија не може да ѝ се верува.

Кои земји би биле добри партнери за Германија - ова е прашање кое редовно го поставува Инфратест-димап. Најновото истражување покажува дека опаднала и довербата во традиционално важните партнери, како Франција и САД.

Растат критиките кон Израел

Од октомври минатата година, Блискиот Исток, заедно со Украина, стана опасно кризно жариште. Хамас, кој го нападна Израел во октомври, се смета за терористичка организација во САД, Европската унија и во други земји. Но, имајќи предвид дека хуманитарната ситуација во Појасот Газа е во критична состојба, растат и германските критики кон Израел. На прашањето дали воениот одговор на Израел е соодветен, 50 отсто одговориле дека не е. Тоа е за девет отсто повеќе од ноември минатата година.

Како изгледа Газа по речиси три месеци војна?

Повеќе од 60 отсто од испитаниците сметаат дека воената акција не е соодветна со оглед на страдањата на палестинското цивилно население. Навистина, речиси три четвртини сè уште веруваат дека Хамас е одговорен за страдањата на палестинското население, но бројот на оние кои го сметаат и Израел за одговорен - расте.

Да има избори во недела...

Во однос на мислењето за политиката на актуелната влада, ништо значајно не се менува со месеци. Четири петтини од граѓаните сѐ уште се незадоволни од германската влада. Тоа се одразува и на популарноста на партиите. Доколку има избори наредната недела, владејачката коалиција на СПД, Зелените и Либералите нема да освои мнозинство.

Социјалдемократите како и еден месец претходно се на 16 отсто. Зелените на 14, а ФДП со пет насто. Демохристијаните и натаму се најсилни со 29 отсто, а АфД е на второ место со 19 отсто, исто како и минатиот месец. Левицата со три проценти нема да влезе во парламентот, додека новата алијанса Сара Вагенкнехт би влегла во Бундестагот со шест насто од гласовите.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ