1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТероризамГлобално

Антитероризам: Зошто тајните служби разменуваат сознанија?

Давид Ел
30 март 2024

Пред неколку недели, САД ја предупредиле Русија од можен напад како оној во Москва на 22 март. Кога станува збор за тероризмот, тајните служби се однесуваат изненадувачки колегијално во поглед на сопствените сознанија.

https://p.dw.com/p/4e8b0
Припадници на силите за брзи интервенции пристигнуваат пред концертната сала Крокус во Москва по првичните итни повици
Припадници на силите за брзи интервенции пристигнуваат пред концертната сала Крокус во Москва по првичните итни повици на 22 март, 2024Фотографија: Sergei Vedyashkin/Moscow News Agency/REUTERS

Тајните служби, како што кажува самото име, работат во тајност. Тие собираат податоци кои ги користи националната безбедност или кои имаат за цел да им дадат информативна предност на нивните влади во донесувањето политички одлуки.

Освен тоа, може да се шпионираат и сојузниците - американската тајна служба за надворешни работи НСА дури со години го шпионираше мобилниот телефон на тогашната германска канцеларка Ангела Меркел. Може да се претпостави дека Вашингтон би сакал овaа работа никогаш да не беше откриена.

Меѓутоа, во други ситуации тајните служби го споделуваат своето знаење. На пример, на 23 февруари 2022 година, Соединетите Американски Држави ја известија Германија и другите европски партнери дека Русијаќе ја започне својата инвазија врз Украина наредната ноќ.

Кога станува збор за нападот кој се случи минатиот петок во Москва, тука станува збор за многу поневообичаен случај, а тоа е дека имено информацијата била споделена со земја која дефинитивно не важи како сојузник.

Какви информации ѝ дале САД на Русија?

На 7 март, американската амбасада во Москва ги предупреди своите граѓани во Русија: „Екстремистите имаат непосредни планови да нападнат големи собири во Москва, вклучувајќи и концерти“. Според препораката на амбасадата, граѓаните треба да избегнуваат масовни собири 48 часа.

Осомничените исламисти нападнаа дури 15 дена подоцна, но, ако се исклучи тоа, содржината на предупредувањето се совпаѓа со нападот во „Крокус Сити Хол“ во  Москва, во кој беа убиени повеќе од 130 луѓе.

Калининград
По нападот во Моксва, руската држава повика на јавно изразување на жалост - како овде во ексклавата Калининград на Балтичкото МореФотографија: Vitaly Nevar/TASS/dpa/picture alliance

Неколку часа по првите итни повици, портпаролката на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Адриен Вотсон, се осврна на предупредувањето од 7 март.

„Американската влада им ја пренесе оваа информација на руските официјални лица, како што тоа го прави долго во рамки на нашата политика 'обврска за предупредување'“, рече таа. Повеќе детали или изворот на разузнавачките информации не се јавно познати.

Колку сериозно руските власти го сфатија предупредувањето?

Очигледно недоволно сериозно, оценува истражувачот за тероризам на Кралскиот колеџ во Лондон, Питер Нојман. „Ова е поткрепено со фактот дека Владимир Путин јавно го отфрли ова предупредување како пропаганда. Тој во суштина рече дека ова е еден вид психолошка војна 'со која сакаат да ме исфрлат од концептот' и тој воопшто не го сфати сериозно“, рече Нојман во интервју за германското јавно радио Дојчландфунк.

Колку е вообичаено споделувањето информации во време на војна?

Иако САД не се страна во војната во Украина, тие ја гледаат Русија како закана за надворешната безбедност - всушност, Владимир Путин редовно отворено му се заканува на Вашингтон.

„Поаѓам од тоа дека Американците јавно го објавија ова предупредување бидејќи веројатно нема повеќе соработка со руските тајни служби“, изјави Мајкл Гетшенберг, експерт за безбедност за АРД.

Седиштето на руската тајна служба ФСБ во Москва
Седиштето на руската тајна служба ФСБ во Москва, која е критикувана од странски експерти дека што не ги проверила доволно внимателно информациите споделени од САДФотографија: Maxim Shemetov/File Photo/REUTERS

„Во основа, земјите секогаш меѓусебно се предупредуваат за претстојните или планираните терористички напади преку нивните тајни служби кога ќе дознаат за нив. Тоа се случуваше и во минатото во соработка со руските тајни служби. Но, претпоставувам дека оваа соработка е прекината поради војната меѓу Русија и Украина“, изјави Гетшенберг за ДВ.

Колку е блиска разузнавачката соработка на полето на меѓународниот тероризам?

Групите како огранокот на ИД, Исламска држава во провинцијата Хорасан (ИД-К), не застануваат на националните граници - како што докажуваат неодамнешните напади во Русија, Иран и во Авганистан. Во оваа смисла, за јавната безбедност од клучно значење е оние кои ја следат нејзината работа во различни земји, исто така, да работат заедно.

Според проценката на Гетшенберг, тоа генерално функционира добро. „Особено во областа помеѓу западните разузнавачки служби, информациите постојано се разменуваат, дојавите се пренесуваат, а потоа се обработуваат од надлежните истражни органи. Честопати, дојавите излегуваат како ирелевантни. Но, каде што има нешто што треба да се открие, се спроведува истрага и се апсат лица.“

Керман Иран напад
Во Керман, Иран, илјадници луѓе се собраа на 3 јануари, 2024 на поменот за генералот Касем Сулејмани, кој беше убиен во напад на американско беспилотно летало - двајца бомбаши самоубијци од редовите на ИД-К, убија речиси 100 луѓе на настанотФотографија: MEHR/AFP

Дали отсекогаш било вака?

Американските тајни служби се повикуваат на јавно достапната директива „Должност за предупредување“ од Законот за тајните служби од 1947 година и декретот на претседателот Роналд Реган од 1981 година. Од гледна точка на Мајкл Гетшенберг, ова добило на тежина, особено во последните години.

„Во основа треба да се каже дека 11 септември одигра навистина голема улога“, вели Гетшенберг. „Ни беше кажано дека ова не смее да се повтори, оти не се пренесуваат важните информации. И ова продолжува до денес“, вели тој.

Како реагира германската тајна служба на ИД-К?

Од перспектива на експертот за тероризам на АРД, Гетшенберг, германските власти направија добра работа во последните години во однос на ИД-К. „Во текот на изминатите две години, моравме повеќепати да се соочиме со ситуации во кои поддржувачите на ИД-К беа осомничени за планирање напади. Овие наводни планови беа успешно спречени во рана фаза.“

Во германскиот град Келн, осомничените поддржувачи на ИД-К веќе ја шпионираа катедралата, која е популарна кај туристите, како и еден фестивал како можни цели. И пред само нешто повеќе од една недела, истражителите во Гера, централна Германија, уапсија двајца мажи за кои се вели дека планирале напад врз шведскиот парламент под знамето на ИД-К.

Ккатедралата во Келн полиција
Меѓу Божиќ и првите денови од Новата 2024 година, околу катедралата во Келн беше воспоставен строг безбедносен концепт, поради основани сомневања дека ИД-К ја шпионирала готската катедрала како цел за нападФотографија: Thomas Banneyer/dpa/picture alliance

Во интервју за германското радио, истражувачот на тероризм Нојман истакна дека, според податоците на Европол, бројот на обиди за напади е нагло зголемен од 7 октомври – нападот на исламистичката терористичка група Хамас врз Израел. „Фала му на Бога, ништо не се случи, но нападите се сѐ почести.“ Понекогаш, вели, е прашање на среќа што ништо не се случува.