Аргентина: Изборна победа на „анархокапиталистот“ Милеј
20 ноември 2023Победник на претседателските избори во Аргентина е „анархокапиталистот“ Хавиер Милеј. Кандидатот од опозициската партија Ла Либертад Аванца (Слободата напредува) во вториот круг од изборите доби околу 56 отсто од гласовите. За неговиот конкурент, претходниот министер за економија Серџо Маса од левичарскиот Унион пор ла Патриа (Сојуз за татковината), гласаа само 44% од избирачите.
Маса го призна поразот уште пред да бидат објавени резултатите. Милеј е „претседателот што мнозинството Аргентинци го избраа за следните четири години“, рече Маса. Во првиот круг од гласањето пред речиси еден месец тој се најде на првото место со седум проценти гласови предност пред Милеј.
„Крај на падот“
Во својот победнички говор, Милеј вети дека ќе ја „обнови“ втората по големина економија во Јужна Америка (по Бразил). „Денес започнува крајот на падот на Аргентина“, истакна тој. Неговата идна влада се соочува со „монументални проблеми“: „инфлација, стагнација, недостаток на реални работни места, несигурност, сиромаштија и беда“. Овие проблеми би можеле да се решат само ако „повторно ги прифатиме идеите за слобода“, вели 53-годишниот Милеј, кој себеси се нарекува „анархокапиталист“.
За време на изборната кампања, Милеј изјави дека сака да ги скрати јавните издатоци „со моторна пила“, да ја укине централната банка и голем број министерства и да го замени аргентинскиот пезос со американски долар. Милеј сака и да го либерализира поседувањето оружје, но не е многу либерален кога е во прашање абортусот.
Во врска со можни протести против неговата политика, Милеј вели: „Знаеме дека ќе има луѓе кои ќе се спротивстават, кои ќе сакаат да го одржат овој систем кој обезбедува привилегии за некои, но го осиромашува мнозинството. Јас им го велам ова: Сè што стои во законот е дозволено - но ништо што е надвор од законот“.
Милеј често се споредува со поранешниот американски претседател Доналд Трамп и поранешниот шеф на бразилската држава Жаир Болсонаро. Неговата кариера започна со појавувања на телевизиски емисии во 2015 година, во кои тој разлутено ја напаѓа владата. Тие настапи подоцна беа раширени преку интернет. Милеи ја основа својата партија дури во 2021 година, кога влезе во аргентинскиот парламент како пратеник.
Без мнозинство во парламентот
Според многу експерти, целосно е нејасно како ќе се однесува Милеј по неговата изборна победа. Повеќето од неговите ветувања се чини дека се нереални бидејќи на новоизбраниот претседател му недостасува потребното мнозинство во парламентот. Инаугурацијата на Милеј е закажана за 10 декември. Тој ќе ја преземе функцијата од левичарскиот перонистички шеф на државата Алберто Фернандез, кој дојде на функцијата на крајот на 2019 година.
Аргентина е во длабока економска криза. Стапката на инфлација е над 140 отсто, а околу 40 отсто од луѓето живеат под прагот на сиромаштија. Земјата страда од преголем државен апарат, ниска продуктивност на индустријата и голема сива економија што ја лишува државата од многу даночни приходи. Националната валута, пезосот, продолжува да ја губи вредноста во однос на американскиот долар, а планината долгови постојано расте.