1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Бајден ги нападна директно поддржувачите на Трамп

ЕМФ / дв
2 септември 2022

Американскиот претседател Џо Бајден предупреди од опасноста од пропаст на демократијата во неговата земја. Тој ги нападна поддржувачите на својот претходник Доналд Трамп.

https://p.dw.com/p/4GL8K
Американскиот претседател Џо Бајден во Филаделфија, 1.09.2022
Американскиот претседател Џо Бајден во Филаделфија, 1.09.2022Фотографија: Jonathan Ernst/REUTERS

„Долго време бевме уверени дека американската демократија е загарантирана. Но, тоа не е така. Мораме да ја браниме, да ја штитиме, да застанеме зад неа, секој од нас“, изјави американскиот претседател Џо Бајден на предизборен собир во Филаделфија, во американската сојузна држава Пенсилванија.

Предупредување на опасност од силите „МАГА“

Притоа, тој директно ги нападна поддржувачите на поранешниот претседател Доналд Трамп. „Силите МАГА се решени да ја вратат оваа земја назад во времето“, рече Бајден.

Тој додаде дека во таков случај може да има Америка без слободни избори, без приватност и без контрацептивни средства. МАГА е кратенка од претходното предизборно мото на Трамп „Make America Great Again“ (Да ја направиме Америка повторно голема).

МАГА е кратенка од мотото на Трамп „Да ја направиме Америка повторно голема“
МАГА е кратенка од мотото на Трамп „Да ја направиме Америка повторно голема“ Фотографија: Andrew Kelly/REUTERS

Во својот говор во Филаделфија, град каде што беа усвоени Декларацијата за независност и Уставот на САД, Бајден уште рече: „Доналд Трамп и МАГА-републиканците претставуваа екстремизам што ги загрозува самите темели на нашата република“.

Претходникот на Бајден, Трамп, одби да го признае поразот на претседателските избори во 2020 година. Републиканецот тврди дека победата му била одземена со фалсификат, но за тоа никогаш не даде никакви докази.

Избори за Конгресот на 8 ноември

Бајден на изборите доби 81 милион гласови и јасно мнозинство од делегатите. За Трамп тогаш гласаа речиси 74 милиони Американци. На изборите за Конгресот на 8 ноември - во средината на мандатот на Бајден - ќе се гласа за сите 435 места во Претставничкиот дом на САД и за околу една третина од местата во Сенатот. Во многу сојузни држави има и избори за гувернери.

Демократската партија на Бајден наесен би можела да го загуби мнозинството во двата дома на Конгресот. Неодамна, надежите на Демократите дека сè уште можат да го спречат долгоочекуваниот изборен дебакл, сепак, се зголемија. Меѓу другото, партијата се надева дека кандидатите лојални на Трамп би можеле да бидат послабо прифатени од гласачите отколку што тоа го очекуваат поранешниот претседател и неговиот табор.