Бајден им подава рака на Републиканците по изборите
10 ноември 2022Американскиот претседател Џо Бајден ги оценува конгресните избори во САД како добар ден за демократијата. Таа беше на испит, но американскиот народ го кажа својот збор, изјави Бајден по меѓуизборите на кои неговата Демократска партија оствари подобри резултати од очекуваните. Целосните резултати не се познати, но изостана „црвениот бран“, односно триумф на Републиканците, рече Бајден.
Републиканците меѓутоа постигнаа добивки и најверојатно ќе ја преземат контролата врз Претставничкиот дом, додека контролата во Сенатот зависи од три трки, чиј исход уште е отворен. Бајден им подаде рака на своите политички противници: „Спремен сум за соработка со Републиканците“, рече Бајден со дополнување дека понудата важи независно од исходот на конгресните избори. „Мислам дека американскиот народ јасно покажа дека очекува од Републиканците подготвеност да соработуваат со мене“, изјави Бајден.
Сепак, тој најави свое вето против национална забрана за абортус и се заложи против намалување на даноците во корист на богатите. Тоа се два политички предлози кои може да стигнат од републиканскиот табор. Бајден најави дека по самитот Г20 ќе ги покани водечките претставници на Демократската и на Републиканската партија во Белата куќа на дискусија околу идна соработка.
Соопштувањето на одлуката дали повторно ќе се кандидира за претседателските избори во 2024 година, Бајден ја најави за почетокот на идната година - намерата постои, но решението ќе зависи и од неговото семејство и анкетите на јавното мислење.
Аналитичарите од Едисон Рисрч сметаат дека Републиканците освоија дополнителни десет места во Претставничкиот дом, кои претходно припаѓале на Демократите, што би било пет повеќе од минимумот кој им обезбедува мнозинство во Претставничкиот дом, но уште 42 од 435 трки уште не се одлучени.
На меѓуизборите кои се одржуваат на средината на мандатот на претседателот Бајден, се избираа сите 435 членови на Претставничкиот дом и 35 од 100 членови на Сенатот, како и носители на многу гувернерски и други важни функции во сојузните држави.