1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Бајден ја „најде“ причината за неуспешниот ТВ-дуел со Трамп

СН/агенции
3 јули 2024

Доналд Трамп и неговите приврзеници Џо Бајден одамна го нарекуваат „Поспаниот Џо“. Сега актуелниот претседател на САД тврди дека токму заморот бил причина за неговиот катастрофален настап на ТВ-дуелот со Трамп.

https://p.dw.com/p/4hnaL
Џо Бајден вели дека не бара изговори за неуспешниот настап на ТВ-дуелот со Доналд Трамп
Џо Бајден вели дека не бара изговори за неуспешниот настап на ТВ-дуелот со Доналд ТрампФотографија: Gerald Herbert/AP Photo//picture alliance

За многу лошиот настап на првата дебата пред претседателските избори во ноември, Џозеф Бајден како причина го посочи заморот од патувањата, велејќи им на новинарите дека „не се покажал толку паметен“ затоа што „патувал низ светот неколкупати“ пред ТВ-дуелот.

„Не ги слушав моите соработници... и тогаш за малку ќе заспиев на сцената“, рече тој.

Од последното патување, 81-годишниот Бајден се врати на 15 јуни, речиси две недели пред дебатата на 27 јуни.

За време на предизборната дебата во студиото на Си-Ен-Ен во Атланта, гледајќи дека кандидатот на Демократската партија е во многу лоша состојба и дека губи катастрофално од Доналд Трамп, предизборниот штаб на Бајден брзо соопшти дека тој има „настинка“.

За време на ТВ-дуелот, Бајден зборуваше тивко, мрмореше, често беше нејасен, а неговите реченици беа некохерентни.

Доналд Трамп и Џо Бајден на првата претседателска дебата во Атланта
Доналд Трамп и Џо Бајден на првата претседателска дебата во Атланта на 27 јуни, 2024Фотографија: Brian Snyder/REUTERS

Многу поддржувачи на Демократската партија се загрижени дека Бајден, чија кандидатура треба да биде потврдена на партиската Конвенција во август, всушност не е способен - и психички и физички - не само да го победи Трамп, туку и да ја извршува должноста претседател на САД.

Тој одлучно негира и тврди дека со него се е во ред, но дека е уморен. Бајден сега вели дека патувањата и промените на временските зони му влијаеле.

„Јас не барам изговор и ова не е тоа, туку објаснување“, рече тој на приватна акција за собирање средства во Вирџинија во вторникот вечерта.

Тој им се извини на симпатизерите на Демократската партија за неговиот настап во дебатата и истакна дека е „од витална важност“ да победи во ноември.

Џо Бајден за време на првиот претседателски ТВ-дуел со Доналд Трамп
Џо Бајден за време на првиот претседателски ТВ-дуел со Доналд ТрампФотографија: Michael Reynolds/EPA

Сепак, кај демократите расте стравот и вознемиреноста од пораз на ноемвриските избори, а во кулоарите се зборува дека на Конвенцијата на Демократската партија наместо Бајден може да се појави друг кандидат.

Еден од првите демократи што тоа јавно го кажа беше конгресменот Лојд Догет од Тексас.

„Се надевам дека (Бајден) ќе донесе болна и тешка одлука да се повлече“, рече Догет во вторникот.