1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Balkan Booster 4: Активни и покрај короната

25 септември 2020

Короната не го запре Balkan Booster! Проектот се одвива онлајн. Активни се и учесниците од претходните години.

https://p.dw.com/p/3iytu
DW Balkan Booster 2020 Picture Teaser
Фотографија: DW

Ригон од Тирана, Албанија, не си го замислувал Balkan Booster на овој начин. Кога се пријавил за четвртата рунда од успешниот проект на ДВ, се надевал дека ќе се сретне со млади новинари од соседните земји и дека заедно со нив ќе открива нови страни од Балканот. Но, во корона-година се’ е поинаку. Подготвителниот воркшоп, кој всушност требаше да се одржи во Белград, беше претворен во дигитална работилница. „Долго размислувавме пред да одлучиме да ги преместиме на интернет прво работилниците, а потоа и средбите на тандемите“, објаснува координаторката на проектот Аида Софиќ Салихбеговиќ. „Моравме се’ наново да обмислиме и да најдеме техничко решение. Не  можевме да ги снабдиме учесниците во проектот дури ниту со опрема за мобилно новинарство.“

Виртуелно прекугранично новинарство

За Ригон и останатите учесници во четвртиот Balkan Booster (BB4) сето тоа не беше причина да се обесхрабрат. За да може да ги прикаже проблемите на младите од Албанија, тој за своите видеа го користи сопствениот мобилен телефон: „Глобалнава пандемија ни покажа колку е важно да се соработува онлајн. Ова време со себе носи предизвици. Научивме нови техники, како да соработуваме едни со други и дека прекуграничното новинарство е можно и покрај отежнатите услови.“ Тој заедно со својата тандем-партнерка Милица од Србија сними и измонтира веќе три видеа. Се’ од дома и со онлајн-соработка.

Двајцата се запознале втируелно во текот на воркшопот. Милица можеше да го следи и покрај тоа што беше во карантин, откако нејзината цимерка се инфицирала со корона-вирус. Првично планираната тема не можеа да ја сработат, но Милица и Ригон затоа го интегрираа карантинот во своето видео - и притоа покажаа не само флексибилност, туку и хумор! Учеството во BB4 за Милица е важен чекор во нејзиниот професионален развој. Таа смета дека квалитетот на медиумите во нејзината татковина Србија не е добар. Истражувачкото новинарство е ставено на маргините. Освен тоа, таа радо би гледала повеќе репортажи за уметност и култура во медиумите, исто како и т.н. човечки приказни, и тоа не само од Србија: „Потребно ни е повеќе прекугранично новинарство. Медиумите овде, за жал, често се корумпирани. Значи, мора сами да се среќаваме со соседите и да ги раскажуваме нивните приказни.“ Мобилното новинарство е вистинскиот инструмент за тоа, а Balkan Booster е вистинската платформа: „Среќавањето со луѓе од целиот Балкан е многу инспиративно.“

Во потрага по идентитет

Тема во фокусот на BB4 во 2020 година е идентитетот. За 12-те нови учесници и околу 20 поранешни учесници тоа е шанса да се соочат на различни начини со себеси и своите соседи. „За да се приближиме до прашањето 'Што нѐ спојува, што нѐ раздвојува?', не е доволно да се остане во националистички конструкти. Повеќето млади луѓе се сити од тоа!“, објаснува главната уредничка на одделот за Европа во ДВ, Аделхајд Фајлке. „И нашите Бустеровци сакаат да дознаат повеќе и да ја надминат старата заслепеност. Тие заеднички одат во потрага по разноликоста и она што поврзува. Како се подготвува кафе во Босна, а како во Северна Македонија? Со какви теми се занимаваат младите луѓе во сферата на културата? Какви панбалкански траги може да се најдат на улиците на градовите?“

Средбите со младите колеги е прв чекор сопствениот идентитет да се согледа од аспект на другиот. „Кога партнерите во тандемите тргнуваат во потрага по теми и притоа мора да ги поврзат двете земји, почнува вистинско соочување со себеси, кое се одразува на нивното сфаќање како млади новинари.“

Повеќе од проект

Во четвртата година од  Balkan Booster намерно се работи со повеќе генерации новинари. Учесниците од претходните години им даваат поддршка на своите нови колеги со искуства и предлози. „Balkan Booster веќе не е само проект, туку огромна мрежа од околу 40 млади новинари која се протега преку цела Југоисточна Европа. Важно е да има размена и соработка и надвор од проектот“, објаснува Аделхајд Фајлке. Раководителката на проектот Аида Софиќ Салихбеговиќ додава: „Во текот на карантинот имавме видеа од сите земји за секојдневието во време на корона. Освен тоа, дел од поранешните и од овогодишните учесници од Босна и Херцеговина патуваа заедно и 25 години по војната разговараа со младата генерација и продуцираа видео-репортажи.“

Работата од претходните години вроди со плод. Веќе од Balkan Booster 1 младите новинари се зафаќаа со табу-теми. Ваквиот континуитет и сѐ поголемата публика покажуваат колку е голема потребата од нови формати со прекугранична перспектива. „Концептот е успешен“, вели Фајлке. „Првите три генерации учесници во Balkan Booster се и натаму активни, разменуваат искуства и соработуваат. Од тоа произлегуваат репортажи какви што на Балканот не можат да се видат. Врз основа на голем број реакции на социјалните медиуми заклучуваме дека нивниот поглед отаде границите предизвикува нови дебати.“

До крајот на годинава младите новинари ќе продуцираат веб-видеа какви што радо и самите би сакале да видат на нивните медиуми. Притоа, веќе докажаа дека дури и пандемијата не им претставува пречка. Фејсбук, Твитер и наскоро и Инстаграм каналите на ДВ нудат рамка за репортажите на младите луѓе кои се подготвени наново да го откријат својот свет - и тоа да го споделат со милионска публика.