1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Барања за повисоки плати во Германија

Миша Ерхард
25 март 2023

Синдикатите бараат повисоки плати за вработените, 12% за железница и 10% во јавниот сектор – според експертите ова може да поттикне таканаречена спирала на плати и цени. Зошто тоа би можело да биде проблем?

https://p.dw.com/p/4NQIH
Предупредувачки штрајк на вработените во пошта во Германија
Предупредувачки штрајк на вработените во пошта во ГерманијаФотографија: David Young/dpa/picture alliance

Синдикатот Верди во Франкфурт протестираше пред филијала на стоковната куќа Кауфхоф-Карштад, додека во филијалата се одвиваа тарифни преговори меѓу компанијата и претставниците на вработените. Барањата се умерени, а синдикатот повикува „само“ на примена на Колективниот договор за малопродажниот сектор. За менаџментот пак тоа е премногу. Тие сакаат да преговараат врз основа на специјалните тарифни договори постигнати при санација на компанијата, бидејќи компанијата поминува низ самонаметната стечајна постапка. Додека тука се работи за специјален случај, проблемот во основа е универзален: работниците ја губат куповната моќ поради растечката инфлација. Поради ова синдикатите се под притисок да испреговараат повисоки плати за своите членови.

Барања за двоцифрено зголемување на платите 

Тоа може да се види и во актуелните спорови околу тарифните преговори. Барањето од 12% зголемување на платите од Синдикатот на железницата (ЕВГ) е највисоко досега во историјата. Синдикатите бараат и зголемување од 10% за платите во јавниот сектор на покраинско и локално ниво.

Ретко досега се видени вакви барања. Но, исто така не се нереални – речиси четири милиони вработени во металопреработувачката и електроиндустријата, на пример, во два наврати ќе добијат 8,5% повисоки плати и еднократна исплата од 3000 евра нето.

Во овој контекст вицепретседателот на Европската централна банка Луис де Гиндос во едно интервју предупреди од таканаречена спирала на раст на плати и цени. Во случај на раст на платите и пораст на цените, тие меѓусебно се вивнуваат во висина, што носи потенцијалнонегативни последици за економијата. „Не смее да се случи ваква спирала на раст на плати и цени. Мора да бидеме внимателни,“ предупреди Де Гиндос за „Зидојче цајтунг“.

Германија јавен сектор тарифни преговори
Тарифни преговори за јавниот сектор - барања за зголемување на платите за десет процентиФотографија: Wolfgang Kumm/dpa/picture alliance

Про и контра

„Ако се случи ваква спирала на раст на плати и цени, тогаш ЕЦБ ќе мора да ги зголеми каматните стапки повеќе отколку што инаку би било потребно. Со ваква динамика, на крајот никој нема да излезе победник и ситуацијата се влошува за сите,“ вели де Гиндос, бидејќи зголемување на каматните стапки со цел справување со спирала на растечки плати и цени ќе влијае негативно врз конјунктурата и економијата.

Но, не сите економисти сметаат дека вакво сценарио во моментов е реално или опасно. „Во Германија засега нема знаци дека платите би се зголемиле до таа мера за да ја загрозат стабилноста,“ вели Себастијан Дулиен за ДВ. Тој е шеф на Институтот за макроекономија и економско истражување на фондацијата Ханс Беклер. Според него, тоа е така бидејќи не се клучни барањата кои ги поставуваат синдикатите, туку крајниот исход од преговорите.

Инфлацијата го зголемува притисокот врз сиромашните

Според последните податоци од германскиот Завод за статистика, досегашните резултати се релативно умерени. Минатата година платите во просек пораснале за 3,4%. Од друга страна значително повисоката инфлација „го изела“ ова покачување. Кога ќе се направи пресметка, всушност излегува дека има реална загуба на вредноста на платите од 4%. Вака погледнато и зголемувањето на платите од 8,5% во металопреработувачката и електроиндустријата е релативно. Со спогодбата се предвидува зголемување од 5,2% во 2023 година, а потоа уште еднаш зголемување на платите од 3,3% во 2024.

Цел - инфлација од два проценти

Инфлацијата во следните месеци најверојатно ќе остане далеку над оваа вредност. На пример, Институтот за светска економија во Кил за годинава проценува инфлација од 5,4%. Според  проценка на германскиот Сојуз за статистика направена оваа недела, цените во јануари се за 8,7% повисокиво однос на минатата година.

Фридрих Хајдеман од друга страна гледа ризик од спирала на раст на плати и цени. Според економистот од манхајмскиот Центар за европско економско истражување, ЗЕВ и покрај тоа што исходот од тарифните преговори досега бил умерен, актуелните барања за зголемување на платите укажуваат на движење во друга насока.

„Мислам дека спирала на раст на плати и цени воопшто не е исклучена. Платите исто така не мора да пораснат за осум проценти. Доволно е и ако се зголемат за четири до пет проценти. Тоа пак би имало ефект и би ја држело стапката на инфлацијазначително над два проценти.“

Целта на Европската централна банка, со која смета дека ќе се обезбеди стабилност на цените, е инфлација од два проценти годишно. Претходно целта „беше под, но блиску до два проценти.“

И главниот економист на банката ИНГ Германија, Карстен Брзески гледа дека доаѓа „мала спирала на раст на плати и цени“. Но според него тоа не е проблем, напротив: „Тоа е добро. Бидејќи во Германија во последниве три години по ред имаме пад на реалната вредност на платите. Куповната моќ е сѐ послаба. Оттука, сега е добро и зголемување на платите поголемо од стапката на инфлација.“