1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новото барање на Трамп ги потресе сојузниците во НАТО

9 јануари 2025

Членките на НАТО од Европа ќе имаат проблеми да ги зголемат издатоците за одбрана на 5% од БДП со оглед на големите трошоци за социјална помош на континентот. Но, може станува збор и за преговарачка тактика на Трамп?

https://p.dw.com/p/4oyp6
Трамп повторно повторно порача дека европските членки на НАТО треба да придонесат повеќе за Алијансата
Трамп повторно повторно порача дека европските членки на НАТО треба да придонесат повеќе за АлијансатаФотографија: picture-alliance/NurPhoto/J. Arriens

Барањето на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп сојузниците во НАТО да потрошат 5% на годишно ниво од својот бруто домашен производ (БДП) за одбрана, ги потресе европските метрополи две недели пред неговото враќање во Белата куќа.

„Мислам дека НАТО треба да има 5 проценти“, рече Трамп на прес-конференција во вторникот. „Сите тие тоа можат да си го дозволат“, додаде Трамп.

Двојно и повеќе од тековната цел 

Тоа е огромно зголемување од ветувањето од 2 проценти за кое се согласија сојузниците на НАТО, но што се покажа проблематично за неколку европски нации. Тоа е, исто така, дури и многу повеќе од 4-те проценти што ги бараше за време на првиот мандат како претседател. На самитот на НАТО во Вашингтон минатата година, воената алијанса откри дека најмалку две третини од нејзините членки потрошиле 2 проценти или повеќе за одбрана оваа година, а само Полска ја пречекорила и границата од 4 проценти.

Сепак се насетуваше дека европските членки на НАТО ќе мора да посегнат подлабоко во џебот за да ја оживеат слабата индустриска гранка за одбраната и да се спротивстават на потенцијална закана од Русија. Сепак, повеќе аналитичари за ДВ велат дека зголемувањето на издатоците за одбрана на 5% се чини невозможно во актуелната економска ситуација, дури и за релативно побогатите нации.

Две третини од сојузниците на НАТО ја постигнаа целта од 2 отсто, но аналитичарите веруваат дека 5 отсто е невозможно за повеќето од нив
Две третини од сојузниците на НАТО ја постигнаа целта од 2 отсто, но аналитичарите веруваат дека 5 отсто е невозможно за повеќето од нивФотографија: Deanna C. Gonzales/Planet Pix /Zuma/picture alliance

Да се бараат 5%, но да се прифатат 3,5%?

Оптимистичко толкување на барањето на Трамп е дека тоа е преговарачка тактика и дека НАТО, како сојуз на еднакви, ќе постигне прифатлив договор, според Рафаел Лос, политички соработник во Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР), кој се фокусира на безбедност и одбрана во евроатлантската сфера.

„Мислам дека зголемување на трошоците за одбрана на 3,5% Европејците може да го сметаат за пореално“, оценува тој за ДВ од Берлин. „Но, песимистичкото сценарио е дека тој е сериозен да ја извлече Америка од НАТО и да го охрабри Путин да го прави што си сака“, вели Лос.

Последното барање на Трамп се чини дека „во суштина е прва понуда“ и тој може да се задоволи и со помалку, смета Иан Лесер, шеф на канцеларијата во Брисел на германскиот Маршалов фонд. „Но, дури и 3% или 3,5% би биле премногу за многу членки“, посочува Лесер.

Не заборавајте ја Русија, вели шефот на НАТО

Минатиот месец првиот човек  на НАТО, Марк Руте, ја потсети европската јавност на руските инвестиции во одбраната од „7% до 8% од БДП“ истата година и рече дека Европа треба да се префрли на „воен начин на размислување“ и „турбополнење“ на одбранбеното производство на континентот.

Руте апелираше до Европејците да ја сфатат потребата од зголемување на трошоците за одбрана. Руте брзо го посети Трамп по изборите во САД
Руте апелираше до Европејците да ја сфатат потребата од зголемување на трошоците за одбрана. Руте брзо го посети Трамп по изборите во САДФотографија: Erik Luntang/Nato/dpa/picture alliance

Тој апелираше земјите да се откажат од дел од буџетите за социјална помош и да трошат повеќе на одбраната. „Во просек, европските земји до една четвртина од својот буџет наменуваат за пензии, здравствени и социјални системи“, рече Руте. „Нам ни е потребен мал дел од тие пари за да ја направиме нашата одбрана многу посилна и да си го зачуваме нашиот начин на живот“, споредува Руте.

Каде стојат главните европски земји од НАТО?

Ниту една членка на НАТО во моментов не троши 5 проценти од БДП за одбраната, според податоците од Алијансата. Најмногу троши Полска со 4,12% од БДП, па Естонија (3,43%) и САД (3,38%). Италија потроши 1,49 проценти од БДП за одбрана во 2024 година, што веројатно било тема кога италијанската премиерка Џорџија Мелони се сретна со Трамп на неговиот имот во Мар-а-Лаго.

И покрај идеолошкото сродство меѓу Трамп и Мелони, и од Италија ќе се очекува да ги зголеми своите издатоци, според Лео Горети, шеф на италијанската програма за надворешна политика во италијанскиот тинк-тенк Институт за меѓународни односи.

„Во најдобар случај Мелони може да извлече некои отстапки - како одложена временска рамка за Италија да ги зголеми трошоците за одбрана“, вели тој за ДВ од Рим, додавајќи дека барањето на Трамп јастава Мелони во тешка ситуација на внатрешно-политички план. „Италија навистина сака да троши повеќе за одбрана, но проблемот е што има многу ограничени фискални можности“, вели Горети и додава дека „трошоците за социјална помош, особено за здравствена заштита и пензискиот систем, не оставаат многу простор“. 

Дали и Македонија е на „црната листа“ на Доналд Трамп?

Обединетото Кралство, меѓу најсилните воени членки на алијансата, се соочува со истата проблематика. Земјата потроши 2,33% за одбраната минатата година и постојано е над границата од 2%, но сепак не ја постигна својата цел од 2,5%.

Зголемувањето на 5% се чини дека е особено тешка задача бидејќи владата вети социјални подобрувања кои чинат многу, вклучително и намалување на времето на чекање за лекарски прегледи и дополнителни стнабени објекти.

Франција и Германија се соочуваат со политички пресврт поради економската политика, додека десно екстремните групи кои симпатизираат со Русија се во подем. Франција потроши 2,06% за одбраната во 2024 година, а сегашните политички превирања ги поткопуваат одбранбените планови на земјата.

Германија: потребите за одбрана, а не БДП, да ја одредува висината на издатоците

Германија, која се соочува со предвремени избори следниот месец, делумно поради економската и буџетската политика, потроши 2,12 проценти за одбрана. Секое зголемување со сигурност ќе биде контроверзен предлог. За време на неговиот прв мандат, Трамп конкретно ја прозва Германија да ги зголеми трошоците за одбрана. Германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека Алијансата има „регулирана процедура“ за утврдување на воените капацитети кои што ѝ се потребни, додавајќи дека „важно е да сме сложни и да дејствуваме единствено по овие прашања“.

Главниот противкандидат на Шолц на претстојните избори, лидерот на опозицијата Фридрих Мерц, ги оцени како застарени цели за издатоци дефинирани како процент од БДП. „2%, 3% или 5% се во основа нерелевантни; клучно е да го направиме она што е неопходно за да се одбраниме“, изјави Мерц за јавниот сервис Бајерн 2 во средата.

Поголеми издатоци за одбрана за европски или американски набавки?

Аналитичарите веруваат дека ќе има долги и тешки преговори меѓу претстојната американска влада и нејзините европски сојузници, но веруваат дека може да има компромис каде се трошат повеќето пари. Ако Трамп ги натера да одат до 5%, тие би можеле да одлучат да потрошат поголем дел од готовината за градење на европска одбранбена индустрија наместо да купуваат од САД. Сепак, аналитичарите очекуваат дека може да се постигне договор.