Во светот денес има повеќе автократии отколку демократии
19 март 2024Бројките се отрезнувачки: според новата студија, квалитетот на демократијата се влошил во последните 20 години во 137 земји кои можат да се опишат како земји во развој или како т.н. земји во забрзан развој. Според „Индексот на трансформација" на Фондацијата Бертелсман, денес постојат 63 демократии наспроти 74 автократии.
На претставувањето на „Индексот на трансформација", Фондацијата Бертелсман овој понеделник (18 март) го покани и германскиот канцелар Олаф Шолц. Со оглед што десничарскиот популизам е во пораст во Германија, Шолц изјави дека е задоволен што стотици илјади луѓе неодамна излегоа на улици: „Тоа не дојде одозгора или од партиите. Точно е дека мораме да размислуваме за одбрана на демократијата, но тоа не е игра и не се прави на интернет, туку тоа сме ние. Ние мораме самите да ја заштитиме демократијата.“
Она што во Германија уште успева, во многу земји во светот станува сѐ потешко. Според студијата на Фондацијата Бертелсман, само во последните две години, кои се обележани од новата геополитичка ситуација, руската агресорска војна против Украина и пандемијата на коронавирус, изборите во 25 земји биле помалку слободни и фер отколку претходно. Истовремено, во 39 земји сѐ повеќе се ограничени слободата на изразување и на медиумите.
Пандемијата ја влоши ситуацијата
Сабине Донер, која учествувала во изработката на студијата, за ДВ зборува за тоа какви последици по демократскиот развој остави пандемијата во чиј тек беше воведуван полициски час и беа привремено ограничувани граѓанските слободи: „Пандемијата беше прилика уште повеќе да се ограничат правата и уште повеќе моќ да се концентрира во рацете на владите. Но, во суштина, пандемијата не ги создаде проблемите, тие веќе постоеја.“
Германската Фондација Бертелсман тврди дека нејзината студија е најголемо и најопсежно истражување од тој вид. Таа се базира на 5.000 страници извештаи за земјите кои Фондацијата ги составила со помош на 300 стручњаци, универзитети и трустови на мозоци во околу 120 земји. Во неа се испитува состојбата на демократијата, економскиот развој и начините на кои владите дејствуваат. Сите три категории моментално се на историски најниско ниво.
Позитивен тренд: демократиите полека се будат
Сепак, Сабине Донер не сака да очајува, и покрај сите негативни извештаи. Таа укажува дека во етаблираните демократии расте свеста дека светот станува сѐ помалку слободен: „Во последните две до четири години, граѓаните и влади, демократски држави, вклучувајќи нѐ и нас овде, во Германија, станавме попретпазливи во поглед на предизвиците кои произлегуваат од автократии. Тие предизвици се многу поголеми отколку пред десет години, но мислам дека сами сме виновни за тоа.“
Дали се демократиите спори и нефлексибилни?
Авторитарните владари своите постапки сакаат да ги оправдаат со тврдење дека демократиите се премногу гломазни, недоволно фкексибилни и дека веќе не можат да одржат чекор со глобалната конкуренција. Студијата се спротивставува на ваквите тврдења: ако се процени колку се делотворни владите, на пример во текот на пандемијата, тогаш се гледа дека лошо органиизираните и корумпирани режими како оние во Камбоџа, Венецуела или Зимбабве поминаа најлошо. Сите 45 земји со најниска ефикасност не спаѓаат во демократии.
Сабине Донер тврди дека автократиите не се однесуваат поразумно од демократиите во кризни времиња, што вели дека беше видливо и во односот на Кина во текот на пандемијата: „Тоа го видовме во текот на пандемијата на корона, кога стана јасно дека строгиот карантин не функционира. Видовме и дека имаше големи протести, без оглед на репресијата. Не само што во автократија потешко се препознаваат погрешните постапки, туку и потешко се исправаат. А автократиите можат да се најдат и под притисок, зашто населението не е задоволно од резултатите.“
Граѓанските иницијативи се клучни
Граѓанските активности на луѓе кои поддржуваат слободни избори, слобода на печат и медиуми и поделба на власта остануваат клучни кога е во прашање сузбивање на автократските тенденции. Ако тука постои континуиран притисок, тогаш одбраната од автократските тенденции може да биде успешна. Во студијата како примери се наведуваат неодамнешните избори во Кенија, Замбија, како и во Полска и Модавија.
А дали културните или верски влијанија играат тука помала улога? Односно, можат ли на пример муслимански земји како оние во регионот на Заливот сами да ги потиснат автократските тенденции? Сабине Донер вели: „Не знам зошто не би успеало тоа. На пример, Тајван или Јужна Кореја. Тоа се земји кои долго биле автократски управувани и кои на почеткот економски се модернизираа. Сега тие се многу стабилни и успешни демократии. Не постои никаков автоматски механизам кој тоа го спречува.“
Позитивни примери: Јужна Кореја, Костарика, Чиле, Уругвај
Главен заклучок на студијата е: сите земји најдобро поминуваат ако се демократски и во нив постои владеење на правото. Во соопштението со кое е проследено објавувањето на „Индексот на трансформација 2024“ за држави како Јужна Кореја, Костарика, Чиле, Уругвај и Тајван се наведува: „Вкотвени во владеење на правото и стратешки ориентирани – нивната јавна управа не само што обезбедува добри резултати во образованието, здравството и подобрување на животниот стандард, туку и кога е во прашање јакнење на демократијата."
А таму каде демократијата не функционира, владите, според студијата, мораат да бараат консензус кај најшироките групи население, многу повеќе отколку претходните години. Дури и ако тоа станува сѐ потешко во атмосфера на сѐ поголема поларизација.