Додека ме услужуваше во една градска установа, во разговорот еден млад Келнјанин спомена дека се‘ помалку му се лета со авион на летување. Тоа беше повод да раскажам колку често патував помеѓу Германија и Македонија кога бев на негова возраст. Мојот восхит за татковината очигледно го поттикна да ме праша: „Би ми препорачале ли да летувам во Македонија?“ Притоа сакаше да знае дали таму има услови за летување на фамилија. Восхитено извикав: „Секако!”. „Кои места би му ги препорачале”, ме потпраша. Не ми падна ништо на ум, освен Охрид. И додека му раскажував за најстарото езеро во Европа, тој ме праша што е таму привлечно за брачен пар со двегодишно дете. Како да не го чув, му раскажував дека Охрид има многу цркви, споменици на културата. Дека таму секое лето се одржува меѓународниот фестивал на класична музика, во една чудесна стара црква крај брегот на езерото. Тој љубезно ме слушаше, но престана да потпрашува. Небаре се оправдував, продолжив да му ја опишувам природата во Македонија која, според мене, е слична на онаа во некои предели во Тоскана, за која тој беше споменал дека ја познава. Кога тој продолжи да молчи, му реков на заминување дека би му ги препорачала и туристичките места на јадранскиот брег, особено тие во истарскиот залив, каде што може да допатува со кола. „Но, тоа е Хрватска, нели”, забележа тој.
„Втората Тоскана“
Ја затворив зад мене вратата и се прашав зошто кога тој веќе ми кажа дека сè помалку сака да лета со авион, не му реков дека за да летува во Македонија ќе мора да патува со авион. Дека со мало дете не би им препорачала да патуваат со автомобил од Келн до Охрид. Да бев искрена, ќе му речев дека не му би му ја препорачала Македонија, ваква, каква што е сега, за летување на фамилија со мало дете. Зашто таму нема да му биде понуден тој туристички стандард, кој тој го добива во Шпанија или во Италија. Сфатив дека посакав земјата во која се родив да му ја претставам како „втора Тоскана”, а притоа не знаев кое друго место би му го препорачала, освен Охрид. Кога помислив на Лазарополе или на Пелистер, ми стана јасно дека на двегодишни деца им треба поинаква околина. Им треба куќи среде лозја и маслиници, со градини и тераси со базен, какви што се безбројните омилени туристички места во Тоскана. Можеби токму затоа се почувствував збунето кога тој ме праша дали има и други туристички места, освен Охрид,.
Ми стана толку жал за земјата во која се родив која, за мене, е секако една од најубавите на Балканот. Ама, сепак, таа во овие три децении е како во стогодишниот сон од бајките, во кој се‘ повеќе се запустуваат прекрасните села, а младите од внатрешноста си заминуваат на Западот. Тие градови сега не потсетуваат ни оддалеку (а би можеле!) на оние питорескни местенца во Тоскана во кои секоја куќа е обновена, во кои на секој агол има чудесни ресторани и продавници за италијански специјалитети. Сето тоа е можно и во македонските градови во внатрешноста, но за тоа треба многу труд, инвентивност и фантазија.
Кога мислам на актуелната состојба во Македонија, често ме обзема тага пред споменот на моите родители и на сите генерации кои ја градеа првата македонска република во Југославија, Тие не беа патриоти од популистички вид како многу од денешните, чие поле на делување се социјалните мрежи или кафулињата. Тие беа патриоти со работа и труд, потврдени во изградбата на сите темелни институции кои се белезите на секоја стабилна држава. Како сите Македонци на нивна возраст во деведесеттите, моите родители се радуваа на самостојната македонска држава, затоа што тоа беше сонот на многу генерации. Тие веруваа дека со чесен труд, одговорност и самопрегор и Македонија може да се развие во модерна европска земја.
Впрочем, во Македонија живеат само половина милион повеќе жители отколку во градот Келн. Како може да функционира совршено еден град со жители од еден милион, како Келн, каде секоја година, пред да дојде пролетта, се контролира „здравјето” на секое старо дрво во градското подрачје и во големите стари паркови? А во Македонија шумите се претворени во депонии, а излетничките места што ги паметам од детството се распаѓаат. Нели е знак на неблагодарност да се има толку убава земја, толку раскошна природа, а таа да не се негува и култивира? Луѓето што си ја сакаат земја,та ја чуваат чиста и ја негуваат секоја педа од неа. Тие што си ја сакаат татковината, ја препознаваат нејзината убавина и прават сè, да им ја доближат на туристите. Секако, доколку сакаат да профитираат од нејзините природни убавини и од културното наследство. Македонија е толку мала, што сите градови и села во внатрешноста би можеле да бидат поврзани со модерни патишта.
Туристичка „ренесанса“
Само како да се најде јунак кој ќе поттикне да се направи долгорочен план за туристичка „ренесанса” на Македонија? Нејзе ѝ требаат талентирани и вредни луѓе со творечка фантазија. Такви, кои ќе се инспирираат од туризмот во Италија, Шпанија и Холандија. За тоа ќе треба да се ангажираат (барем како советници) младите луѓе кои се заминати од Македонија насекаде во светот. Тие таму научиле како се работи во модерните држави. Можеби така еден ден ќе се образуваат и политичари во Македонија кои ќе се потрудат вистинските луѓе да дојдат на вистинските позиции. Млади, модерни стопанственици би можеле да разработат долгорочни планови за туристичка обнова на напуштените села, но и на помалите градови кои се наоѓаат во пределите привлечни за туризмот. За таков туризам како тој во Тоскана, каде што со поволни кредити во осумдесеттите, со средства од европските фондови, во селата и градовите беа обновени или изградени приватни куќи во тоскански стил, а беше поттикнато и земјоделството и овоштарството. Некој од моите роднини од Скопје неоадмна ми рече дека во Македонија има многу добри нови винарии и лозја. Но, веројатно, во нивната близина уште нема можности за индивидуален туризам.
На Македонија и‘ требаат модерни концепти за развој на туризмот. Зашто и за развојот на туризмот е неопходна творечка фантазија. Некои од денешните Македонци се гордеат што биле потомци на „античките Македонци”. За да им поверува светот, треба да покажат дека ја имаат истата дарба, истата уметничка и градежничка фантазија како и оние непознати уметници кои ги правеле мозаиците во Хераклеа. За жал, многу од денешните Макединци, чија должност е да го одржуваат и да го презентираат на светот своето културно наследство, не се способни да го сторат тоа на најкомпетентен начин, а камоли самите да изградат градби, еднакви по убавина на тие на градителите од минатото. Тоа не значи дека такви луѓе не се раѓаат повеќе во Македонија. Тие луѓе во овие три децении попусто чекаа да заврши транзицијата. Младите Македонци со дарба и знаење не сакаа повеќе да чекаат додека да почне домаќинското и чесно градење на државата. Тие ја напуштија Македонија. И сигурно ја чувствуваат истата тага како и јас, кога мислат на актуелната состојба во Македонија. Затоа што се свесни за нејзината убавина и за нејзиниот потенцијал за развиток.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.