Битката за моќ на Пригожин му служи на Путин?
24 јуни 2023Безобразни псовки, диви клетви – основачот на платеничката воена група Вагнер, Евгениј Пригожин постојано одново јавно ги напаѓа министерот за одбрана Сергеј Шојгу и шефот на Генералштабот, Валери Герасимов. Тој ги обвинува лично двајцата за бавното напредување на т.н. „специјална воена операција“, која самиот едноставно ја нарекува војна, спротивно на официјалната регулатива.
Пригожин на двајцата им ја припишува вината за поразите и високите загуби: „Вашата неспособност чини десетици илјади животи на руски момчиња, тоа е непростливо,“ вели тој.
Пригожин ги навредува двајцата функционерисо изрази како „парфимирани прдешковци седнати на фотелја“, предупредувајќи ги елитите од одмаздата на народот, кој поднесува жртви на фронтот, додека тие се гостат со специјалитети. Пригожин го напаѓа системот и сепак останува недопрен.
Не е поведена никаква постапка против основањето и финансирање приватна армија, што во Русија е забрането. Не е поведен ниту процес поради повтореното дискредитирање на армијата, навреда на високи функцинери или повреди на законите за цензура.
Долго познанство
За Пригожин очигледно важат други правила, сигурно затоа што ја ужива наклонетоста на претседателот. Владимир Путин со кого се знаат долго, уште од времињата во Санкт Петербург, кога Пригожин по отслужувањето на затворска казна, ја започнал својата кариера на деловен човек.
Тој отворал ресторани, стана човек кој го снабдуваше Кремљ со храна и му беше дури прикачен од негов аспект несоодветниот прекар „Готвачот на Путин“. Факт е дека тој никогаш не готвел и не ни знае да готви, изјави Пригожин во интервју со патриотски настроениот новинар и самонарачен советник, Константин Долгов.
„Можеа да ми го дадат прекарот ‘Путиновиот касап', тоа ќе беше подобро“, изјави тој без секаква иронија. И навистина, борбената група Вагнер водеше многу крвави битки во интерес на Кремљ, во земји каде официјално немаше официјални руски ангажмани.
Информации кои му даваат заштита
Иако Пригожин во меѓувреме јавно призна постоење на некои од овие долги години затајувани мисии,тој веројатно располага со доволно детали кои му гарантираат извесна заштита од државниот врв.
Многу работи се лично комуницирани, изјави истражувачкиот новинар Руслан Левијев од Конфликт интелиџнс тим уште во 2019 година: „Очигледно постои директен контакт меѓу Путин и Пригожин. Понекогаш и без никакво учество на Шојгу. Шојгу у Пригожин не се поднесуваат.“
Цела редица обвинувања
Обвинувањата на Пригожин и на поранешните воени платеници дека Министерството за одбрана се кити со успесите кои групата Вагнер крваво ги извојувала, не се нови и не датираат од почетокот на војната во Украина. Уште претходно постојат обвинувања дека групата, која е позната по својата безмилосност и бруталност, не е опремена со доволно муниција и модерна техника и дека бирократските погрешни одлуки доведоа до високи загуби.
Во прв ред станува збор за признание и за стратешки прашања, но крајно и за моќ и влијание.
Неопходни борци
Пригожин во Русија има изградено паралелна воена структура, а регуларната војска во моментов тешко може да се откаже од борците на групата Вагнер, иако Министерството за одбрана нема директен пристап до неа.
Тоа го објаснува донекаде очајничкиот обид преку декрет да се спроведе подредување на сите т.н. доброволечки групи на Министерството за одбрана до 1 јули.
Ако Пригожин, како што најави, се спротистави на ставањето потпис, последиците за Министерството за одбрана би биле огромни, смета политикологот Михаел Наки во изјава на неговиот канал на Јутјуб. Тогаш за сите во Русија ќе стане видливо дека „Министерството за одбрана не може да ја контролира групата Вагнер и не може ништо да направи против неа.“
Фрагилна рамнотежа меѓу апаратите за безбедност
Пригожин на тој начин би демонстрирал голема моќ за масивно разнишување на фрагилната рамнотежа меѓу различните безбедносни апарати за безбедност.
Ситуација која се чини за режимот е деликатна, но сепак би можела да му оди во прилог на Путин. Негова успешна интервенција, неполна година пред претседателските избори, уште еднаш би подвлекла колку тој е неопходен како посредник и стабилизатор.
Дали е во прашање потценета интрига која излегла од контрола? Или Пригожин одамна следи своја сопствена агенда?
Политичкото кредо на Пригожин
Дали намерата на Пригожин е да изгради политичка позиција или во прва линија му е важно јакнење на неговата улога во системот на тој начин што, без оглед што и да се случи, би можел непречено да ги продолжи неговите лукративни бизниси, засега е отворено прашање.
Тој го истакна неговото политичко кредо во интервјуто со новинарот Долов:
„Ја сакам својата татковина. Се покорувам на Путин. Шојгу мора да си замине. Ние ќе се бориме и натаму.“
Критички изјави за воените цели
Притоа Пригожин е изненадувачки критичен и кон прокламираните воени цели на Путин. Наместо демилитаризација, во Украина е постигнат спротивен резултат. Војната ја претвори украинската армија во една од најсилните во светот, со морал, вели Пригожин со признание, кој не заостанува по ништо од оној на советската во Втората светска војна.