Борел со стратегија за решение „две држави“ на Блиски Исток
22 јануари 2024Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел на средбата на европските министри за надворешни работи со колеги од Блискиот Исток, што се одржува во Брисел, претставил можна стратегија за решение „две држави“ во регионот.
„Мора да престанеме за зборуваме за мировен процес и да почнеме поконкретно да зборуваме за процес на решение со две држави“, изјави Борел на средбата, додавајќи дека знае оти темата е тешка, но дека постои морална обврска да се стори сѐ за да се дојде до решение. Според Борел, особено е важно да се испита кои причини во моментов го спречуваат спроведувањето на решението со две држави. „Хамас е еден од нив – важен – но има и други“, рече тој, мислејќи на отпорот во Израел. Во врска со актуелната израелска воена операција во Појасот Газа, тој рече дека мирот и стабилноста не можат да се постигнат само со воени средства.
Борел не изнесе детали за својот концепт, кој треба да служи како основа за денешните разговори во Брисел. На разговорите е најавено учество на генералниот секретар на Лигата на арапски држави, Ахмед Абул Геит, како и министрите за надворешни работи на Саудиска Арабија, Египет и Јордан. Покрај тоа, предвидена е и средба со израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац и министерот за надворешни работи на Палестинските автономни области, Ријад Малки.
Во ЕУ, под решение со две држави се подразбира мирен живот еден покрај друг на Израел и независна, демократска палестинска држава. Напорите да се постигне ова со години не постигнуваат никаков напредок.