1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бројот на кредити се зголемува

Тагесшау | ЕМФ
6 септември 2023

Бројот на кредити во Германија сѐ повеќе се зголемува, покажува актуелно истражување. „Купи денес, плати утре“ е примамливо - но и ризично.

https://p.dw.com/p/4Vyen
„Купи сега, плати утре“ е примамливо, но и ризично
„Купи сега, плати утре“ е примамливо, но и ризичноФотографија: Zoonar/Przemek Klos/Imago Images

Зошто да се чека кога нешто може да се има сега? Од гледна точка на многу потрошувачи, мотото „купи денес, плати утре“ е понуда што не може да се одбие, особено што често се истакнува дека финансирањето е без камати. И потрошувачите го користат тоа: Бројот на новосклучените договори за кредити на рати во Германија рапидно порасна минатата година. Според кредитната агенција Шуфа, во 2022 година биле склучени речиси 9,1 милион договори за кредити, што е за 30 отсто повеќе од претходната година.

Добри 3,8 милиони од 9,1 милиони нови договори минатата година се мали заеми под 1.000 евра, покажува т.н. „Компас за ризик и кредити“ на Шуфа. Една година претходно, кредитната агенција изброи нешто повеќе од два милиони мали заеми. Во просек, потрошувачите во вакви случаи се задолжувале по 356 евра, а една година претходно тоа биле 398 евра. За првпат, процентот на микрокредити е поголем од процентот на новосклучени заеми за износи над 10.000 евра.

Шуфа предупредува

„Дури и отплатата на многу мали заеми може брзо да доведе до финансиско преоптоварување“, предупредува членот на управниот одбор на Шуфа, Оле Шредер. Повеќето заеми на рати се отплаќаат во согласност со договорот - како и во претходните две години, потрошувачите веродостојно ги исполниле своите обврски во 97,9 отсто од случаите. Сепак, истражувањата покажуваат дека поради општиот пораст на цените, финансиските резерви на многу луѓе сега се исцрпени, објаснува Шредер. Инфлацијата долго време го „јадеше“ зголемувањето на платите. Уделот на оние кои морале да бидат опоменувани повеќепати за да го плаќаат кредитот е зголемен од 4,7 на 4,8 отсто, стои во базата на податоци на Шуфа.

финансии
3,8 милиони од 9,1 милиони нови договори за кредити минатата година се мали заеми под 1.000 евраФотографија: Giorgio Fochesato/Westend61/IMAGO

Младите сѐ повеќе купуваат на кредит

Според наодите на Шуфа, пред сѐ помладите луѓе сè повеќе ја користат опцијата за плаќање на рати при купување во онлајн продавниците. Бројот на малите заеми под 1.000 евра во 2022 година е особено зголемен во групите на лица од 20 до 39 години. Овде растот во однос на претходната година е повеќе од 50 проценти. Порастот е најголем во групата од 20 до 24 години - 58,5 отсто.

Застапниците на потрошувачите повикуваат на претпазливост:„Нула проценти финансирање не значи автоматски дека стоките ги купувате евтино, тие всушност можат да бидат значително поскапи отколку кај други понудувачи“, предупредува Центарот за заштита на потрошувачи во покраината Северна Рајна-Вестфалија.

Организацијата за потрошувачи Штифтунг Варентест исто така истакнува дека кредитите на рати понекогаш се „сериозно“ поскапи поради такси и осигурување на преостанатиот долг. Шуфа пишува: Секој што купува на интернет сака да купува брзо. Финансирањето што се нуди таму изгледа евтино поради малите суми на кредитот. „Притоа речиси и не се прават точни пресметки.“

нула проценти
Кредит со нула камата не значи и дека стоката што се купува е евтинаФотографија: Annette Riedl/dpa/picture alliance

Кредитите на рати значително поскапи

Рапидно зголемените камати од минатото лето го поскапе и плаќањето на рати: секој што склучил договор за заем на рати преку компаративниот портал Веривокс во август тековната година, во просек треба да плати камата од 7,35 отсто. Во август 2022 година, позајмувачите го добиваа својот заем во просек со каматна стапка од 4,75 проценти. Тоа е зголемување на цените за 55 отсто.

финансии дигитрон
Според платформата за статистика, Статиста, бројот на презадолжени приватни лица во Германија минатата година паднал четврти пат по редФотографија: YAY Images/moodboard/IMAGO

Според проценките на кредитните банки во Германија кои се специјализирани за финансирање на потрошувачки и инвестициски добра, побарувачката за потрошувачки кредити сепак ќе продолжи во следните месеци. „Во следните дванаесет месеци приватните лица ќе користат исто толку заеми за купување стоки за широка потрошувачка како и во изминатите дванаесет месеци“, прогнозираше Здружението на банки на почетокот на август.

Кредитите ја стимулираат економијата

Минатата година, побарувачката за потрошувачки кредити повторно значително се зголеми по две години застој во времето на пандемијата на коронавирус. Банките организирани во сојузот на банки само на приватни клиенти им одобриле нови заеми со вкупна вредност од 56,6 милијарди евра, или 7,3 отсто повеќе отколку во 2021 година. Раководителот на сојузот на банки, Јенс Лоа, аргументира: токму сега, кога нивото на цените генерално се зголеми и луѓето се воздржуваат од трошење, „понудите за финансирање се од суштинско значење за стимулирање на економијата“. Сојузот на банки очекува постојана побарувачка за кредити во следните неколку месеци: на пример за нов автомобил, нова кујна или нов телевизор.

Презадолженоста се намалува

Според платформата за статистика, Статиста, бројот на презадолжени приватни лица во Германија минатата година паднал четврти пат по ред. Во 2022 година тој број падна на најниска вредност од почетокот на проценките во 2004 година - на околу 5,9 милиони граѓани на возраст над 18 години. Според информациите, околу 3,6 милиони од презадолжените се мажи. Според ова, повеќе од десет проценти од мажите постари од 18 години во Германија се сметаат за презадолжени или барем имаат постојани проблеми со плаќањето.