1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брзите избори на Мицкоски станаа маратон

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
14 февруари 2023

Тешко е да се разбере од заробеници на географијата и историјата дека идентитетот е во главите на луѓето, а не во територијата. Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/4NS8M
Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО ДПМНЕ Северна Македонија
Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО ДПМНЕФотографија: Petr Stojanovski/DW

Брзите избори што ги побара Христијан Мицкоски во 2018 година станаа првиот круг од маратонот на кој натпреварувачите стасаа до целта во 2020 година. По двегодишен пресинг на предизборни жестоки кампањи се одржаа „предвремените,“ во годината на редовни парламентарни избори. Уште несоземен од поразот, Мицкоски повторно јавна набранот на предвремени брзи избори. И како сега стојат работите од перспектива на 2023 година, вториот круг од маратонот најизгледно ќе заврши во 2024, пак во годината на редовниот термин за парламентарни избори, сеедно дали ќе имаат предзнак на редовни, или вонредни. Причината е банална, а штетите огромни.

Велам банална причина затоа што предвремени избори не можат да се одржат ако нема 61 глас во Собранието што ќе означи недоверба на владата. Никој друг нема право да го распушти Собранието. Зошто тогаш толкава врева со години ако се нема 61 глас за распуштање на Собранието? Само затоа што ѓурултијата за брзи избори е одржување на тензија дека големата победа е обезбедена, прашање е само на денот кога ќе падне владата, што секако гарантира традиционално приклонување кон победниците.

Во прашање е класична партиска доктрина редовно присутна во парламентарните демократии откако постои повеќепартискиот парламентарен систем. Опозицијата или власта бараат предвремени избори кога сметаат дека е тоа најпогодно за нив, да се задржи, или освои власта.

Постојана предизборна кампања цели 17 години

Опозицијата не мора и не треба да има обзири кон власта, не мора да биде ни конструктивна, како што често знаат сите власти да ја обвинуваат, заборавајќи на своето однесување и „конструктивност“ кога биле во опозиција. Но, има една непроменета константа во партиското делување, а тоа е - и опозицијата како и власта мора да имаат одговорност кон граѓаните кога станува збор за државните интереси кои ги засегаат сите граѓани и кои се далеку над партиските битки за власт.

-Повеќе од авторот: Бугарија не сака да ја види Македонија во ЕУ

Штетите се огромни поради ставање на прво место на партиските интереси над државните со силна пропаганда, манипулации и лажни вести за замаглување на интересите на граѓаните. Тоа е амбиентот во кој живееме на постојана предизборна кампања цели 17 години, почнувајќи од 2006 година до денес. Во периодот на владеењето на ВМРО ДПМНЕ од 2006 до 2016 година, позната како ерата на „груевизмот“, предвремени парламентарни избори се одржаа неколку пати, секогаш по избор на мнозинството во Собранието и по проценка на владата кога е тоа најпогодно за партиите на власт. Меѓутоа, и со последните шест години периодот од 17 години на предизборна кампања предизвика пустош во главите на луѓето, со постојани меѓусебни обвинувања и лаги, со јазик на омраза и со вековното наследство на пребројување на предавници и непријатели.

Скоро две децении во Македонија најголемата енергија и милиони евра народни пари се трошат во перманентна предизборна кампања, која повеќе наликува на објава на војна отколку на демократски натпревар. Во нашиот случај не станува збор само за вообичаена партиска и идеолошка спротивставеност меѓу опозицијата и власта. Дури, не се примарни и најважни ни потребата од контрола на власта и критика на злоупотребите и грешките. Ни обелоденувањето на случаи на организиран криминал и висока корупција не се од превентивна цел да не се повторат, бидејќи ни една од големите политички партии не е со чисти раце. Многу поголеми се штетите од децениската предизборна кампања која ја помести перцепцијата кај граѓаните од тоа што е нормално, а што ненормално.

Партиската централа на ВМРО ДПМНЕ во Скопје Северна Македонија
Партиската централа на ВМРО ДПМНЕ во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Патриотите видоа опасност од Фронтекс

И еве сега како тоа изгледа во најновите конкретни ситуации. Да почнеме од ратификацијата на Договорот за Фронтекс. Тоа е првиот договор меѓу ЕУ и Македонија потпишан на македонски јазик и кој нема само оперативно значење од аспект на заштита, туку и големо политичко значење за Македонија. За негациите на македонскиот јазик кревавме тензии до небо, обвинувајќи се меѓусебно за предавство на националните интереси, за распродажба на идентитетот, за најзначајната посебност на еден народ. И сега кога стаса потврдата со првиот документ на кој нема никаква забелешка од ниту една земја членка на ЕУ, ударот се случи во македонското Собрание. Опозицијата ја напушти седницата и не гласаше за ратификација на Договорот кој е потпишан пред цели пет месеци.

Ова веќе не спаѓа во делот на вообичена опозициска опструкција. Големите патриоти видоа опасност во успехот да се учествува во ратификација на прв заеднички документ со ЕУ напишан на 27 јазици, меѓу кои и македонскиот. Тоа лавирање според дневните партиски потреби за одбрана на националните интереси со заштита на македонскиот јазик од предавниците, до јавна навреда на Блаже Конески, творецот на литературниот јазик, како џуџето од Небрегово од актуелниот и денеска партиски идеолог Антонијо Милошоски, без грам извинување до граѓаните на Македонија, ја оголува револуционерната партија од лажната грижа за националните интереси и посебности, на само борба за власт.

-Повеќе од авторот: Да ги дочекаме Бугарите учтиво и студено

Вториот голем случај е Преспанскиот договор и античкото историско минато кое предавниците од власта, исто така, го „распродадоа“ за членство во НАТО кое само што не се беше распаднало и за наводен лажен почеток на преговорите со ЕУ. Сите камбани ечеа за големата трагедија од најновото предавство на националните интереси, за промената на името на државата, на националната припадност, за изгубеното славно историско минато. Се разбира, во еден таков амбиент експресно се вети дека веднаш по предвремените парламентарни избори ќе се поништи Преспанскиот договор и сѐ ќе се врати таму каде што си бевме свои на своето.

Подоцна, додека трае маратонот за брзи избори, тоа поништување на Договорот прерасна во понапредна фаза на подобрување наместо поништување, за на крајот повеќе да не се спомнува. А, НАТО нормално е далеку од распаѓање и секако членството мора да биде заеднички успех на сите граѓани и политички партии. Нели. Никогаш ВМРО ДПМНЕ не била против НАТО, напротив целосно била посветена за членство во НАТО, но не по таа цена, туку многу пониска. Така пишува во партиските програми, но во секојдневните кампањи и јавни настапи во зависност од поените на популизмот јазот секогаш се насочуваше на друга воденица.

Ќе нема промени во договорите со соседите

Третиот случај е Договорот за добрососедство со Бугарија, кој е многу поподатлив за политичка пресметка од Преспанскиот веќе заборавен Договор, освен од неколку многу учени луѓе кои таму го бараат почетокот на големото зло што ја снајде Македонија. Тешко е да се разбере од заробеници на географијата и историјата дека идентитетот е во главите на луѓето, а не во територијата.

Бугарската фактура стана многу потешка од грчката, бидејќи помалку го очекуваме тој удар отколку грчкиот, иако познавачите на односите меѓу двете земји уште од поодамна, многу пред Преспанскиот договор, предупредуваа дека Бугарија ќе ја постави блокадата во даден момент за Македонија на патот за Европа. Што и се случи.

Бугарското вето стана злорадост за префрлање на политичката пресметка од Грција на Бугарија и се разбира кон нерешителноста на ЕУ да пресече, ама сѐ по вина на власта во Македонија.Тоа би можело и да се прифати како нормална критика на опозицијата, но само под услов ако се понудат подобри решенија, дури и како опција на раскинување на договорите.

Ерол Ризаов, автор на колумната
Ерол Ризаов, автор на колумнатаФотографија: privat

Од опозицијата нема ни едно навестување за било каква промена на договорите. Единствена работа која секојдневно се повторува е дека власта нема двотретинско мнозинство во Парламентот и не може да се донесат уставните промени кои ќе овозможат влез на македонските Бугари во Уставот што ги отвара вратите за работа на кластерите кои ги содржат реформите во втората фаза од преговорите со ЕУ за редовно членство. Што значи ваквата стратегија на ВМРО ДПМНЕ и Христијан Мицкоски? Ништо друго освен тоа дека ако дојдат на власт и ако со коалиционите партнери имаат над 80 пратеници, дека веднаш ќе ги усвојат уставните измени и Бугарите ќе си влезат во уставот без големи потреси.

-Повеќе од авторот: Кој ќе ги стави Бугарите во Уставот - СДСМ или ВМРО ДПМНЕ?

Разликата е само во тоа што тој чин од партиските пропагандисти ќе биде прогласен за голема победа и успех, бидејќи Бугарија ќе го признае тоа што и денес го признава како реалност на постоењето на македонската држава, нација и јазик со спорни делови од историското минато и националната припадност на историските личности кои двете држави ги сметаат само за свои. Ниту една точка и запирка нема да смени вмровската влада ако победи на изборите 2024 година. Тоа веќе не само пред странските дипломати, туку врвот на ВМРО ДПМНЕ го најавува и во потрагата по потенцијални коалациони партнери кај албанските политички партии. Се разбира во голема тајност, бидејќи големи се очекувањата кај еден дел од јавноста дека ВМРО ДПМНЕ, ако дојде на власт, ќе го врати и уставното име и ќе ги поништи срамните договори.

Таква работа никогаш нема да се случи. Тоа е вистината,бидејќи и во ВМРО ДПМНЕ дознаа, додуша многу доцна, дека ако Македонија не влезе заедно со Албанија во членство на ЕУ, последиците ќе бидат драматични со опасност од поделба на Македонија. Поголема изгледност има Албанија, Македонија и Црна Гора да станат членки на ЕУ, побрзо отколку во пакет со Србија, со Косово и со Босна и Херцеговина, што е помалку веројатно, иако во Србија има соочување со реалноста за Косово и поместување од тврдиот став во замена за брзо членство во ЕУ.

-Повеќе од авторот: Соочување со реалноста во Србија и во Македонија

Колку таа операција во Србија и Косово успешно се зврши, толку се зголемуваат шансите на целиот регион за побрзи европски интеграции и успешно завршување на преговорите во кои се опфатени сите елементи на она што денес претставува главна меѓупартиска борба и најчесто само вербална определба. Не само членството во ЕУ, туку и сѐ она што е рак рана на западен Балкан, почнувајќи од организираниот криминал и високата корупција, демократијата, економијата, стандардот на граѓаните, инфраструктурата, образованието, здравството, културата, екологијата, земјоделството и сѐ она што претствува европски стандарди и поквалитетен живот.

Тоа да го направевме сами во изминатите 32 години, нашите позиции и во односите со соседите и со ЕУ ќе беа многу посилни и подобри, со голема веројатност дека од поодамна ќе бевме членки на ЕУ и на НАТО со многу побезболни компромиси. Три децении се доволен доказ дека тоа без помош на ЕУ и на Америка не можеме сами да го направиме. Од други алтернативи кои се актуелни во Македонија, никогаш не стаса подобра понуда.

Останува сами да дознаеме дека никој никогаш не видел дел кој е поголем од целината.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.