1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарка во владата, како жена на гусарски кораб

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
2 јули 2024

Професорот сигурно ја совладал првата лекција: што е најважно да знае кога ќе стане премиер. Дека правдата и правото се едно, а политиката на остварување на државните интереси е нешто сосема друго. Пишува Ерол Ризаов.

https://p.dw.com/p/4hklL
Групна фотографија на новата македонска влада
Групна фотографија на новата македонска владаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Каква голема трагедија не снајде, откриена е Бугарка во македонска влада. Да имаше такво сензационално откритие само пред два месеци во „предавничката“ влада ќе беше многу полошо од жена на гусарски кораб. Се случи баш сега страшна одмазда на историјата и тоа како фарса. На македонскиот патриотизам, гордост и достоинство му е зададен удар од торпедо што го испалија наследниците на солунските атентатори. 

Шегата на страна, претседателот на Бугарија, Румен Радев не треба да крева лажна тревога дека во Македонија се обесправува се што е бугарско. Треба само да ги побара од своите служби списоците на илјадниците државјанства и ќе може лесно да состави најмалку две – три влади во двете братски држави од „чистокрвни“ македонски Бугари и по дедо и по баба. Само што сега не се тука, туку главно во странство на работа, за спас им требал ЕУ пашапортот до кој лесно се доаѓа. 

Очекував Мицкоски да возврати во негов омилен стил, како за некои деликатни ситуации, во одбрана на достоинството и гордоста, па да каже јасно и гласно: ние имаме министерка во Владата која некогаш поседувала и бугарски пасош и државјанство, а имате ли вие Македонец во државата член на некоја организација, па макар била регистрирана како македонска невладина организација за плукање во далечина. Или, некоја македонска лингвистичка асоцијација во Бугарија која ги истражува разликите во јужно словенските  дијалекти и зошто множина од коњ е коњи, а не е коњови како што од вол е волови. Премиерот Мицкоски за ова даде некакво неразбирливо појаснување. И добро е што е така.

Сакам да кажам дека во Македонија не е вознемиреноста  дали министерката Сања Божиновска имала некогаш бугарско државјанство, туку сосема нешто друго. Не тоа што Божиновска станала министерка за енергетика и минерали, во тоа нема ништо загрижувачко. Дали имала, или немала бугарски пасош, ниту пак во тоа дали се откажала, или не од бугарското државјанство, дали уште во Софија ја водат како Бугарка и слични веќе банални прашања.

Воопшто не е битно дали министерката имала, или немала бугарско државјанство, туку нејзините прилично сомнителни и неразјаснети бизнис и други врски во Русија, Кина, Србија и Бугарија. Се работи нели за чесна и одговорна влада.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски
Македонскиот премиер Христијан МицкоскиФотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

Бугарите имаат еден извонреден афоризам на знаменитиот сатиричар и дисидент Радој Ралин за таа работа уште од времето на Тодор Живков кога ќерка му Људмила Живкова  била министерка за култура;. „Не се плашам од министерот на културата, се плашам од културата на министерот.“ Во случајот тоа може да се парафразира со нема вознемиреност од Бугарка во владата, туку од бизнис релациите на министерката.  

Ништо не бива со политика ем шуто ем боде 

Нашата несреќа е на друго место, а не во тоа од која националност се министрите и колку пасоши и државјанства имаат. Ако продолжиме со ваквата политика на ем шуто, ем боде во односите со ЕУ и соседите, еден ден можно е некаде во Мариово да откријат Македонец со македонско државјанство. А сега се чудиме како во Албанија на пописот се изјасниле 7.000 Бугари, кои порано биле Македонци. 

Во моментов, најважната работа на новата власт е  премиерот Мицкоски да прифати дека тој и владата не можат веќе да делуваат како опозиција. Премиерската функција и раководење со владата има друга цел и голема одговорност да ги остварува државните стратегиски интереси, а не тензично да се надмудрува со соседите и тоа за домашни потреби и притоа да поставува услови како да сме атомска велесила. 

Професорот по егзактна наука сигурно ја совладал првата лекција: што е најважно да знае кога ќе стане претседател на влада. А, тоа е дека правдата и правото се едно, а политиката на остварување на државните интереси се нешто сосема друго. Правда нема, ама има остварување на државните интереси со мудра политика. Оправдувањата дека некој ни направил неправда имаат рок на траење. На крајот најважен е резултатот. Како во спортот, така и во политиката. 

Политичари на високи функции кои не го разбираат ова не треба да се бават со политика. Тоа што ние сме во право и што правдата е на наша страна има некакво значење за опозициско лошо делување и доведување во заблуда на граѓаните. Создавање на амбиент да се освои власта со десничарски огнени говори за пропаста на Македонија и за клиничката смрт на државата поради предавници и ајдуци е многу поразлично од спроведување на реформите и членството во ЕУ

Дали Бугарија „ги купува“ Македонците во Албанија?

Но, што правиме со реалната политика на можности каде преовладуваат интересите на големите сили. Умешноста на политичарите е во такво опкружување и односи на силите во неправедниот свет да се остварат државните интереси на малите држави. Така од политичар се станува државник. Такви примери има повеќе, па и во нашето соседство.  Треба да се проучуваат и да се применат според нашите посебности и можности. 

Во ЕУ на куково лето 

Нашиот премиер седнал на две столчиња, еден кралски престол за домашна употреба и еден електричен стол под висок напон на кој прекинувачите му се во Атина, во Софија, во Брисел и во Вашингтон. Па откако нема опозиција во земјата, фрла чифтиња од кралскиот престол и држи лекции и на Европа и на Бугарија и на Грција. Ама домашните вознеси и храбри говори брзо стасуваат на наведените адреси, а од таму одговорот, ако го преведеме дипломатскиот јазик на разбирлив македонски јазик, гласи: Ако не ги почитувате договорите што сте ги прифатиле ќе влезете во ЕУ на куково лето.

Потоа следува лигавење, не сте не разбрале добро, ние ќе ги почитуваме лошите договори на нашите претходници, ама  тие се двонасочна улица, треба да ги почитувате и вие. Опааа, испадна работата дека и комшиите имале обврски кон Македонија, па не биле толку лоши договорите. Па нели Грција и Бугарија не направиле ниту една отстапка, или тоа беше голема тема на опозицијата за страшните велепредавства? Како и да е, седењето на две столчиња никогаш не дало добри резултати, па макар биле и премиерски фотелји. Обично се паѓа и од двете. 

Навијте ги часовниците по европско време 

Премиере, ајде почнете ја главната работа, навијте си ги добро часовниците, усогласете ги со европското време и тргнете да работите како претседател на одговорна влада, како што ја нарекувате, за во наредните четири години да отворите и затворите повеќе бриселски поглавја од насушно потребните реформи за членство на Македонија во ЕУ.

Ако не го направите тоа, брзо ќе заминете во заборав. По извесно време ќе прашуваат луѓето како се викаше оној професорот што ќе ги сменеше договорите со Грција, со Бугарија и со ЕУ.

Искористете ја шансата конечно и ВМРО ДПМНЕ со партнерите да направи нешто добро за Македонија во врска со евроатланските интеграции. Тоа е лесно изводливо кога во државата практично немате опозиција. Таа е зафатена со презентација на јавноста на своите валкани алишта за да докажат дека е добро што ги изгубиле катастрофално изборите. Го измешаа житото со трици.

Па така, сега премиере најголема опозиција се вашите  лажни ветувања, но вие знаете како да го измесите тоа аморфно тесто што ви верува што и да ветите, што и да кажете. Самите гледате како вестите почнуваат и завршуваат саде со успеси, како и што побаравте. Дури и повеќе од тоа, не морате повеќе ни да интервенирате. Луѓето си ја знаат работата што и како треба да објавуваат кога ВМРО ДПМНЕ е на власт.

Создавање на амбиент да се освои власта со десничарски огнени говори за пропаста на Македонија е многу поразлично од спроведување на реформите и членството во ЕУ. 
Создавање на амбиент да се освои власта со десничарски огнени говори за пропаста на Македонија е многу поразлично од спроведување на реформите и членството во ЕУ. Фотографија: DW/F. Schmitz

Се разбира, ни премиерот, ни владата не мора се да знаат, ама треба да знаат кој знае и да прашаат што понатаму. На пример, што може да ни се случи кога со ЕУ преговараат Украина, Албанија, Молдавија, Босна, Србија, Црна Гора, а утре и Косово, а ние останеме во балканската крчма. И тогаш ли ќе зборуваме за големата неправда што ни е направена. Колку државјанства и пасоши ќе земат граѓаните  ако овие држави стасаат пред нас на целта. Колку ли тогаш ќе се земат српски, албански, црногорски, бошњачки  државјанства и пасоши, можете ли да претпоставите? Што ќе се случува со нас и со Европа кога еден ден ќе заврши војната во Украина, а ние се уште мудруваме за работи кои немаат врска со главните државни приоритети. Со докажување на правдата наликуваме на средновековните црковни диспутати, повеќегодишни расправии околу темата  колку ангели можат да застанат на врвот на една игла.

Или, што ќе се случи уште во ноември годинава по претседателските избори во Америка ако победи Трамп, или Бајден. Какви ќе бидат последиците за иднината на ЕУ по изборите во Франција и во Германија. Тоа се клучните теми во кои треба да се бара визионерството, а не главен настан во државата се лопатите за удирање темели на училиште, или покачување на пензиите, како да е тоа подарок од владата, а не парите на граѓаните кои ги издвојувале со децении во пензискиот фонд помагајќи ја државата со солидарен дел од нивните плати.

Производството на електрична енергија од сонце, ветер и „магла“ е добра работа, но далеку е од она што што ќе ја спаси Македонија од распаѓање, ако веднаш не продолжат преговорите со ЕУ со засилено темпо на спроведување на тешките реформи. Направете го тоа уште утре за тоа имате над 100 гласа во Собранието. Имате на располагање доволно време, безмалку четири години да докажете дека одлуката ви е исправна.

Од мојата маленкост имате 30 дена поштеда. Се разбира тоа ништо не значи. Стана многу жешко, а има и големо невреме, удираат громови, а ветерот носи песок од Сахара и ги затвара очите. Се читаме во август.

Да сме здрави и живи. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.