Бундестагот усвои закон за намалување на бројот на пратеници
17 март 2023По жестока дебата, германската владјачка коалиција на СПД, Зелените и Либералите (ФДП) го искористи своето мнозинство и ги усвои измените на изборниот закон со кој се намалува бројноста на горниот дом на парламентот, Бундестагот, на 630 пратеници. За измените гласаа 400, против беа 261, а воздржани 23 пратеници.
Актуелниот состав на германскиот парламент со 736 членови досега беше најголем во светот, ако се исклучи Кинескиот народен конгрес и Домот на лордови во Обединетото Кралство, но тие два не се избираат по демократски пат.
Мнозинството Германци смета дека парламентот не само што е преголем,туку е и прескап: сојузниот буџет за 2023 година за Бундестагот предвиде околу 1,4 милијарди евра.
Неуставен закон?
Германската опозиција, која профитираше од досегашниот изборен систем, сега најавува поднесување тужба пред Сојузниот уставен суд, а за покренување соодветна постапка потребна е четвртина од пратениците во Бундестагот.
Шефот на пратеничката група на ЦСУ во Бундестагот, Александар Добринт, ја обвини владејачката коалиција дека го доведува во прашање правото на постоење на ЦСУ и сака да ја истисне Левицата од парламентот.
Лидерот на пратеничката група на опозициските Демохристијани, (ЦДУ/ЦСУ), Фридрих Мерц апелираше до власта во последен момент да го одложи гласањето за измените на изборниот закон, со оглед што тие беа претставени само пред неколку дена, но безуспешно.
ЦДУ, ЦСУ и Левица го сметаат новиот изборен закон за неуставен.