ЦДУ убедливо најсилна на покраинските избори во Хесен
9 октомври 2023Партијата на актуелниот шеф на покраинската влада во Хесен, ЦДУ (Христијанско-демократска унија), освои 34,6 отсто од гласовите. Тоа е зголемување од 7,6% во однос на изборите во 2018. Според тоа, премиерот Борис Рајн ќе остане на функцијата. По победата на покраинските избори, 51-годишниот демохристијанин зборуваше за јасен владин мандат што граѓаните ѝ го дале на неговата партија. Рајн им понуди разговори за можна коалициска соработка и на СПД и на Зелените,како и на ФДП. Сè уште не е сосема јасно дали либералите воопшто ќе влезат во покраинскиот парламент.
Казнета семафор-коалицијата на СПД, Зелените и ФДП во Берлин
Според прелиминарните резултати, Зелените, коалицискиот партнер на ЦДУ во покраинскиот парламент на Визбаден веќе десет години, освоиле 14,8 отсто од гласовите и затоа математички можат да продолжат да владеат со ЦДУ и покрај загубите (минус пет отсто).
Главниот кандидат на Зелените во Хесен, покраинскиот министер за економија Тарек Ал-Вазир, го припишува послабиот резултат на неговата партија на покраинските избори меѓу другото и на негативното влијание од Берлин. „Сите партии кои се дел од сојузната влада немаа ветер во грбот за поддршка“, рече Ал-Вазир во Визбаден.
Изборниот ден беше горчлив за СПД на канцеларот Олаф Шолц и за Либералите. Социјалдемократите со нивната шпиценкандидатка Ненси Фезер, која е дел од берлинската сојузна влада како министерка за внатрешни работи, го постигнаа својот најлош резултат во историјата во покраината Хесен, освојувајќи 15,1 отсто од гласовите (минус 4,7%). Фезер зборува за „многу разочарувачки“ изборен резултат. СПД, рече таа во говор пред своите сопартијци, со своите теми воопшто не допрела до избирачите. „Заедно ќе го издржиме ова“, рече Фезер.
ФДП со 5% освоени гласови успеа да го мине прагот за влез во покраинскиот парламент. Втора најсилна партија во Хесен е десничарската АфД, која стигна до 18,4 отсто освоени гласови (зголемување од 5,3 отсто).
Право на глас во покраината Хесен имаат 4,3 милиони граѓани. Одзивот беше 66%.