Повлекувањето на бугарскиот амбасадор е неумерен гест
27 јануари 2023Повлекувањето на бугарскиот амбасадор од Скопје е неумерен гест, оцени Весела Чернева заменик-директор на Европскиот совет за надворешна политика и директорка на софиската канцеларија на оваа организација. Чернева, која е реномиран регионален експерт за надворешна политика, беше и советник за надворешна политика на поранешниот премиер Кирил Петков.
„Тоа што се случува (меѓу Скопје и Софија- н.з.) е синџир на провокации кои ги има подолг перид, избувнуваат одвреме-навреме, па спласнуваат, и тоа многу зависи од политичките циклуси во двете земји. Кога се ближат избори во Бугарија вообичаено тој циклус пак се крева“, рече Чернева за бугарската ТВ1.
Таа посочи дека на двете страни на границата има две партии со иста генеза, кои постојано создаваат поводи за да има тензии меѓу двете земји, а околу нив и групи слични на нив, како што е случајот со Костадин Костадинов и други политичари, кои се занимават со тоа да одржуваат постојани тензии.
„Ништо не го оправдува нападот врз македонскиот граѓанин со бугарска самосвест, впрочем и врз кој било друг такво нешто нема оправдување. Но, зрелоста на двете земји ќе се мери според тоа како можат да ги искористат механизмите кои веќе постојат, и беа договорени од владата на Петков со Брисел, за да може да се расчистат такви инциденти уште на самиот почеток. Во моментов не гледам дека тоа се случува. Напротив, дури и гледам желба за радикализација од бугарска страна. Според мене, повлекувањето на бугарскиот амбасадор од Скопје е неумерен гест, и ако ние навистина се грижиме како живеат Бугарите во Северна Македонија, какви права имаат тие и како се впишуваат во македонските институции, треба да можеме да им создадеме услови, а не постојано да ги настројуваме останатите против нив. Зашто, тоа е она што се добива во крајна сметка. Обичните луѓе со бугарска самосвест страдаат поради провокациите на маргиналците и од двете страни на границата“, изјави Чернева.
Радев разговарал со Вархеји
Нејзината оценка е во духот на она што вчера го изјави шефот на македонската дипломатија, Бујар Осамни.
„Последните активности на официјална Софија, не се во согласност со договорената практика за унапредување на меѓусебните односи; напротив, тие претставуваат потклекнување кон провокациите на оние кои сакаат да ги нарушат напорите на двете Влади за стабилен и позитивен развој на односите меѓу двете земји“, рече Османи, по одлуката на Софија да го повлече нивниот амбасадор во Скопје, „сѐ додека нема знаци на промена во РСМ“.
Бугарскиот претседател Румен Радевво вчерашниот телефонски разговор со комесарот за проширување и соседска политика на ЕУ, Оливер Вархеји, порачал дека „крајно време е институциите во Република Северна Македонија ефикасно да се спротивстават на насилството и вербалните изрази на омраза кон Бугарите“.
„Претседателот нагласи дека зачестените случаи на агресија врз Бугарите кај нашиот југозападен сосед бараат категоричен институционален одговор. Обидите за нивно омаловажување и третирање единствено како криминални случаи, не се во интерес на билатералните односи и европската перспектива на РСМ. Недејствувањето и недостигот од казни стимулираат злосторства од омраза. Претседателот ја повика ЕУ да го гарантира почитувањето на правата и безбедноста на Бугарите во РСМ, со истата енергија со која инсистираше на забрзување на нејзината евроинтеграција“, соопшти Кабинетот на Радев.
Добива некој трет
Повлекувањето на амбасадорот и најавата на Софија дека ќе ги прекине сите меѓудржавни проекти со Скопје, наидуваат на поддршка во тамошни националистички кругови, кои повикуваат навраќање на ветото. Оние кои се залагаат за градење добрососедство сметаат дека со избрзани потези единствено добиваат „некои трети“. Таков е ставот на Велизар Шаламанов, поранешен бугарски министер за одбрана, кој запирањето на заедничките проекти со РСМ го смета за опасно, особено во пресрет на кампања за избори, но и поради војната во Украина.
„Многу важно е детално да се расчисти случајот пред да се преземат сериозни мерки (...) за да се запрат ваквите случаи, бидејќи луѓето во двете земји губат, а добива некој трет“, коментира на социјалните мрежи.
Според него, ако кон тоа се додадат тензиите во Косово и Босна, може да се покаже дека Бугарија се вовлекува во совршена бура на Балканот, во време кога целиот свет е фокусиран врз потпомагањето на Украина и убедувањето на Кремљ да се повлече од окупираните територии.
„Сето тоа ќе има тешки негативни последици за нашата земја, а и за луѓето со бугарска самосвест во Северна Македонија. Заедничка операција на нашите служби во рамките на НАТО за пресекување на провокации против добрососедството, и волјата на двете земји да се активни членки во НАТО со придонес за регионалната стабилност и помош за Украина, би бил еден добар почеток на промена во ситуацијата“, оценува тој.
Во наредните денови, покрај дипломатијата, пред голем предизвик ќе биде македонското МВР, со оглед дека на социјалните мрежи веќе се шират повици за самоорганизирање, со цел на 4-ти февруари да се спречи пристап на организирани бугарски групи до гробот на Гоце Делчев, се шират иницијативи за држење ноќна стража, како и за блокада на патен правец со камиони, автомобили, трактори.