1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МПЦ-ОА се мобилизира против родовата еднаквост

ДТЗ
26 јуни 2023

Црквата ги повикува верниците на собир против родовата еднаквост, во исто време кога Комисијата за спречување на дискриминација бара извинување од епископот Јаков за неговите навреди кон трансродовите лица.

https://p.dw.com/p/4T3f3
МПЦ-ОА г.г. Стефан
Како никогаш досега, Црквата станува гласна и ги повикува верниците своето незадоволството да го изразат на собир пред Соборниот храм во СкопјеФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

МПЦ-ОА ги повикува верниците на собир против родовата еднаквост, во исто време кога  Комисијата за спречување на дискриминација бара извинување од епископот Јаков за неговите навреди кон трансродовите лица. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека епископ Јаков Стобиски треба да се извини за сторено вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет врз ЛГБТИ заедницата. Во спротивно против него ќе биде поднесена прекршочна постапка. 

Епископот Јаков преку своите јавни настапи изминатиот период изразил мислења, ставови и идеи кои се понижувачки, навредливи и деградирачки кон трансродовите лица и кои ја охрабруваат дискриминацијата и омразата кон ЛГБТИ луѓето. Тој го искажал својот став кон трансродовите лица преку стереотипи, опишувајќи ги како лица кои страдаат од ментално растројство, нагласувајќи ја на тој начин стереотипната и штетна слика за нив и нивната позиција во општеството, смета комисијата. Претставки беа поднесени од страна на КВИР Центарот и Коалиција МАРГИНИ. 

Токму пораките на епископот Јаков беа иницијалната каписла која што доведе до отворен судир меѓу граѓанското општество и црквата. Копјата се кршат околу законите за родова еднаквост и матична евиденција, кои со месеци ја  брануваат јавноста. Како никогаш досега, Црквата станува гласна и ги повикува верниците своето незадоволството да го изразат на собир пред Соборниот храм во Скопје, на кој ќе се побара „зачувување на достоинството и слободата и заштитата на основните верски права“. Повикот го упати преку видео-порака поглаварот г.г. Стефан, а соопштение испрати и МПЦ-ОА. Црквата порачува дека „сите имаат должност да го спречат менувањето на реалноста“.  

„Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА со голема загриженост го следи  процесот на носење на Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција. Во предложените закони се упати на низа спорни елементи од страна на стручни лица, експерти и граѓани, но тие не се земаат предвид. Напротив, законите се обидуваат да се донесат што побрзо и нетранспарентно, на штета на граѓаните, а особено на жените и децата“, се наведува во соопштението. Поради тоа в четврток во 18 часот ќе се организира Сенароден собир пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

„Зачувување на достоинството“

Поглаварот на МПЦ ОА во видео- обраќање вели дека „секој од нас, но и сите заедно имаме света должност она што сме го примиле и наследиле од нашите предци и како посебност и како сечовечко наследство и предание да го продолжиме и да го оставиме на поколенијата по нас“. „Со тоа го чуваме не само минатото, туку обезбедуваме и иднина како припадници и на својот народ и на општо човечката заедница. Бранејќи ги и чувајќи ги достоинствено тие придобивки ќе ги исполниме своите обврски и кон Бога и кон својот род“, порачува поглаварот на македонската православна црква. 

Незадоволството околу законските решенија за родова еднаквост веќе подолго време предизвикуваат незадоволство во МПЦ. Црквата е загрижена бидејќи смета дека со овие закони се отвора можност секој од општеството да биде препознаен како маж или жена само врз основа на своите индивидуални чувства. 

Лидерите на петте верски заедници во земјата преку заедничко соопштение во мај реагираа дека  се неприфатливи легалното признавање на „родовиот идентитет“ во овие закони, како и збунувачкото разликување меѓу: пол, род и родов идентитет. Преку нивното донесување, место да се заштитат, се отвора можност за дискриминација токму на најранливите ‒ жените и децата. „Промовирањето на различни родови идентитети и 'флуидноста' меѓу нив, можат да предизвикаат непоправливи штети, особено кај тинејџерите, кои, вака упатувани и образувани, треба да минат низ процес на самоиспитување и испробување, несоодветен за нивната возраст“, порачаа верските заедници.

Парада на гордоста во Скопје
Црквата особено се крена на нозе пред и по одржувањето на  „Парадата на гордоста“ во Скопје.Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Црквата на нозе

Црквата особено се крена на нозе пред и по одржувањето на  „Парадата на гордоста“ во Скопје. По седницата на Синодот на МПЦ-ОА на 20 јуни, тие информираа дека се загрижени бидејќи релевантните институции го игнорирале „соопштението од сите верски заедници, кои претставуваат 95 отсто од населението, и не ги прифатиле сугестиите во однос на предлог-законите за матична евиденција и за родова еднаквост“.

Со оглед на тоа дека постапките продолжиле низ собраниски филтри, црквата бараше тие да се повлечат од процедура, бидејќи смета дека претставуваат сериозна закана за општеството, особено за неговата основна клетка – семејството. Со образложение дека мора да биде заштитено и одбрането семејството, а пред сѐ децата, црквата повикува на „заштита на верата и традиција од обидот за нејзино ‘искоренување’.

Според активистите за родова еднаквост, пак, Законот за родова еднаквост не е против ниту еден граѓанин, децата и семејствата, ниту пак со истиот се одземаат нечии права, туку вклучува подобри институционални механизми за унапредување на положбата на жената, еднаквост на жените и мажите во остварувањето на својот личен, социјален, економски и општествен потенцијал. „Законот е за подобро утре за жените, децата, за демократијата, за еднаквоста во општеството“, велат тие.

Активистите и порача на црквата да ги преиспита своите ретроградни ставови, но и со со подеднаква жар да ги брани сите, особено ранливите групи во општеството и да заложува за унапредување на правата на сите. Тие деновиве разменија преписки и со струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов, кој ги прогласи за ништовни сите договори за соработка со оние невладини организации кои му го оспоруваат правото на негово верско изразување.

Ваквата одлука тој ја донесе откако се најде на мета на социјалните мрежи поради фотографиите од Струмица на кои се гледа „пречкртано виножито“. 

Активистката Ирена Цветковиќ остро го нападна, обвинувајќи дека „Струмица од една прогресивна општина, општина која уживаше имиџ на слободарска зона во времињата на режимот, сега се претвори во нео-фашистичка паланка чија исклучувачка и хејтерска идеологија не може да донесе никому ништо добро“. 

Микс на политика и религија

Гласот кој го крена МПЦ-ОА околу два закони, за коишто бараа да бидат прифатени нивните сугестии, според аналитичарите, се оценува како обид на црквата да се врати на јавната сцена, да излезе од граѓанското општество и да стане политички фактор. Но, МПЦ, според нив, својата мисија треба да ја оствари во рамките на црквата, но не и на јавната сцена.

Социологот Илија Ацески неодамна за ДВ посочи дека живееме во една традиционално општество каде сѐ уште не можат да се прифатат различностите. „Но, црквата тоа на еден елегантен, безобѕирен начин го користи за да покаже дека ги штити интересите и моралните вредности на обичниот човек. Црквата која игра на оваа карта, полека ја губи позицијата кај верниците, па сега сака да покаже дека е фактор кој треба да биде консултиран за важни прашања во државата“, оцени Ацески. Тој е дециден дека е недозволиво црквата да се меша во политиката и обратно.