1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црна Гора: Прозападна влада со просрпска поддршка?

Радомир Крачковиќ
30 октомври 2023

Црна Гора неделава конечно ќе добие нова влада, на чело со премиерот Милојко Спајиќ. Ќе доминира неговото Движење „Европа сега“.

https://p.dw.com/p/4Y5x0
парламент Црна Гора
Црна Гора следната недела конечно ќе добие нова влада на премиерот Милојко Спајиќ. Фотографија: Risto Bozovic/AP/dpa/picture alliance

Новата влада на Црна Гора, трета по смената на повеќедецениската власт на Демократската партија на социјалистите (ДПС) во 2020 година, ќе биде избрана на почетокот на неделава. Повторно ќе биде малцинска, предводена од лидерот на Движењето Европа сега (ПЕС) Милојко Спајиќ, додека во Парламентот на Црна Гора ќе биде поддржан од просрпската коалиција „За иднината на Црна Гора“ (ЗБЦГ), чиј лидер Андрија Мандиќ ќе биде претседател на Собранието. За нешто повеќе од една година се планира ЗБЦГ преку реконструкција да влезе во Владата. Освен Демократската партија на социјалистите (ДПС) и нивните партнери, во опозиција остануваат Бошњачката партија (БС) и Обединетата реформска акција (УРА) на премиерот во заминување Дритан Абазовиќ.

Милојко Спајиќ
Лидерот на Движењето Европа сега (ПЕС) Милојко СпајиќФотографија: Europe Now

Црна Гора како Швајцарија на Балканот

„Нашата визија е Црна Гора како Швајцарија на Балканот и Сингапур на Европа“, амбициозно најавува Спајиќ. Слични зборови и претходно се слушаа од црногорските политичари, но не се остварија. Спајиќ даде многу ветувања, а главните се: подобар животен стандард и забрзување на пристапот на Црна Гора во Европската Унија.

„Партнерите во владата се обврзаа дека главната надворешнополитичка цел на новата Влада е членството на Црна Гора во ЕУ, што вклучува напредок во преговарачките поглавја 23 и 24, како и целосно усогласување на надворешната и безбедносната политика со ЕУ. Во доменот на економските реформи, Владата ќе ја спроведе програмата 'Европа сега 2', со која значително ќе се подигне животниот стандард на граѓаните, имајќи ја предвид стабилноста на јавните финансии“, изјави за ДВ Филип Ивановиќ, висок функционер на ПЕС и иден шеф на црногорската дипломатија.

Што ќе донесе новата влада?

Програмата „Европа сега 2“ предвидува зголемување на просечната плата во Црна Гора на 1.000 евра (сега е околу 800), минималната плата на 700 (сега е 450), а минималната пензија на 450 (во моментов е околу 300 евра). Иако сѐ уште не е јасно како тоа ќе го спроведе, Спајиќ најавува сеопфатна даночна реформа.

Со претходната програма „Европа сега 1“ беа укинати придонесите за здравство и со тие пари се зголемија платите на сите вработени, со што тој ја „купи“ поддршка од гласачите, а неговиот ПЕС стана најсилна партија. Сега се шпекулира дека може да бидат укинати придонесите за пензиско осигирување, што тој ниту го потврди ниту го демантираше.

Филип Ивановиќ
Филип ИвановиќФотографија: Europe now

На прашањето на ДВ што ќе донесе новата влада, што досега не е видено во Црна Гора, Ивановиќ одговара дека тие го воведуваат принципот на меритократија, наспроти досега доминантната партитократија.

„Така, на пример, само половина од членовите на управните одбори на државните претпријатија ќе бидат делегирани според политичкиот клуч, а останатите ќе бидат составен од стручен кадар, а сите стручно-експертски позиции во Владата ќе се пополнуваат преку јавни и транспарентни конкурси“, најави Ивановиќ.

Како ќе функционира владејачката коалиција?

Милица Ковачевиќ од невладината организација Центар за демократска транзиција (ЦДТ) очекува дека економијата ќе заземе клучно место во програмата на идната Влада, а таму, вели, е неизбежната тема за деблокирање на евроинтеграциите.

„Верувам дека Владата ќе треба да понуди одговори на прашањата поврзани со реформата на јавната администрација, во смисла на зголемување на ефикасноста и спроведување на принципот на меритократија. Не помалку важно, се чини дека Спајиќ ќе мора да даде приоритет на прашањето за усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, бидејќи тоа се теми кои со најголемо внимание ќе ги следи меѓународната и домашната европско ориентирана јавност, изјави Ковачевиќ за ДВ.

Коментирајќи ја коалициската соработка меѓу Спајиќ и коалицијата ЗБЦГ, Ковачевиќ наведува дека договорот ќе биде тежок. „Мнозинството што ја поддржува оваа Влада е политички хетерогено и нивните односи се оптоварени со големи разлики. Исто така, секоја законодавна иницијатива на Владата прво ќе треба да помине низ ситото на Колегиумот на партиите од владејачкото мнозинство, што значи дека Спајиќ ќе има многу ограничен простор во креирањето политики. Дополнително, оваа најава е деградирачка за парламентот, бидејќи законодавната активност на 81. пратеник всушност ќе ја преземат група партиски лидери“, посочува Ковачевиќ.

На прашањето дали реконструкцијата на Владата на крајот на 2024 година и влегувањето на ЗБЦГ е реална, Ковачевиќ вели дека тоа и се чини како ветена награда за поранешниот Демократски фронт (ДФ), под услов да биде добар и конструктивен. „Можно е и Спајиќ преку најавената програма 'Европа сега 2' да ги зголеми платите, а потоа да се обиде на вонредните избори да постигне резултат кој би му гарантирал постабилно мнозинство. Коалицијата ЗБЦГ секако е свесна за таа можност, па треба да видиме дали воопшто ќе ја поддржат 'Европа сега 2', која е клучниот проект на ПЕС и Спајиќ“, додава Ковачевиќ.

Андрија Мандиќ
Андрија Мандиќ ќе биде претседател на СобраниетоФотографија: Radomir Krackovic/DW

Западот внимателен кон новата влада

Останува посебно прашање до кој степен Европската Унија и САД ќе соработуваат со новата влада на Црна Гора. За време на долготрајните преговори, Западот го „турна“ Спајиќ да формира влада без ЗБЦГ, сметајќи дека во новата влада не треба да има „антизападна партија, која не ја осуди руската агресија врз Украина, не поддржува санкции против Русија, ниту го почитува суверенитетот на Косово“.

Ивановиќ, сепак, очекува продолжување на соработката со членките на ЕУ и НАТО: „Новата влада уште од првите работни денови јасно ќе покаже дека работи искрено и посветено да ги почитува преземените обврски и да ги реализира зацртаните цели. Не се сомневам дека нашите партнери и сојузници во меѓународната заедница ќе го препознаат тоа и ќе го ценат подеднакво. Очекуваме во наредниот период дополнително да ја интензивираме отворената и пријателска соработка, бидејќи сметаме дека нивната поддршка е исклучително важна за Црна Гора“, вели Ивановиќ.

Во исто време, тој вели дека „актуелната геополитичка ситуација, предизвикана од руската агресија врз Украина, дополнително ја нагласи идејата дека единството на европскиот континент во рамките на ЕУ е најефикасна гаранција за зачувување на мирот и стабилноста и дека Западен Балкан, со Црна Гора како лидер во интеграциите, таа шанса не смее да ја пропушти“.

„Новата Влада целосно ја разбира можноста што ја дава ЕУ во однос на експлицитно утврдениот датум за проширување. Од друга страна, земјите-кандидати исто така мора да бидат реципрочно подготвени за пристап до најавената 2030 година, што подразбира дека мора веднаш да започнеме со потребните реформи и да испорачаме резултати од агендата на ЕУ. Верувам дека постои можност Црна Гора да ги исполни сите услови за членство во ЕУ во следните четири години“, тврди Ивановиќ.

Од друга страна, Ковачевиќ смета дека соработката на вака скроено мнозинство со ЕУ и САД нема да биде лесна, бидејќи, како што тврди, Владата ќе работи под притисок на недоверба, па дури и отворено незадоволство на некои меѓународни партнери.

„Особено загрижува заземањето на 'дискурсот на Вучиќ' од страна на истакнати функционери и политичари, кои ни го продаваат оддалечување од западната ориентација и демократските вредности како 'одбрана на суверенитетот'. Банализирањето на пораките што доаѓаат од европските функционери и институции е подготовка на теренот за натамошно ширење на антиевропските наративи и антизападните чувства. Пред Движењето 'Европа сега' е тешка задача да ја врати нарушената доверба“, заклучува Ковачевиќ.