1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Црна листа“ на македонски државјани кои војувале во Сирија

ДТЗ
5 октомври 2022

Станува збор за лица по потекло од Скопје, Гостивар, Куманово и Струга за кои се воведуваат рестриктивни финансиски мерки на неопределено време.

https://p.dw.com/p/4Hlkm
ИСИС
Владата објави листа на 15 македонски државјани коишто учествувале во паравоени формации во Сирија и Исламската држава. Фотографија: picture alliance/ZUMA Press/M. Dairieh

Владата објави листа на 15 македонски државјани коишто учествувале во паравоени формации во Сирија и Исламската држава. За нив се предвидени финансиски мерки и замрзнување на имот и средства поради учество во војната во Сирија. Станува збор за листа која што е подготвувана подолго време на барање на Обвинителството и на Управата за финансиско разузнување и е законска обврска на државата, како една од мерките за борба против тероризам. 

Имињата на 15 македонски државјани кон кои се воведени финансиски санкции се објавени во Службен весник. Станува збор за лица по потекло од Скопје, Гостивар, Куманово и Струга за кои се воведуваат рестриктивни финансиски мерки на неопределено време. Тие заминале од Северна Македонија во 2014 и 2015 како припадници на ИСИС да се борат во Сирија. Дел од нив биле кривично гонети затоа што обезбедувале пари за лица кои заминуваат или се присутни во Сирија или пак, потикнувале други луѓе со своите семејства да заминат за Сирија. Покрај учество во паравоени формации, на социјалните мрежи објавувале и документарен филм „Честа е во џихадот, порака до Балканците“, со што потикнувале други луѓе да им се приклучат. на бојните полиња. 

Финансиски мерки 

Ваквата мерка следи откако Владата на 13 септември ја усвои Одлука за воведување на финансиски мерки против тероризам и распространување на оружје за масовно уништување и нивно финансирање кон 15 македонски државјани за кои постојат сомневања дека биле вклучени во тероризам и негово финансирање, преку учество во странска војска, полиција, паравоени и параполициски единици. 

Согласно член 2 од одлуката, рестриктивните мерки се однесуваат на забрана за користење, пренос, конверзија, трансфер или друг вид на располагање со имот, забрана на ставање на располагање на каков било имот, како и забрана за воспоставување или продолжување на деловен однос. Па така, субјектите коишто задолжително применуваат рестриктивни мерки согласно Законот за рестриктивни мерки како и Катастарот на недвижности се должни да замрзнат каков било имот и средства со кој што располагаат 15-мината. 

Проценки 

Проценките се дека од земјата досега на странските боишта заминале над 156 лица. Во земјава се вратиле 83. На дел од нив им се изречени затворски казни.

Владата во 2018 година донесе Национална стратегија за борба против тероризмот како и Националниот план за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски и нивните семејства.

Во 2014 година се направија измени во Кривичниот законик со кој како кривични дела се воведоа учество во странски војски и терористички организации како и врбување и обука на лица на учество во странски војски за кои се предвидени казни од три до пет години затвор.

„Македонските државјани, кои спротивно на закон ќе учествуваат или ќе се обучуваат од страна на странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирани групи кои, надвор од територијата на државата, ќе се соочат со затворска казна од најмалку четири години. Тој што врбува граѓанин на Република Македонија за служба во непријателска војска или во други непријателски вооружени формации или за учество во војна или вооружен судир против Република Македонија или нејзините сојузници, ќе се казни со затвор најмалку пет години “, предвидува членот 322 од Кривичниот законик.