1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џафери: Не е точно дека сум примил материјали од Груевски

ДТЗ
26 септември 2023

Првиот човек на Собранието, Талат Џафери тврди дека материјали добива од овластен предлагач како што е Владата, а не од поранешниот лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

https://p.dw.com/p/4Wp7u
Талат Џафери
Првиот човек на Собранието, Талат Џафери тврди дека материјали добива од овластен предлагач како што е Владата, а не од поранешниот лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕФотографија: Petr Stojanovski/DW

Продолжуваат препукувањата меѓу поранешното и сегашното раководство на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во пресрет на уставните измени, но и по дилемите коишто ги отворија измените во Кривичниот законик и носењето на Законот за амнестија. Обвинувањата коишто ги упати лидерот на партијата, Христијан Мицкоски кон својот претходник, Никола Груевски дека е во тајна комуникација со власта, со цел раздор во редовите на ВМРО-ДПМНЕ, ескалираше со обвинувања дека допис или материјали со содржина за измените на Кривичниот законик биле доставени и до првиот човек на Собранието, Талат Џафери. 

Собранискиот спикер на средба со новинарите во Скопје ја демантираше таквата информација. 

„Нема никаква вистина во тоа дека претседател на Собранието од експремиерот примил каков било допис или каков било материјал. Тоа е невистина која што само служи за дневно политички цели“, рече Џафери. Собранието, вели тој, добива материјали од овластени предлагачи, во форма која е пропишана со Деловникот.

„Не би сакал да користам несоодветни зборови, кои што ги заслужува таквата инсинуација, но оставам на совеста на тие што шпекулираа со јавноста“, рече Џафери.

Фамозно стикче

Реакцијата следи откако потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во интервју  за „360 степени“ на МРТ 1 сподели материјали за кои тврдеше дека се дел од тајна комуникација меѓу поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на Собранието, Талат Џафери, и уште едно лице.

Христијан Мицкоски Никола Груевски
Сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ смета дека поранешниот лидер, Никола Груевски е дел од сценарио за ослабување на партијатаФотографија: Petr Stojanovski

Николоски покажа УСБ, за кое тврди дека е она што деновиве го спомнувал лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а сподели и три испечатени страници А4-формат за кои вели дека се содржината од УСБ-то. Според Николоски, тоа се докази дека веќе подолго време поранешниот претседател на партијата Никола Груевски е дел од сценарио за ослабување на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ова е тоа фамозно УСБ-стикче на коешто ги има измените на КЗ. Овие измени се доставувани до Али Ахмети, Талат Џафери и трета адреса од страна на поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Николоски.

Темата ја иницираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој деновиве изјави дека има докази за „дејствувањето на оската ДУИ-СДС-Груевски и оти можеби треба да им се освежи меморијата за пликоата кои ги добиваа со едно УСБ и Ахмети и Џафери“. Тој порача дека Џафери и Ахмети треба да ја кажат вистината за содржината на УСБ и пликот што им било даден.

Поранешниот лидер на партијата, Никола Груевски, возврати дека „секој за 15 минути може да направи УСБ и да рече ова е УСБ-то што го пратил Груевски“.