Дали 24-ти мај ќе стане национален празник на Бугарија?
24 јули 2023Додека во Северна Македонија тече процесот на подготовка за уставни измени, подготовки за промени во највисокиот акт се планираат и во Бугарија. Меѓу предлозите за реформатирање на институцијата преодна влада, за ограничување на овластувањата на јавниот обвинител, за индивидуална уставна жалба и за ограничување на мандатите на градоначалниците на општините - се најде уште еден: 24 -ти мај да стане нов национален празник на Бугарија.
Како што објавија бугарските медиуми, ова вчера го најавил Кирил Петков, копретседател на „Продолжуваме со промените - Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ), презентирајќи ги предлозите на оваа владејачка коалиција за измени на Уставот.
„Сакаме да ја изведеме културата и писменоста на преден план. Сакаме да ја внесеме идејата дека сме потомци на просветители и со овие промени сакаме да покажеме дека иднината е во науката“, образложил Кирил Петков.
Неколку детали за предлогот обелоденил премиерот Николај Денков.
„Предлагаме 24-ти мај да се вика Ден на бугарското слово,на просветата и културата, и на кирилицата“, изјавил Денков.
„Ниту еден од другите празници не го менува статусот, тие остануваат официјални. Во глава 10 од Основниот закон, каде што се опишани грбот, химната и знамето, треба да го поставиме логично и местото на националниот празник. Оваа дискусија трае многу години и од различни причини не доби конечен резултат. Сега можеме да најдеме решение во општеството. Се обидовме да најдеме празник кој обединува, а не разединува“, порачал Денков.
Едни за, други против
Даниел Митов, заменик-претседател на ГЕРБ, партија со која ПП-ДБ имаат договор за ротирачки премиер, во тв-интервју потсети дека авторството на идејата 24-ти мај да биде национален празник била токму на ГЕРБ, уште минатото лето.
Во врска со таквиот предлог-закон во време на владата на Кирил Петков, во која министер за образование бил сега актуелниот премиер Денков, тој вели дека бил изготвен извештај дека „тоа е една добра идеја“. Но, според Денков, рушењето на кабинетот на Петков го спречило „здружувањето на напорите“ со ГЕРБ за тој предлог.
Сега на повидок е нова можност.
„Ја нагласуваме улогата на кирилицата - ова е научен, а не разговорен термин - што е создаден во бугарските земји и што ја промени историјата на Европа и светот“, изјавил Денков.
Според Христо Иванов од владејачката Демократска Бугарија (ДБ), 24-ти мај е национален празник и ја обединувал Бугарија уште пред да возникне модерната, трета бугарска држава.
„Во таа смисла коренот на оваа традиција е многу длабок“, изјави Иванов, посочувајќи дека според коалицијата - образованието, науката, културата, зачувувањето на културното и историското наследство се стратешки национални приоритети.
Заложбите 24-ти мај да се прогласи за национален празник на Бугарија траат неколку години, но во дел од бугарската јавност тие наидуваа на отпор поради перцепција дека целта е да се отфрли националниот празник трети март (според датумот на потпишувањето на Санстефанскиот договор меѓу Руската и Османлиската империја во 1878 година).
Претседателот на националистичката партија „Преродба“, Костадин Костадинов, на Фејсбук го коментираше предлогот за национален празник на Бугарија.
„Штотуку стана јасно дека според проектот на ПП-ДБ за промена на уставот, треба да се смени националниот празник на Бугарија.
Владејачкиот американски режим сака да го укине трети март и да го замени со 24-ти мај“, напиша Костадинов.
Тој во повеќе објави порача - „Подалеку рацете од трети март“ и „Без трети март нема Бугарија“.
„Ако некој има право да каже кога е бугарскиот национален празник, тоа е само бугарскиот граѓанин на референдум“, порача Слави Трифонов, лидерот на „Има таков народ“.
Бугарската потпретседателка, Илијана Јотова, во тв-интервју изјавила дека „не верува во искреноста на аргументите со кои се предлага 24 -ти мај да стане национален празник“.
„Ова е круна на неспорните датуми, но сѐ уште сме единствената земја во Европската унија без културен институт, за да можеме да влијаеме со кирилицата, што ја носиме“, истакнала таа.
Според неа, пристапот кон уставните промени требало да биде посериозен. Таа повикала на сериозна јавна дебата, со цел да се сослушаат вистинските експерти, бидејќи еден текст доведува до промена на многу други текстови.
Чекор по чекор до присвојување
Во почетокот на годинава со потписи на повеќе стотина општественици беше испратена иницијатива до пратениците на Народното собрание - трети март (кој не означува државотворен акт на Бугарија), да се замени со друг датум, кој навистина ќе биде достоен ден за Бугарите. Меѓу предлозите беше и 24-ти мај.
И двата датума за кои се дебатира во бугарското општество, ги засегаат односите со Северна Македонија. Поддржувачите на трети март - за етнички граници ги сметаат границите на Санстефанска Бугарија, во која спаѓала и територијата на денешна РСМ.
Од друга страна, и покрај усвоените препораки на Заедничката македонско - бугарска комисија за историски и образовни прашања за заедничко одбележување на историски личности, меѓу кои и на Светите Кирил и Методиј, во пракса исчезна наративот за нивното „мисионерско дело кое ги поставува основите на христијанската култура и духовност на словенските народи“.
Во 2020 година бугарското собрание изгласа преименување на 24-ти мај - од Ден на бугарското образование, култура и словенско писмо - во Ден на светите браќа Кирил и Методиј, на бугарската азбука, образование и култура и на словенската литература. Иако и самата најава за тоа од страна на македонските власти беше толкувана како чин кој може да го минира процесот меѓу двете земји, откако преименувањето и офицајлно се случи, од Скопје немаше никаква официјална реакција до Софија.
А во соседната земја чинот на „прецизирање“ на значењето на 24-ти мај се коментираше како потсетување - кој народ и држава се културните и историски носители на делото на Кирил и Методиј.
Лани во мај, кога Бугарската православна црква најави дека во соборниот храм „Света Недела“ во Софија ќе пристигнат и ќе бидат изложени на поклонение светите мошти на раноапостолските браќа Кирил и Методиј, во соопштението нив ги нарече „бугарски просветители“.
Со преименувањето на Денот 24-ти мај, според домашни експерти, се присвои целиот контекст на чествувањето на Светите Кирил и Методиј и нивното дело - од цивилизациско наследство за сите словенски народи- се претвори во ексклузивен ден на бугарската азбука. За новиот предлог 24-ти мај да стане и национален празник на Бугарија, домашни аналитичари се воздржуваат од коментар, под образложение дека немаат доволно информации.
Но, сметаат дека доколку истиот се движи кон присвојување на нечие дело, нема да придонесе во јакнење на довербата меѓу двата соседи, но и во довербата и односите со други држави во кои делото на сесловенските просветители исто така оставило силен печат.