Дали денеска ќе почне формирањето на Европскиот фронт?
19 март 2024Дали денеска и официјално ќе почне ли формирањето на европскиот фронт? Најавата дека претседателот на ДУИ Али Ахмети денеска (19.3.) напладне ќе одржи прес-конференција во Скопје, во дел од медиумите на албански јазик е проследена со информации од неименувани извори - дека ќе биде означен стартот за официјализирање на долго најавуваниот европски фронт.
Според непотврдени информации, поддршка на иницијативата претседателот на ДУИ за формирање и учество во европскиот фронт се очекувала од Народното движење на Скендер Реџепи - Зејд, од ДПА на Мендух Тачи, од Европска демократска партија (ЕДП) на Аријанит Хоџа и крилото на Зијадин Села во Алијанса за Албанците
Според други информации, лидерот на ДУИ денеска официјално ќе потпишел коалициски договор со Народната партија за настап на парламентарните избори со заеднички листи, според кој партијата на Скендер Реџепи - Зејд би имала кандидати во сите изборни единици, особено добитни места во изборните единици 1 и 2, а потоа се очекувало таква соработка да биде остварена и со ДПА, ЕДП и крилото на Села.
Таравари: Не можам да замислам
Арбен Таравари, претседателскиот кандидат на опозициската Коалиција „Вреди“ и претседател на Алијанса за Албанците (АА), вели оти не може да замисли дека крилото на Села од АА може да биде на заеднички листи со ДУИ.
„Јас сѐ уште не можам да верувам дека моите сопартијци може да одат на заеднички листи со ДУИ, но да почекаме да се официјализира. Доколку се официјализира, тогаш ќе дадеме наш коментар. Јас сѐ уште не можам да верувам дека можат да коалицираат, најмалку крилото на господин Села со ДУИ. Не можам да замислам“, рече Таравари на вчерашната прес-конференција.
Таравари и Села се разидоа токму по прашањето како да настапи Алијанса за Албанците на претстојните избори: Таравари се заложи за заеднички изборен настап со опозициските партии на Албанците, а Села се повикуваше на одлуката на Централното собрание на партијата, според која, АА треба има да има самостоен настап. Од опозицискиот блок порачуваа дека фразата „самостоен настап“ практично ќе значи поддршка за ДУИ.
До пред неколку дена, претставници од крилото на Села јавно изјавуваа дека немаат донесено поинаква одлука од онаа за самостоен настап. Дали тоа се променило или ќе се промени, ќе се види денеска или во наредните денови, со оглед дека за две недели (до втори април) истекува рокот во кој до ДИК треба да се достават кандидатските листи за пратеници.
Пет спрема пет?
Во изминатиот период ДУИ почна разговори за предизборна коалиција со други партии од албанскиот блок. Крешник Бектеши од ДУИ потврди дека партискиот лидер разговара со сите кои се заинтересирани да влезат во европскиот фронт.
„ДУИ го овласти лидерот Ахмети да преговара со сите политички партии, исто така и со невладини организации, академици, разни интелектуалци, за да имаме сеопфатен список. Господинот Ахмети води преговори со сите заинтересирани да се приклучат на европскиот фронт и на тимот на последователни победи во изминатите 20 години“, рече Бектеши.
Ако тоа се реализира, годинава за првпат партиите на Албанците би биле поделени во два блока. Доколку сите посочени пет партиски субјекти влезат во европскиот фронт, на избори ќе ја измерат довербата кај граѓаните со опозициската коалиција „Вреди“ (Европски сојуз за промени) која е претставена исто така од пет субјекти - Демократското движење, Алтернатива, Движењето Беса, Алијанса за Албанците (крилото на Таравари) и претставник на Самоопределување.
„Му се оствари желбата на Ахмети кај Албанците да нема повеќе од две партии. Само што сега ќе има два блока“, иронизираат во опозицискиот блок.
Алудираат на честите повици на Ахмети дека „на Албанците не им треба анархиски плурализам со многу партии“. Во сите изминати години лидерот на ДУИ сугерираше дека многу партии им штетат на Албанците.
„На Албанците во Македонија не им се потребни повеќе од две политички партии. Постоењето на четири-пет партии ги прави Албанците безначајни. Тоа е на штета на Албанците (...) Се срамам кога се среќаваме со странски делегации, кога имаме седум или осум претставници, а Македонците имаат два - по еден од власта и од опозицијата. Треба да се консолидираме за Албанците да бидат важен елемент“, изјавуваше Ахмети.