Дали ЕУ годинава ќе го реши проблемот со Орбан?
20 јануари 2023Унгарскиот премиер преживеа кризи што се закануваа да го турнат од власт - внатрешни и надворешнополитички, економски и социјални. Но, Виктор Орбан сега се соочува со најголемиот предизвик во неговото досега 13-годишно владеење. Затоа годинава може да биде пресудна и судбинска за политичарот чиешто име се асоцира со порастот на нелиберализмот во Европа.
Унгарија ја доживува најголемата криза по проблемите за време на меѓународната финансиска криза во 2008/09, кога беше соочена со опасност од банкрот. Националната валута изминатите месеци значително изгуби на вредност, инфлацијата од преку 20 проценти доведува сѐ повеќе луѓе во земјата до егзистенцијални проблеми. Ограничувањата на цените за горива и прехранбени производи не беа многу од корист и за првпат откако заврши реалниот социјализам предизвикаа недостиг на одредени продукти.
Токму во ваквите тешки социоекономски услови, ЕУ на Унгарија ѝ скрати голем дел од милијардите субвенции поради недостатоци во правната држава. Се закануваат и дополнителни кратења, сѐ до целосно укинување на комплетните исплати од Брисел. Освен тоа, владата на Орбан, поради пријателскиот став кон Русија, е изолирана во Европа како никогаш досега. Таа е единствена земја членка на ЕУ која одбива санкции против Русија, забрани испорака на оружје за Украина преку своја територија и со негодување се согласи за помош за Киев од ЕУ во висина од повеќе милијарди. Орбан со таквите ставови во рамки на ЕУ се стави во позиција на зло што мора да се трпи.
Да се префрли вината на други
„Де факто владата на Орбан не била никогаш во вакви околности како што е сега“, оценува за ДВ политикологот Петер Креко од левичарско-либералниот институт „Политички капитал” од Будимпешта. „Тоа се гледа и по анкетите според кои незадоволството расте, но се гледа и по протестите на наставниците и педагозите кои траат со месеци.“
Креко сепак посочува дека „Орбан и владата се и натаму многу успешни во тоа вината за секакви кризи да ја префрлат на надворешни актери, на пример ЕУ или милијардерот Џорџ Сорос. Орбан и неговата партија имаат стабилно изборно тело и создадоа најцентрализиран политички систем во ЕУ. Сето тоа значи дека се добри шансите унгарската влада да ја преживее и оваа кризна ситуација.”
Тешко, но не на ивица
Конзервативниот економист Ласло Чаба, кој некогаш беше дел од неформален круг на советници на Орбан и предава на Централниот европски универзитет во Будимпешта/Виена, актуелната криза во Унгарија ја оценува пред сѐ како „криза на моделот Орбан”. Чаба вели дека „зад овој модел стои политика на евтини пари, лабава финансиска политика и великодушни трошења. Тоа сега веќе не е одржливо“, вели Чаба за ДВ. „Севкупно ситуацијата во владата е тешка, но не и катастрофална. Унгарија е пред рецесија, но не на ивица како што беше пред 15 години за време на финансиската криза."
За Унгарија во претстојните месеци многу нешта ќе зависат од тоа дали ЕУ ќе ги исплати субвенциите или не. Земјата по Полска е вториот најголем нето примач на поддршка од ЕУ, која во изминатите години изнесуваше во просек три до четири проценти од унгарското БДП, што е отприлика соодветно на годишниот економски раст на земјата.
Балкански пазар
Кон средината на декември 2022 година, по повеќемесечно тактизирање, Европската комисија првичноја запре исплатата од 6,3 милијарди евра за Унгарија. Причините за тоа се недостаток на владеење на правото и обвинувања за корупција. Кон крајот на декември Брисел дури се закани и со замрзнување на вкупниот износ предвиден за Унгарија во буџетот до 2027 година, што е најмалку 22 милијарди евра. Во ваков случај Унгарија би можела да западне во многу тешка економска криза.
Но, речиси никој во Унгарија не верува дека ќе дојде до вакво нешто. „ЕУ и во минатото секогаш користела остри тонови кон Унгарија, но не ги спровела во пракса,“ вели економистот Ласло Чаба. „Оттука мислам дека дел од ЕУ-средствата сепак ќе дојдат. Ако нема исплати, ЕУ ќе го загуби влијанието врз Унгарија, а тоа не му е во интерес на Брисел. Значи, преговарачкиот процес сега ќе наликува по малку на балкански пазар, а на крајот ќе се дојде до компромис,“ вели Чаба.
Маневрирање
Сепак, политикологот Петер Креко предупредува дека не е потребно залажување со подготвеноста на Орбан на компромис кога станува збор за владеењето на правото. „Не можеме да очекуваме дека лавот преку ноќ ќе стане вегетаријанец,“ вели Креко. „На Орбан не му е во интерес да ги отстрани непотизмот и корупцијата кои ја карактеризираат неговата влада, бидејќи тоа би значело дека негови блиски соработници или членови на семејството може да завршат и во затвор. За ниту еден нелиберален систем не е карактеристично да се отвораат во економски тешки ситуации. Напротив, тие имаат тенденција уште повеќе да се затвораат,“ вели Креко.
И двајцата експерти поаѓаат од тоа дека Орбан ќе се обиде да „маневрира“ низ кризата, и политички и економски. Економистот Чаба знак за тоа гледа во „аферата Матолчи“. Шефот на унгарската Народна банка, Ѓерѓ Матолчи, долгогодишен близок соработник и човек од доверба на Орбан, на почетокот на декември невообичаено отворено ја критикуваше унгарската економска политика и повика на итни мерки за штедење. Во Унгарија, критиката на Матолчи поттикна дебата за тоа колку е стабилно владеењето на Орбан.
Премалку, предоцна
Чаба верува дека унгарскиот премиер ја има ситуацијата под контрола. „Орбан за секоја задача има по двајца луѓе,“ вели тој. „Некои се реалисти како Матолчи, други се оптимисти. Ако нема друга опција, тој ќе преземе драстични, реални мерки, додека истовремено од него ќе се слушаат вообичаените високи тонови,“ вели Чаба.
Политикологот Креко зборува за слична двојна стратегија во унгарската надворешна политика. Унгарија дури и отворено се конфронтираше со својот најблизок сојузник Полска околуставовите на Орбан во врска со војната на Русија против Украина – унгарскиот премиер во декември отиде толку далеку што за војната ги обвини САД. Истовремено, ја испрати претседателката на државата Каталин Новак во посета на Киев. Медиумите блиски до власта, кои досега ширеа најлош вид проруска пропаганда, сега сè почесто зборуваат за „агресија на Русија“.
Креко се сомнева дека Орбан со ваквата политика ќе може добро да ја преброди кризата, да ја прекине меѓународната изолација и да го реши спорот со ЕУ. „Постапките на Орбан во моментов може да се резимираат вака: прави премалку и предоцна“, вели овој политиколог.