Дали Фолксваген е „случај за санација“?
4 септември 2024Како дел од мерките за штедење, концернот Фолксваген за прв пат не ја исклучува можноста за затворање на фабрики и отпуштање работници во Германија. Како што беше најавено по состанокот на менаџментот, концернот има намера да го укине осигурувањето за вработување со важност до 2029 година, кое секогаш се продолжуваше од 1994 година.
Шефот на Фолксваген, Оливер Блуме, како што се наведува во соопштението на компанијата, на средбата истакнал дека автомобилската индустрија е во многу захтевна и сериозна ситуација. „Економското опкружување дополнително се влоши, нови понудувачи пристигнуваат во Европа“, рече тој, додавајќи дека Германија како локација сè повеќе заостанува во однос на конкурентноста. „Во такво опкружување ние како компанија сега мораме да дејствуваме доследно“, потенцира Блуме.
Според раководството, брендовите кои работат во рамките на групацијата Фолксваген мора да бидат сеопфатно реструктуирани. „Ако нешто не се направи брзо за ова прашање, не може да се исклучи дури и затворање на фабриките што произведуваат возила и локациите каде што се произведуваат компоненти“, се наведува.
Спорни се два погони
Во соопштението на Работничкиот совет беше наведено дека раководството смета дека најмалку една голема фабрика за автомобили, како и една за производство на компоненти се вишок. Така, сите локации во Германија доаѓаат во фокус - без разлика дали се работи за самиот Фолксваген или за некои филијали, без разлика дали се работи за локации во западна или источна Германија“, се наведува во соопштението. Засега не е познато кои погони би можеле да бидат конкретно погодени.
Претседателката на Работничкиот совет, Даниела Кавало најави масовен отпор. Се планира „напад на нашите работни места, локации и колективни договори“, нагласи Кавало во специјалното издание на списанието на Работничкиот совет „Mitbestimmen“ . „Ова го доведува во прашање самиот Фолксваген и самото срце на групацијата. Ќе се бориме цврсто против тоа. Се додека сум тука, нема да има затворање на фабриките на Фолксваген“.
Веил: Прво да се испитаат други можности
Претставниците на вработените, заедно со покраината Долна Саксонија, имаат мнозинство во Надзорниот одбор на Фолксваген. Премиерот на Долна Саксонија и член на Надзорниот одбор Штефан Вајл (СПД) го повикаа концернот да се откаже од затворањето на фабриката. Неспорно е, вели, дека треба да се дејствува, но прво мора да се испитаат сите други можности за намалување на трошоците. „Очекуваме дека нема да стане збор за затворање на погоните поради успешното спроведување на алтернативните мерки“, рече Вајл.
„Да се вложи дополнителен труд“
Главниот бренд Фолксваген со години се бори со високите трошоци и профитните маржи кои заостануваат зад сестринските брендови во концернот, како што се Шкода, Сеат и Ауди. Програмата за штедење, започната во 2023 година, има за цел да го подобри резултатот за десет милијарди евра до 2026 година.
Но, неодамнешниот неуспех на новите деловни потфати дополнително ја влоши ситуацијата. За да се постигнат саканите резултати, сега треба да се намалат трошоците повеќе од планираното. „Мораме да вложиме дополнителни напори и да создадеме услови за долгорочен успех“, вели менаџерот на брендот Фолксваген, Томас Шефер.
„Германија повеќе не е доволно конкурентна“
Претседателот на опозициската Христијанско-демократска унија (ЦДУ), Фридрих Мерц, најавата за мерките за штедење на Фолксваген ја гледа како економски и политички повик за будење за германската федерална влада. „Германија повеќе не е доволно конкурентна“, критикува Мерц и истовремено оцени дека е можно Фолксваген да згрешил фокусирајќи се исклучиво на електромобилноста.
Покрај автомобилската индустрија, други големи делови од германската индустрија, како што се хемиската индустрија и машинското инженерство, повеќе не се конкурентни, додаде Мерц. Тој вели дека за тоа првенствено се одговорни политичките рамковни услови. Како што додаде тој, Фолксваген од страна на управата е прогласен за „случај за санација“.
„Ова сега конечно и покажува на федералната влада каде стоиме. Не станува збор за конјунктура на светскиот пазар“.