1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаГрција

Дали грчката шестдневна работна недела може да биде модел?

Тимоти Рукс
1 јули 2024

Додека некои земји експериментираат со намалени работни часови во неделата, Грција се одлучи за шестдневна работна недела. Владата се надева дека така ќе се надополни недоволниот број работници. Дали тоа ќе функцонира?

https://p.dw.com/p/4hStv
грчкиот премиер Киријакос Мицотакис
Може ли грчката шестдневна работна недела да биде пример за други земи? (фото: грчкиот премиер Киријакос Мицотакис)Фотографија: Aris Messinis/AFP/Getty Images

За повеќето од луѓето трудовото право може да биде здодевно. Но, кога некој ќе предложи да се работи цел еден ден дополнително, тогаш почнува да се обрнува внимание.

Во Грција од 1 јули стапуваат на сила новите прописи кои го овозможуваат тоа.

Од тој ден, сите компании можат да понудат договори за шест работни дена во неделата, со што нормалната работна недела од 40 часа може да стане 48 часа. Претходно, таквата опција беше отворена само за неколку бранши, како што се гастрономијата и туризмот.

Теоретски, вработените можат да изберат да работат повеќе ако компаниите решат да останат отворени подолго. Секој што ќе работи повеќе ќе биде дополнително платен.

Владата вели дека новите правила ќе ја поедностават администрацијата, ќе им дадат на вработените повеќе права, ќе го намалат пробното време на работа на шест месеци и ќе ја „осветлат“ работата на црно. Не само тоа, туку тие треба да помогнат и да се пополнат дупките на пазарот на квалификувана работна сила. Синдикатите и многу работници стравуваат од најлошото. Дали ова може да биде пример за другите земји?

Одење во спротивна насока

Во однос на подолгото работно време, Грција е европски аутсајдер.

Земјата навистина мора да се бори со некои посебни предизвици како ниски плати, висока невработеност и опаѓање на бројот на населението, но во тоа не е сама. Работењето повеќе е во целосна спротивност со повеќето германски соседи, бидејќи голем број земји одат во спротивна насока.

Компаниите во Белгија, Франција, Велика Британија, Шпанија и Исланд експериментираа со различни модели на помалку работни денови во текот на неделата. Тие или ги „стискаа“ 40-те работни часови неделно во четири дена работа (секој ден по 10 работни часа), или едноставно ја завршуваа работата за само 80% од времето, а работниците сепак добиваа целосна плата.

Претходно оваа година во Германија, националната железница Дојче Бан и синдикатот на машиновозачите се договорија постепено да ја намалат стандардната работна недела од 38 на 35 часа. На другите синдикати не би им пречело да го следат овој пример.

грција туристи
Туризмот има голем удел во грчката економија и страда од недостаток на квалификувани работнициФотографија: Petros Giannakouris/AP/picture alliance

Грчко закрепнување од лошите времиња

Ова не е првпат Грција да се соочи со шестдневна работна недела. За време на должничката криза, која започна во 2009 година и речиси ја исфрли земјата од еврозоната, некои кредитори бараа Грците да работат повеќе.

Земјата прифати спасувачки пакети во вредност од милијарди евра, кои дојдоа рака под рака со строги мерки за штедење. Сепак, шестиот работен ден во неделата никогаш не беше воведен како дел од програмите за спас.

Сега Грција се враќа на вистинскиот пат и се очекува растот на БДП да биде 2,2% оваа година и 2,3% следната година, што, според пресметките на Европската комисија објавени во средината на мај, е над просекот на еврозоната. Во истиот период се очекува пад на невработеноста од 10,3% на 9,7%.

Сепак, во текот на изминатата деценија, многу млади, добро образовани Грци ја напуштија земјата бидејќи за себе видоа подобри можности во странство. Се очекува населението да се намали од 10,7 милиони во 2019 година на околу 10,3 милиони во 2029 година. Во некои сектори, како што се земјоделството, туризмот и градежништвото, веќе има недостиг од квалификувани работници.

Во исто време, Грците, според ОЕЦД, веќе работат прилично долго. Иако бројките на ОЕЦД понекогаш е тешко да се споредат, трендот е јасен. Грците работат значително повеќе од колегите во Велика Британија, САД и Германија.

Законот треба да ја одразува грчката реалност

Позитивната страна е тоа што минималната месечна плата за работниците постепено се зголеми од 650 евра во 2019 година на 830 евра. Просечната месечна плата сега е околу 1.250 евра. Премиерот неодамна најави дека сака до 2027 година таа да стигне до 1.500 евра.

Но, овие зголемувања на платите не ги надоместуваат претходните намалувања на платите и постојаната висока инфлација што принуди многу граѓани да работат две работни места за да врзат крај со крај, смета Јенс Бастијан, ЦАТС-соработник (ЦАТС - Центар за применети студии за Турција) во Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања (СВП) во Берлин.

Всушност, новите регулативи само „ретроактивно го прилагодуваат правниот контекст на реалноста што постои на грчкиот пазар на труд со години“, нагласува тој, што едноставно значи дека многу луѓе веќе работат повеќе од пет дена.

 

Официјалното работење подолго и заработувањето повеќе би можело дури и „да доведе различни вработени во повисоки даночни класи и повисоко социјално осигурување, со што ќе се неутрализира потенцијалното зголемување на платите со подолго работно време“, вели Бастијан.

Освен тоа, новите регулативи им даваат големо влијание на работодавците. Дали барателите на работа можат да ја одбијат понудата и да се држат до петдневната работна недела?

Структурни промени, а не повеќе работни часови

„Преговорите меѓу работодавачот и работникот може да вклучат првиот да бара, а вториот да одбива да работи подолго“, објаснува Бастијан.

Дополнително, во Грција многу договори за работното време немаат синдикално претставување, особено во малите и средни компании. „Задржувањето на работата може да е поголем поттик од одбивањето да се работи подолго време на инсистирање на работодавачот“, оценува Бастијан за ДВ.

Бастијан вели дека шестдневната работна недела не може да ги реши пошироките економски проблеми на Грција. Подолгото работно време нема да го надомести изгубениот персонал и другите земји треба да обрнат внимание на тоа.

Грција треба да направи структурни промени кои вклучуваат „стимуланси како што се остварливи можности за кариера, еднакви шанси и повисоки плати кои ја одразуваат професионалната компетентност“, нагласува тој.

„Во тој поглед, Грција додека се израмни со повеќето други земји во Европа треба да мине долг пат полн со проблеми. Подолго работно време и работење во сабота се одење во спротивна насока“, заклучува тој.

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик