Пред неколку недели во Прага се одржа настан која мина во сенка на агресијата врз Украина и под радарите на светските агенции. Настанот се однесува на вториот форум на Слободни нации на Русија, на кој претставници на националните малцинства од Руската Федерација усвоија декларација со која повикаа на деколонизација на Русија. Според учесниците на конференцијата, рускиот претседател Путин има изградено диктаторски систем со просперитетен главен град Москва, кој ги исцицува ресурсите од потчинетите колонии со цел да ги задоволи империјалните амбиции. Од друга страна, доколку „славните лидери на руската опозиција сакаат да го заменат лошиот крал од Кремљ со подобар, тогаш Форумот на Слободни нации ќе се определи за радикално реструктуирање на Русија, што подразбира деколонизација, деимперијализација и депутинизација”. Предупредувајќи дека активностите на Москва кон Украина ја имаат доведено Руската Федерација на раб на хаос и граѓанска војна, учесниците ќе заклучат дека „единствено комплетната, контролирана деколонизација на Русија може да го спречи таквото понатамошно сценарио”.
Според учесниците на Форумот, Русија ја очекува распаѓање на 34 ентитети, од кои помал дел (пет) се во азиските предели, додека останатите се концентрирани во европскиот дел на денешната Федерација. Во едногласно усвоената Декларација, учесниците ќе забележат дека „Руската Федерација е терористичка држава чии вековни колонијални практики ги имаат изложено автохтоните народи на историски неправди”.
Ваквите заклучоци и предупредувања зачестуваа со секој поминат месец на војната во Украина и ефектите кои сз повеќе се чувствуваат во самата Русија. Особено од страна на народите и националностите вклучени во војната и бројот на жртвите од неа. Како што е фрапантниот податок дека на секој еден убиен руски војник со потекло од Москва, низ фронтовите во Украина гинат 87 војници од Дагестан, 275 од Бурјатија и неверојатни 350 војници од далечно-источната сиромашна република Тува. Очекувано, темата за можното распаѓање на Руската Федерација како последица или преплет на војната во Украина, економската криза и внатрешните етнички, расни и религиски тензии е предмет на анализа од страна на голем број надворешни и внатрешни набљудувачи.
-Други колумни од авторот: Навраќање кон Ругова за почеток на процесот
Дел од нив, како независниот истражувач Камил Галеев, ќе забележат дека современа Русија е последната колонијална сила, современ еквивалент на Шпанското царство од времето на Кралот на Бурбоните, кое се служи со истите методи од тоа време. „Тврдењета дека Русија треба да остане нечепната единствено бидејќи 80 отсто од населението се Руси е слично на тврдењето дека 90 отсто од Шпанското Царство се Шпанци, бидејќи зборувааат кастиљски, па затоа мора да бидат занавек под владеење на Мадрид. Звучи добро, но не е изводливо” ќе предупреди Галеев.
Судејќи според некои поведенија во и околу Кремљ, се чини дека таквата опасност не е сосема исклучена и од (под)свеста на највисоките челници на Руската Федерација. По повод почеста на еден починат војник од Дагестан во март годинава, самиот Владимир Владимирович ќе ја искориста можноста да укаже дека e „човек Русин, но кога ќе видам вакви примери на херојство, сакам да кажам дека сум и Дагестанец и Чечен и Ингуш и Татар и Евреин и Мордвин и Осетиец.” Интересно, неколку месеци подоцна, извесна руска компанија ќе сними реклама во која десетици млади московјани ќе се претстават според етничката припадност, но со завршни поенти на здружена едногласна потврда „Ние сме Руси” и финален завет на постројување зад Путин.
Но каков би бил одговорот на воведното прашање од страна на САД и ЕУ? Доколку би суделе според историјата и геополитиката, одговорот би бил попрво негативен отколку позитивен. Заклучок заснован на претходните искуства на Западот со распадот на СССР. Постарите и поупатените секако ќе се потсетат на оштро критикуваниот став на претседателот на САД Џорџ Буш постариот при посетата на Киев на 1 август 1991 година и неговиот говор кој опозицијата во Вашингтон ќе го нарече како „говор на киевско пиленце” (Kiev Chicken Speech). Во неговото обраќање Буш ќе искаже поддршка за перестројката, демократизацијата, реформите и претседателот Горбачов, со нагласена „надеж дека републиките ќе ја комбинираат поголемата автономија со поголема взаемна доброволна интеракција”. Додавајќи ја на крај клучната поента, делумно изградена и врз згрозеноста од штотуку започнатите војни во Југославија, дека „Американците нема да ги поддржат оние кои бараат независност, за тиранијата од далеку да ја заменат со локален деспотизам. Нема да ги поддржиме оние кои промовираат самоубиствен национализам заснован на етничка омраза”. Во основа, таквиот став на Буш е своевиден стандард на американската надворешна политика првично искажан во прилог на сочувување на Југославија при посетата на Џејмс Бејкер на Белград и повторена пред водството на Украина, кое такиот став го пречека со овации. Сепак, три недели подоцна, Украина ќе ја изгласа Декларацијата за независност, а четири месеци подоцна 92 отсто од граѓаните ќе гласаат на референдумот во прилог на излегување од СССР.
Ставот на тогашната ЕЕЗ и денешната ЕУ, како и на водечките земји на Европа и тогаш и денес би бил на приближно иста линија со Буш постариот, со можен исклучок на дел од земјите од Источниот блок. Не станува збор за никаква емоција, симпатија, антипатија или слепо придржување до словото на меѓународното право. Едноставно, какви и да се посакувањата или пресметките, константата на големината и деликатноста на самото поставување на прашањето за опстојувањето на една нуклеарна сила распространета на два континента, како што е Русија, е едноставно причина за одбивно вртење со глава. Колкава и да е згаденоста на Западот од отворениот националсоцијализам на Путин, крвавото варварство демонстрирано кон Украина, какви и да се безочните закани кон Европа и САД, определбата на САД и ЕУ е и ќе продолжи да биде во прилог на смена на диктаторското водство на Русија, поддршка на демократски избрано, конструктивно водство и зачувување на компактноста на Руската Федерација.
-Други колумни од авторот: Исти улици, но други дипломатски чевли
Причината за тоа е лесно видлива низ историјата на Европа и географијата на мапата. Доколку распадот на една Југославија предизвика толку главоболки и предизвици, самата замисла за последиците од распадот на една нуклеарна сила како Русија по глобалната безбедност, стабилност и соработка е едноставно застрашувачка. Зачестените коментари дека во тој случај Кина со задоволство би сакала да присвои дел од широките сибирски простанства е всушност само дел од безбројните и бескрајни сценарија на хаос, судири, масовна дестабилизација и нови мигрантски бранови. Стратезите од Западот се секако свесни за нус-ефектите на таквиот распад. Но исто така се свесни дека и самиот Путин е свесен за нивните стравови и ја користи таквата евентуалност во цементирање на уште поригиден, потврд и недемократски режим на владеење. И од тој аспект барем, согласноста околу територијалниот интегритет ужива рамномерна поддршка како од самиот Кремљ, така и од Западот. Првите како нужност за опстојување на власт, вторите како нужно помало зло за спречување на глобален хаос.
-Други колумни од авторот: Последно предупредување до Гир и Ковачевски
Но среде сите поуки извлечени од распадот на Југославија и сега користени во односот кон Русија, Западот не треба да ја изуми и поуката за решителноста на народите да се одвојат од заедницата која ги задушува. Доколку една Југославија на „братство и единство” на народи со етнички и културни сличности и блискости заврши во таков хаос и крвопролевање, упатно е да се замислиме што сѐ може да се очекува од народи со различни идентитети или култури и насилно ставени и држени под вековен политички пермафрост како што е Русија. Нивната желба да ја искористат – реалната или перцепирана – можност во кризниот час на ослабена Русија да се определат за неависност е енергија далеку посилна од добрите намери на Западот за зачувување на Федерацијата под ново демократско водство или предупредувањата за опасноста од широка дестабилизација. Прашање е дали и самата Русија има доволно сила и моќ да го одржи таквиот пермафрост во годините и децениите пред нас. И тоа е предизвикот од пеколот пред кој стои Западот. Како да се спаси Русија од Путин и притоа се убедат народите на Федерацијата да веруваат во визијата за слободна, демократска Русија во која –судејќи според односот кон истите народи – не верува ни самото раководство во Москва. Иако длабоко внесен во обезбедување на пораз на Путинова Русија во Украина, Западот не е заинтересиран за распад на Руската Федерација – колку во тоа да не верува Москва или ги иритира републиките со апетити за независност. Но што доколку Москва се прецени себеси, а Западот не биде ни прашан за мислење?
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.