Компјутерите ги прават децата поглупави наместо попаметни?
10 февруари 2024Компјутерите и таблетите се сѐ поважен составен дел од образованието. 46,7% од класовите во основните училишта ширум светот имаат пристап до компјутери, во ЕУ станува збор за дури 98%.
Но, не се сите научници на ставот дека компјутерите во наставата навистина се придобивка. Ралф Ланкау, професор по медиумска теорија на Високата школа Офенбах вели дека „таблетите и компјутерите ги прават децата поглупави, а не попаметни“, при што тој зборува за деца до 10-годишна возраст.
Тој е еден од 40 научници кои преку Здружението за образование и наука стартуваа петиција за да ја искажат својата загриженост за влијанието на дигиталните технологии врз развојот на децата. Тие бараат мораториум за дигитализација во германските училишта и градинки за деца од 4 до 11 години. „Не се работи за забрана на дигиталната технологија, туку за освестување за задачата на наставата“, вели Ланкау за ДВ. „Треба да се запрашаме кои се целите на образованието и како може аналогните и дигиталните медиуми да ни помогнат да ги постигнеме, а не кои нови техники ги има и како да ги користиме на училиште.“
Ревизија на образованието во делот на дигиталната техника
Петицијата се случува во време кога германските училишта се предмет на критика поради тоа што заостануваат со дигитализацијата. Но, Ланкау и другите научници сакаат германското министерство за образование да го ревидира користењето на техника во градинките и училиштата. Според Ланкау, актуелниот образовен систем во Германија не се концентрира доволно на индивидуалното учење и на педагошката корист од социјалните способности. „Образовните инстанци треба да се концентрираат на тоа како индивидуите во склад со нивните интереси и склоности може да се развиваат и истовремено да станат дел од социјалната заедница“, додава тој.
Главниот проблем, според Ланкау, е тоа што информациската технологија и економските здруженија веќе 40 години одредуваат што се случува на училиште, наместо да се прашаме „што вам ви треба во училиштето од персонален и можеби технички аспект“, вели Ланкау.
Како компјутерите влијаат на развојот на децата?
Други научници пак немаат многу разбирање за предлогот. Марија Хациџани, експерт за ран детски развој и дигитални технологии при Универзитетот од Западна Атика во Грција коментарите на Ланкау ги смета за стар тренд „контра технологијата“.
„Вакви забелешки за компјутерите има уште од 1990-тите. Секогаш кога ќе се појави нова технологија на пазарот, луѓето ги фаќа паника. Уште пред речиси 2500 години Сократ рекол дека запишувањето на нештата нѐ прави да забораваме“, вели таа за ДВ.
Но, колку навистина се штетни компјутерите за децата? Дали ова е само уште еден случај во кој возрасните на децата им кажуваат да не седат толку долго пред екраните, или задршките се оправдани?
Раздвижена дебата за дигитализацијата
Според Пракаш Ранганатан, директор на Центарот за безбедносни студии при Универзитетот во Северна Дакота во САД, научните сознанија за влијанијата на дигиталните технологии врз децата се различни.
„Има некои индиции во однос на влијанијата врз когнитивниот развој. Неможноста да се концентрираат откако предолго седеле на компјутер, може да доведе до пасивно учење што може да попречи критичко размислување и способности за решавање на проблеми. Нејасно е дали таквите потенцијални негативни влијанија траат краток или подолг период", вели Ранганатан за ДВ.
Некои студии укажуваат на тоа дека прекумерното користење на компјутери влијае на физичкото здравје со претераното седење, вклучително и зголемување на телесната тежина, пречки во сонот и анксиозност. Многу од овие стравувања се поврзани со општите влијанија на интернетот и на социјалните медиуми врз млади луѓе, но Ранганатан вели дека е потребно повеќе да се истражува за да се забележат поврзаностите.
Компјутери може да го поттикнат развојот
Според Ранганатан има и многу позитивни нешта. И тој како и Хациџани посочуваат на резултати од испитувања според кои користењето на дигитални технологии во образовен контекст ги подобрува способностите за читање, пишување и сметање, мануелниот фат и визуелно-просторното памтење. Студии покажале дека користењето на интерактивни дигитални технологии од страна на деца ги подобруваат изучувањето јазици, егзекутивни функции како способноста да се концентрираш и да завршуваш работи и капацитетот на помнењето.
„Постојат роботика, кодирање, учење јазици, функционално описменување и математика. Технологијата е алатка која ни олеснува пристап до информаци и ни помага да бидеме креативни. Тоа многу помага во мета-когнитивноста", вели Хациџани. Под мета-когнитивност се подразбира тематизирањето на сопствените когнитивни процеси, како мисли, мислења, ставови, внимание, креативност и.т.н.
Учество на децата во нивното образување
Експертката за ран детски развој и дигитални технологии соработувала со грчката влада на развојот на дигитални апликации за деца од 4 до 6 годишна возраст. Според Хациџани, најуспешен пристап е да се работи на создавање адаптибилни платформи за учење во кои се вклучени и децата и родителите и наставниот кадар. „Вистинското прашање треба да гласи како можеме исправната технологија да ја користиме за да ги подобриме учењето и наставата, а не за да се плашиме од нив", вели таа.
Важно е педагози да работат со децата за да се создаде здрав дигитален живот. Хациџани ја критикува германската група за тоа дека го игнорира придонесот на децата и вели дека е „доста иронично што тврдат оти сакаат децата повеќе да учат критичко размислување и анализа, а потоа им ја одземаат можноста за одлука за нивната дигитална едукација. Дали некогаш прашале за активното учество на децата?“
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик