Дали новата влада ќе стартува и со нови ресори?
15 мај 2024Идниот мандатар Христијан Мицкоски ќе се обиде да обезбеди двотретинска поддршка во Собранието за измени на законот со кои идната влада би можела да го почне мандатот со нови и реорганизирани министерства, кои ВМРО-ДПМНЕ ги најави во изборната програма „Платформа 1198“.
За да се направи таква реогранизација на ресорите, неопходни се измени на Законот за организација и работа на органите на државната управа, за што е потребно двотретинско мнозинство во Собранието.
Според извори од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, таа цел е сосема достижна. И претходно имало „сигнали“ од дел пратеници дека ќе се приклучат на владејачкото мнозинство, но подиректен беше претседателот на Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов, кој вчера на ТВ 24 изјави дека ВМРО-ДПМНЕ без коалицијата ВЛЕН во моментов веќе има обезбедено 63-64 пратеници.
Од Коалицијата Влен, која сега и низ работна група ги почнува разговорите за евентуално коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ, за прифатлива ја сметаат програмската определба за реорганизација на министерствата, што значи дека со нивна, а не е исклучена поддршка и од други партии, измените би можеле да се спроведат.
Нови и реогранизирани ресори
Мицкоски уште за време на кампањата најави ново Министерство за енергетика рударство и минерални суровини, со забелешка дека досега постоел само сектор „Минерални суровини“ во рамките на Министерството за економија, кој многу слабо ја вршел работата.
„Организацијата на институциите треба да одговори на потребите на времето во кое живееме“, беше наведено и во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ.
„За зголемување на ефикасноста и функционалноста на работењето на органите на државната управа, предвидуваме реорганизација на постојните министерства, кои ќе прераснат во: Министерство за економија и труд (кое ќе го вклучи пазарот на труд, привлекување инвестиции, претприемливост); Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини; Министерство за социјална политика, демографија и млади; Министерство за спорт; Министерство за култура и туризам; Министерство за дигитална трансформација“, посочи партијата.
Ова не би била прва таква реорганизација. Од независноста на државата, голем дел од ресорите претпреа реогранизација. Претходно функционираа посебни министерства за трговија, за развој, за наука, за иселеништво, за информации, посебно министерство за транспорт, посебно за градежништво, кои подоцна се интерегрираа во нови ресори или се трансформираа. Обратен редослед имаше кај некогашното Министерство за спорт и млади кое подоцна беше реогранизирано во Агенција за спорт и млади, а сега е на патот повторно да стане министерство.
Кратење позиции
Во моментов има 16 министерства и 20 членови на Владата. Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да го стартува мандатот со реорганизирани ресори? Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, партијата ќе се обиде.
„Ќе се потрудиме тоа да го направиме. Се разбира, мандатарот, односно претседателот Христијан Мицкоски, ќе се потруди да го направи во законскиот рок што ќе следува и мислам дека ќе успее како мандатар да направи една од подобрите влади“, рече Мисајловски за „360 степени".
Ова не е единствената промена што ја најави победничката коалиција.
„Ќе ја разгледаме можноста да се укинат позициите заменик-директор. На овој начин ќе се зголеми ефикасноста во работењето на институциите, а ќе се намалат непродуктивните трошоци во работењето. Ќе предвидиме законски измени за намалување на бројот на управни и надзорни одбори во некои органи на државната управа и јавните установи, како и намалување на нивниот број на членови", беше наведено во програмата.
За малите институции во програмата се предвидуваат можности за воведување централизиран систем за заеднички административни работи, како што се администрација, сметководство, логистички работи, јавни набавки итн.
Десет отсто помалку
Применувајќи европски искуства и анализи, ВМРО-ДПМНЕ најави и „скратување на 10% од вкупниот број органи на државната управа, институции и јавни претпријатија“. Такви во моментов има 1.371.
„Институциите што имаат слични или сродни надлежности ќе се спојат во една, со што ќе се намали бројот на директори, управни и надзорни одбори, како и непотребни трошоци. На овој начин ќе се намалат трошоците за функционирање на јавниот сектор. Со оваа реорганизација, институциите ќе ги зајакнат своите капацитети, административните службеници ќе добијат можност за напредок, ќе се воспостават јасни линии на отчетност и транспарентност, и на оптимален начин граѓаните ќе добијат квалитетни и ефикасни услуги“, најави ВМРО–ДПМНЕ.
Предвидена е и изработка на анализа за потребата од дисперзирање на дел од државните институции во другите градови, со цел да се создадат институционални услови за рамномерен регионален развој и доближување на институциите еднакво до сите граѓани. Таа анализа ќе биде изработена во соработка со ЗЕЛС и научните институции.