Една од работите што ми овозможува да се држам понастрана од политиката и да ја победам онаа зависност за политика од која боледува секој политичар е што можам вака јавно да ги анализирам политичките состојби во државата без да бидам директно вклучен во политиката. Нормално, најинтересно е за време на избори, бидејќи во овој период има многу што да се анализира и прогнозира. Секој кој малку следи политика, а не е дел од било кој изборен или партиски штаб, си ги поставува базичните прашања: што да очекуваме на овие избори, кој ќе победи, кој ќе формира влада, како ќе изгледа новиот парламент, кој колку пратеници ќе освои итн.
Ќе се обидам да дадам една непристрасна анализа за тоа што е важно на овие избори, односно од што ќе зависи исходот на изборите.
Излезност
Прва работа која ќе биде клучна на овие избори е излезноста. Ова е многу важно не само од аспект на цензусот од 40% кој мора да се достигне во вториот круг за да се избере претседател на државата, туку од излезноста директно ќе зависи и резултатот на овие избори. Едноставно кажано, што поголема е излезноста толку поголема ќе биде победата на најголемата македонска опозициска партија и обратно, помалата излезност ќе оди директно во корист на владејачката партија во македонскиот блок. Ова особено ќе биде важно во првиот круг претседателски избори. Иако има 7 кандидати кои ќе се борат за фотелјата на Водно, сепак доколку нема силна кампања, настан или било каков тригер што ќе ги извади гласачите на избори, не очекувам голема излезност во првиот круг на претседателски избори, односно очекувам излезност под 50%. Ќе повторам, ова доколку не се обрне внимание на кампањата „излези да гласаш". Резултатот од првиот круг ќе биде клучен за тоа каква ќе биде сликата на новиот парламент. Клучниот предизвик за Силјановска е тоа што нејзиниот рејтинг и потенцијал е помал од тој на ВМРО-ДПМНЕ, додека Пендаровски стои подобро од грогираниот СДСМ. Затоа Силјановска мора да победи со повеќе од 70 илјади гласови во однос на Пендаровски доколку сака да извојува победа во вториот круг и да стане претседател, но и за да може да помогне ВМРО да има поубедлива победа на парламентарните избори. Во спротивност, ќе остави голема шанса на Пендаровски за пресврт во вториот круг, со гласовите на ДУИ и Села, но и дел од останатото албанско гласачко тело. За ова да не се случи клучна е излезноста, односно што е поголема излезноста, поголема ќе биде разликата во корист на ВМРО и Силјановска, и обратно, ниската излезност му одговара на Пендаровски и СДСМ. Од друга страна пак, поголемата излезност кај Албанците во услови на помала излезност кај Македонците му оди во прилог на Пендаровски, но и на СДСМ и ДУИ.
Излезни сценарија
Во поглед на парламентарните избори, како што споменав, резултатот ќе биде директно детерминиран од првиот круг претседателски избори. Од она што го гледам на терен и од многубројните анкети кои сум ги анализирал можам да заклучам дека би можело да има неколку веројатни сценарија. Прво, мислам дека албанските партии заедно ќе освојат околу 30 пратеници. Ова значи дека ќе останат вкупно околу 90 пратеници на останатите партии, односно коалиции. Од овие 90 пратеника, очекувам околу 10 пратеници да освојат трите помали партии кои имаат свои претседателски кандидати, односно партиите на Јакимовски, Ванковска и Димитриевски. Ова значи дека на коалициите на ВМРО и СДСМ ќе им останат вкупно 80 пратеника. Дека ќе победи ВМРО е очигледно, но дали ВМРО ќе освои над 50 пратеника, а СДСМ под 30 пратеника зависи исклучиво од излезноста во првиот круг претседателски избори и на парламентарните избори. Секој процент на излезност повеќе, ќе му носи на ВМРО и коалицијата еден пратеник повеќе, односно 2 пратеника разлика повеќе во однос на СДСМ. И обратно, секој процент на излезност помалку ќе му носи еден пратеник на СДСМ повеќе, односно два пратеника разлика помалку во однос на победата што би ја освоила ВМРО.
Покрај ова, многу важно ќе биде дали новата тројка партии ќе освои под или над 10 пратеника во македонското собрание. Секој пратеник повеќе на оваа нова политичка тројка ќе го намали „скорот" на ВМРО, а тоа ќе зависи повторно од излезноста и бројот на гласови кои оваа тројка, односно секој од нив посебно, ќе ги освои во првиот круг претседателски избори. Доколку овие тројца претседателски кандидати поминат добро во првиот круг и освојат значителен број на гласови, со сигурност добро ќе поминат и на парламентарните избори.
И последна важна работа која сакам да ја прокоментирам се апсолутните бројки на освоени гласови. Тука клучно е дали ВМРО во првиот круг на претседателски избори ќе има над 350 илјади гласови. Доколку ова се случи, се е решено и се ќе биде извесно во вториот круг. Опасно ќе биде доколку ВМРО се движи околу или под 300 илјади гласови во првиот круг. Тогаш многу работи ќе бидат неизвесни во вториот круг и на парламентарните избори. Повторно, ова е во директна корелација со излезноста, па ВМРО ќе мора да брка значително поголема излезност во првиот круг претседателски избори од вкупната излезност која ја имавме на последните локални избори, во делот за советнички листи.
Во секој случај очекувам жестока битка и динамична кампања која ќе изобилува со многу негативен наратив, односно црна кампања, но и многу надреални ветувања. Влогот е огромен, ВМРО е најдолго време во опозиција од нејзиното основање до денес, а СДСМ е предолго на власт.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.