1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрција

Ново грчко вето на хоризонтот

ЕМФ/ ФАЦ
5 септември 2023

Грција би можела да ги торпедира амбициите на Албанија за приклучување во ЕУ, пишува германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Го пренесуваме текстот во целост:

https://p.dw.com/p/4VyGW
Вето
Може ли да ескалира спорот помеѓу Грција и Албанија? Фотографија: DW/M. Yüksel

Кога украинскиот претседател Володимир Зеленски неодамна отпатува на разговори во Атина, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис истовремено беше домаќин на неформален Балкански самит, на кој присуствуваа сите, освен еден од шефовите на држави или влади од регионот. Албанскиот премиер Еди Рама не беше поканет. Тоа беше досега најочигледниот знак за спорот помеѓу Атина и Тирана, кој тлее веќе три месеци, а може и да ги поткопа надежите на Албанија за брз напредок на преговорите за пристап во ЕУ.

Според Тирана, причина за конфликтот е недостигот на почит од страна на Грција кон независноста на албанското судство. Според атинското читање на нештата, пак, суштината на конфликтот е односот на Албанија кон грчкото малцинство во земјата. Ова малцинство сочинува речиси еден процент од вкупното население на Албанија. Меѓу неговите водечки претставници е и 51-годишниот локален политичар Фреди Белери, кој беше уапсен на 12 мај во гратчето Химара, во јужна Албанија, каде доминира грчко население, под обвинение дека се занимавал со купување гласови за претстојните локални избори.

Помошник од Белери, наводно, се обидел да ги купи гласовите на 14 гласачи за по 50 евра. Два дена подоцна, Белери, сега во притвор, сепак беше избран за градоначалник од страна на локалното население. Но, тој не можеше да ја преземе функцијата бидејќи е во притвор повеќе од три месеци, а судењето сѐ уште не почнува. Така, помина законски предвидениот рок за инаугурација на избраните градоначалници во Албанија. Сѐ уште не се познати веродостојни докази на јавното обвинителство за неговото тврдење. Атина зборува за прогон од политички причини и го опишува обвинението против Белери како фингирано.

Рама возвраќа дека судството во Албанија е независно и дека тој нема никаква врска со случајот. Неговото тврдење дека нема никаква врска со ова прашање би било поубедливо доколку Рама во текот на изборната кампања не го наречеше Белери „ѓубре“ или „неписмен“.

Вакво внимание е изненадувачко ако се има предвид дека градот Химара има одвај 8.000 жители и не е голем ниту за албанските стандарди. На прашањето зошто премиерот на една држава толку напорно се занимава со кандидатот за градоначалник на еден провинциски град има најмалку два одговора. Еден од нив е дека Белери во својата кампања ги здружи силите со коалицијата околу поранешниот албански претседател Сали Бериша. Тој беше и претходник на Рама на функцијата шеф на владата и се смета за негов непријател. Така во Химара се водеше некаква заменска војна помеѓу Бериша и Рама.

Атина Балкански самит
На фотографијата од Балканскиот самит во Атина го нема албанскиот премиер Еди РамаФотографија: Stelios Misinas/REUTERS

Втората и, барем според грчките набљудувачи, поважна причина: Химара се наоѓа на таканаречената албанска ривиера, туристички регион кој брзо се развива, со прекрасни плажи и посакувани парцели за градење. Според извори од Атина и од опкружувањето на Белери, на Рама му треба политички лојален следбеник во општина Химара за да може да ги пренесе најатрактивните имоти на свои политички и деловни пријатели. Притоа, се работи и за недвижности на Грците во регионот, кои Тирана сака да ги одземе од нивните сопственици со секакви правни трикови или веќе ги одзела и препуштила на стратешки инвеститори. Од грчка страна се вели дека Белери, за разлика од неговиот послушен претходник, нема веќе да го дозволи тоа, ветил апсолутна транспарентност за идните трансакции со недвижности и сака да се преиспитаат сомнителните стари случаи. Затоа на власта ѝ одговара што во отсуство на новоизбран градоначалник, засега зборот во Химара и натаму го има неговиот претходник - затоа што тој припаѓа на Социјалистичката партија на Рама.

Грчкиот став дека во Химара првенствено се работи за недвижности и експропријација на имот на грчкото малцинство во меѓувреме е исто толку малку судски докажано, како и наводите на албанското јавно обвинителство против Белери. Сепак, дека во прашање е повеќе од само локална фарса стана јасно уште пред Рама да не биде поканет во Атина, стана очигледно дека е во прашање повеќе од само локална фарса. На средината на август, Мицотакис го испрати градоначалникот на Атина, неговиот внук Костас Бакојанис, во Химара за да учествува на демонстрациите за правата на грчкото малцинство. Владата во Атина се заканува, понекогаш индиректно, понекогаш појасно, дека ќе ги блокира преговорите за влез на Албанија во ЕУ, кои сѐ уште се на почеток, доколку Белери не биде ослободен. По ветото на Бугарија против Северна Македонија, тоа ќе биде следна блокада на процесот на проширување на ЕУ во регионот.

Рама засега не е импресиониран од сето тоа. Важно е да се почека судското рочиште, на кое јавното обвинителство ќе ги презентира доказите, рече тој во едно неодамнешно интервју за атинскиот весник „Катимерини“. Тој посочи дека албанското Специјално обвинителство за борба против корупцијата, кое го обвини Белери, е формирано на барање на ЕУ и е под нејзин строг надзор. Тој, како што вели, не можеше да се меша во тоа. Откако реформите во судството во неговата земја тргнаа по својот тек, имаше само едно владино мешање во процесот и тоа од страна на грчката влада, истакна Рама.