1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали влегуваме во фаза на хистерија

6 септември 2023

Се соочуваме со две крупни прашања – дали ќе најдеме сила за уставните измени и одблокирање на патот кон ЕУ, и дали ќе најдеме сила за неопходните коренити промени и реформи дома. Колумна на Петар Арсовски.

https://p.dw.com/p/4W11K
Петар Арсовски, автор на колумната
Петар Арсовски, автор на колумнатаФотографија: Petar Arsovski

Последниот период е силно обележан со плејада консекутивни активни медиумски афери, од кои последната е оваа за случувањата на онкологија. Сите тие заедно, полека, но сигурно, носат ризик македонската јавност да ја претворат во хистерична, амбивалентна, општо незадоволна граѓанска маса, целосно исклучена од рационалниот поглед на состојбите. Ако стигнеме во таква фаза, било каква дискусија за некакво прагматично, разумно решение, и за реформи во домашната политичка ситуација, но и за патот кон ЕУ, ќе станат невозможни.

Ситуацијата наликува на бесконечна серија на мали, сами по себе не многу значајни, порази, но кои се акумулираат во едно вкупно, емотивно незадоволство, кое се втемелува во когнитивната матрица на јавноста како стереотипно доживување на општа негативна предрасуда, и консеквентен емоционален инает. Со еден збор, личи на „прекипување“.  Сите објаснувања после тој ментален праг ќе станат безначајни и лити, а општествениот дискурс ќе се води низ оптика на хистерија, на принципот „кого удрам, не жалам“. 

Преполнета чаша

Навидум, варијаблите во оваа равенка се мали – никој, на пример, кога се подготвуваше протоколот за ЕУ, не ги сметаше уставните промени како толкав камен на сопнување, напротив, повеќе се фокусиравме на историската комисија, заштитата на идентитетските посебности, и слично.  Сега, еден од најбенигните елементи во протоколот стана најголем камен на сопнување.   Потоа, тлеечкото незадоволство од наводите за корупција во ДУИ, сега се претвори во општа албанофобија.  На крајот, како последна капка во веќе преполнета чаша, афера од здравството ги натера граѓаните на серија протести – нешто, што, на пример, не се случи за наводни афери од милиони, па и милијарди.  Високата сензибилизација на јавноста е секако фактор, која се акумулира со тек на време, но проблемот е што таа има ризик да се претвори во траен недостаток на трпение за промени. Ако тоа се случи, ние како општество, ќе го изгубиме капацитетот за компромис, па со тоа и можноста за реформи.

Во основа, ние, како што се ближи завршувањето на билатералниот скрининг, се соочуваме со две крупни прашања – дали ќе најдеме сила за уставните измени и одблокирање на патот кон ЕУ, и дали ќе најдеме сила за неопходните коренити промени и реформи дома. 

Дали ќе се најде сила за уставни промени и за одблокирање на патот кон ЕУ?
Дали ќе се најде сила за уставни промени и за одблокирање на патот кон ЕУ?Фотографија: DW/P. Stojanovski

Првата дилема која треба да се расчисти во овој момент е дека тие две прашања не може да ги третираме како неповрзани.  Односно, не постои сценарио во кое, ќе најдеме сила за патот кон ЕУ, а реформите ќе стојат – ако ги одблокираме преговорите, самиот процес на трансформација ќе не натера во токму оние домашни реформи кои толку долго ни се најголем проблем.  Исто така, не постои ни сценарио во кое ќе најдеме сила за реформи, а ќе останеме надвор од ЕУ – таа сила да ја имавме, реформите ќе ги имплементиравме досега.  Напротив, дури и елементарна емпириска анализа на состојбите ќе ни покаже дека секогаш, единствените квантни скокови напред во нашето општество, се секогаш поврзани со напредок кон евроинтеграциите, а сите назадувања, се случуваат во оние периоди кога таа перспектива била блокирана.  Оттаму, логично е да се заклучи дека тие две теми односно прашања се нужно поврзани - или одговорот на двете прашања ќе биде да, или одговорот на двете ќе биде не. 

Неизвесна иднина

Токму затоа е важен психо-политичкиот момент во кој овие прашања ќе треба да се одговараат.  Доколку зенитот на овие дилеми, се поклопи со хистеријата на когнитивното незадоволство на македонскиот електорат, ниту граѓаните, ниту пак политичките елити, нема суштински да имаат сила за никаков напредок.  Тогаш, партиите ќе станат популистички предатори, играјќи со базичните сентименти на гласачите (ксенофобија, популизам, инает, се разбира, вклопено во историски митови за нашата космичка величина), а електоратот ќе стане мрзоволен, инаетлив, пасивно агресивен, во основа, податлив за упорно лизгање назад кон авторитарност и де-еманципација.  Примери за вакви движења има колку сакате во нашето опкружување – погледнете ја Полска, Грција, Унгарија, па и Србија – секаде, напливот на крајната десница во основа тектонски го изместува политичкиот мејнстрим кон конзервативизам и самоизолација. Такви движења се неизбежни и на европско ниво – и не треба да не изненадува ако наредниот состав на ЕУ парламентот драматично го намали апетитот на ЕУ за проширување.

Во таква неизвесна иднина, тешко е да се очекува дека македонскиот електорат, па и нашето општество, ќе успее да го задржи нивото на посветеност кон подобрување, или дека ќе успее да одржи некаков оптимизам за проширувањето, па со тоа, и за неопходните реформи на општеството.  Напротив, хистеријата секогаш преминува прво во резигнација (ние сме можеби веќе во таа фаза), а резигнацијата секогаш преминува во политичка декаденција – откажување од пристојноста, принципите, и правичноста. Овие циклични движења, на кои сме биле сведоци на неколку пати во нашата понова историја, се интимно поврзани со напредокот на суштинските општествени вредности, а по се изгледа, тие мораат да бидат увезени, односно не виреат автохтоно.  Затоа важи правилото: Македонија е како автомобил, на угорница, во лер.  Ако не ја бутка нагоре некој однадвор, таа, оставена сама на себе, секогаш се лизга надолу.  За целото тоа време, патниците и шоферот, внатре, лудо се забавуваат на наша сметка.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема