1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денови на одлука - кои ќе бидат новите министри во Владата?

ДТЗ
31 мај 2024

Идната недела се очекува да биде доделен мандатот, по што ќе се искристализира кои партиски кадри ќе ги добијат престижните министерски функции, но и колкав дел од колачот ќе добијат и помалите коалициски партнери.

https://p.dw.com/p/4gUZq
Христијан Мицкоски
Мицкоски се уште не ги открива адутите за во новата владаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Победникот на парламентарните избори на 8 мај - ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и идниот мандатар Христијан Мицкоски ги бројат последните денови на одлука за составот на новата влада. Идната недела се очекува да биде доделен мандатот, по што ќе се искристализира кои партиски кадри ќе ги добијат престижните министерски функции, но и колкав дел од колачот ќе добијат и помалите коалициски партнери.

Идната недела доделување на мандатот

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, според најавите, идната недела ќе го додели мандатот за состав на новата влада. Согласно Уставот, претседателот на државата е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието да го довери мандатот за состав на Владата, на партијата што има мнозинство во Собранието. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверување на мандатот треба до Собранието да го достави составот на идната Влада, како и нејзината програма.

Владата на Мицкоски треба да има 20 министри со ресор и тројца без ресор. Победничката коалиција ќе ги добие министерствата за внатрешни и надворешни работи, финансии, транспорт и врски, образование и наука, култура, земјоделство, шумарство и водостопанство, локална самоуправа, одбрана, енергетика, политички систем... 

Гордана Сиљановска-Давкова
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова идната недела ќе го додели мандатот за состав на новата владаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Партијата сè уште не ги открива адутите за во новата влада, но во јавноста веќе се споменуваат имињата на поранешниот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, како и блиските соработници на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ - Игор Јанушев, Тимчо Муцунски и Александар Николоски како можни министри во полицијата, надворешните работи и во одбраната.   

Претседателот на Демократското движење која е дел од Коалицијата „Вреди“, Изет Меџити во интервју за ТВ21 рече дека е завршен договорот со ВМРО-ДПМНЕ за првиот ешалон. Тој соопшти дека Коалицијата „Вреди“, освен претседател на Собрание, ќе добие и шест министерства, седум заменик министри, пет државни секретари и еден вицепремиер.

ЗНАМ се очекува да добијат две министерства. Преговорите се уште траат. 

„Разговаравме врз база на платформата која им ја понудивме, ја прифатија во целост. Помалку е битно каква ќе биде имплементацијата на власта, во делот на тоа кој колкав број ресори ќе преземе да води. Повеќе битно е што тоа ние суштински ќе реализираме кон граѓаните“, изјави лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5.

Влада
Денови на одлука - кои ќе бидат новите министри во владата?Фотографија: DW/P. Stojanovski

Приоритетни закони

Но, пред да се избере новата влада на првата собраниска седница треба да се донесат измени со кои ќе се овоможи зголемување на бројот на министерства. Новиот претседател на Собранието, Африм Гаши во интервју за Радио Слободна Европа најави дека првиот предлог закон кој што ќе биде ставен пред пратениците на разгледување ќе биде реорганизацијата на Владата и промената на бројот на министерствата.

Според Гаши, меѓу приоритетните законски одлуки е и закон со кој не би се дозволиле предвремени избори за градоначалници во општините чии градоначалници ќе одлучат да влезат во извршната власт, бидејќи следната година претстојат редовните локални избори. „Сметам дека е погрешно и спротивно на Уставот некој да се избира на четири години, а друг да ги добива гласовите на народот на избори со мандат од осум месеци. Сметаме дека тоа е противуставно и треба да се коригира со закон кој ќе го овозможи тоа“, вели Гаши во интервју за РСЕ.

Собрание, Африм Гаши
Пред да се избере новата влада на првата собраниска седница треба да се донесат измени со кои ќе се овоможи зголемување на бројот на министерстваФотографија: Petr Stojanovski

Ваквата најава следи по најавите дека актуелни градоначалници би можеле да станат министри во новата влада. Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, веќе најави дека доколку треба да се оди на предвремени избори за градоначалник нема да ја прифати министерската функција.

Но, според Алијанса за Албанците, вистината „за лажните моралисти е дека тие ќе се повлечат од функцијата градоначалник бидејќи ВМРО-ДПМНЕ им вети законски измени“. „Со тоа, за неколку дена, законот ќе се промени и наместо предвремени избори на локално ниво, ќе имаме вршители на должност до редовните локални избори. Другите изјави се само за ПР и измама на соработниците“, велат од партијата.