Истрага: Вања е грабната за пари, Панче е убиен за долг
4 декември 2023Малата Вања била грабната од влезот на зградатакаде што живеела со цел да се изнудат пари од нејзината мајка. Грабнувачите ѝ ги врзале рацете и нозете, ја покриле со вреќа за спиење и ја ставиле во гепекот на возилото „цитроен“. Пред возилото имало друг автомобил - „рено канго“ коешто цело време се движело пред нив. Девојчето било однесено на локација надвор од Скопје, во атарот на село Бразда, Чучер Сандево, каде е извршено убиството, а потоа е запалено возилото со коешто е грабната. Малата Вања е убиена поради обид да се изнудат пари од мајката на девојчето. Но, досега полицијата нема информации дека некој побарал пари за откуп, ниту пак дека биле исплатени средства на грабнувачите.
Ова се најновите сознанија од предистрагата која што ја води скопското обвинителство, со соработка со МВР, за исчезнувањето и смртта на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74- годишниот велешанец Панче Жежовски.
Во грозоморниот план учествувале пет лица - четворица од нив биле дел од група која што го осмислила планот за грабнување и го извршила суровото убиство, наводно откако ги фатила паника дека ќе бидат фатени. Како петто осомничено лице, се посочува таткото на девојчето, за коешто членови на групата тврделе дека посредно од него биле добиени сознанија за движењето на девојчето. Ваквите тврдења се проверуваат. .
И двата случаи се поврзуваат со користољубие. Но, на денешната прес-конференција во скопското обвинителство беше фрлена нова светлина на случаите. Скопскиот обвинител Гаврил Бубевски смета дека тие се поврзани - Панче Жешовски бил грабнат на 24 ноември, поради наводен долг од 500 евра, но заднината била да му се одземе возилото, со коешто неколку дена подоцна е грабната Вања, убиена во околината на Скопје, по што украдениот „цитроен“ е запален.
Застрашувачки детали од истрагата
Скопскиот јавен обвинител, Гаврил Бубевски вели дека се проверуваат информациите дали е точно дека таткото на организаторите им ја обезбедил информацијата каде може да ја грабнат Вања. Пред новинарите рече дека ваквата информација била добиена за време на распитот. Приведените рекле дека посредно од првоосомничениот за киднапирањето и убиството, кој е во бегство, дознале кога девојчето ќе биде само за да можат да го грабнат.
„Иако групата планирала да бара откуп, ситуацијата излегла од контрола“, вели министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Два и пол часа по грабнувањето на девојчето, „организаторите ги фатила паника, откако цела јавност се крена во потрага на девојчето“, по што решава детето да го ликвидира, посочи на прес-конференција Бубевски. Приведените на распит во обвинителството тврделе дека Вања е убиена со пиштол околу 10 часот.
Убиецот избегал во странство
Три лица се во притвор, дека организаторот и извршителот на делото, според полицијата, е во бегство. Трагата му се губи во Бугарија. Тој ја напуштил државата на 30 ноември, пред органите на прогонот да добијат информација за неговиот план и неговата инволвираност во убиствата. Со него е и неговиот адвокат.
„Ќе сторам сѐ, и јас и МВР, ова лице, овој монструм на кој му ја следиме трагата, час поскоро, штом стапне на наше тло, да биде изведено пред лицето на правдата“, порача министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Учесниците на групата имаат извршено две кривични дека - грабнување поврзано со користољубие и две убиства, поради што се најавува дека ќе бидат гонети по кривични дела за коишто е предвидена најстрога казна во Северна Македонија.
Шок и неверување
Во неделата навечер (03.12) Основниот Кривичен суд им определи притвор од 48 часа на три лица кои беа спроведени во суд, а се осомничени за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски. Притворот им е определeн поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и сторување ново кривично дело. Тројцата во текот на ноќта беа спроведени во Истражниот затвор во Шутка. Еден од осомничените е велешанецот Велибор Манев. Во изјава за медиумите, прашан дали го извршил убиството на Вања, Манев, одговори негативно.
Шок, неверување, тага и револт владее во земјата по веста за грозоморното убиство на 14-годишното девојче и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Се бара правда и најстроги казни за сторителите, како и одговорност за надлежните. Родителите, коишто стравуваат за безбедноста на своите деца, на социјалните мрежи најавуваа дека нема да ги пуштат на училиште додека не се расветлат мотивите за убиствата.
Во основното училиште „Јохан Хајнрих – Песталоци” е отворена книга на жалост за прерано згаснатиот живот на 14-годишната Вања Ѓорчевска. На службениот влез на училиштето, соученици и граѓани се потпишуваат во Книгата на жалост и го изразуваат своето сочувство за смртта на Вања.