1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов обид за дијалог меѓу Србија и Косово во Брисел

Милица Андриќ-Ракиќ
14 септември 2023

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти, првпат по четири и пол месеци се среќаваат на 14 септември во Брисел. Што може да се очекува?

https://p.dw.com/p/4WFv8
Александар Вучиќ, Албин Курти, Жозеп Борел
Фотографија од една од бројните и досега неуспешни средби меѓу Вучиќ и Курти во БриселФотографија: EU Council / Pool / Handout/AA/picture alliance

Посредникот на Европската Унија во дијалогот, Мирослав Лајчак, најавува преговори за спроведување на барањата на ЕУ за деескалација и нормализација. Косовската страна најавува само преговори за имплементација на анексот на Охридскиот договор.

„Засега се чини дека ниту една страна не е подготвена за нормализација, а камоли за подобрување на односите.Првенствено како да се заинтересирани за симболични гестови и создавање впечаток дека имаат добра волја, а не дека навистина се движат кон нормализација“, оценува за ДВ, Маригона Древиња, програмски директор на приштинскиот Институт за социјална политика, Мусина Кокалари. Нејзиниот впечаток е дека моменталната состојба на дијалогот за нормализација на односите само придонесува за секојдневно зацврстување на статус кво.

Ист е впечатокот и на северот на Косово, каде тројца од четворица градоначалници не носат никакви одлуки, а градоначалникот на Северна Митровица под будното око на меѓународната заедница ги одложува или ублажува сопствените одлуки.

Игор Новаковиќ од Фондот ISAC потсетува дека изборите треба да бидат првиот чекор кон нормализацијата, но и посочува дека за тоа навистина не се заинтересирани ниту Белград, ниту Приштина.

„И да е уставна иницијативата за собирање петиција за смена на градоначалникот што ја покрена Приштина, а според изјавите на бројни експерти не е, не гледам како тројца обични граѓани или невладини организации би можеле да мобилизираат толку многу граѓани без логистичка поддршка на Српската листа и Белград“, вели Новаковиќ.

Сепак, тој посочува дека темата ќе биде на маса во рамките на широката тема „деескалација“, иако не верува дека Косово ќе отстапи од претходниот став дека со Србија не се преговара за внатрешни работи.

Мирослав Лајчак
Мирослав Лајчак најавува преговори за спроведување на барањата на ЕУ за деескалација и нормализацијаФотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture-alliance

Трите услови на ЕУ 

На крајот на мај дојде до ерупција на насилство на северот на Косово, кога по одлуката на владата во Приштина насилно да ги преземе општинските згради, дојде до конфликт меѓу организираните српски демонстранти и војниците на КФОР. Целта на акцијата на Приштина, која не беше координирана со меѓународната заедница, беше на градоначалниците Албанци да им овозможи физички пристап до општинските згради. Поради српскиот бојкот, тие беа избрани на гласање на кое учествуваа помалку од три отсто од гласачите.

Во насилството што се случи, беа повредени 93 војници на КФОР и педесетина демонстранти, што предизвика релативно брза реакција на бирократскиот апарат на ЕУ. Европската служба за надворешни работи воведе казнени мерки за Косово и се закани дека ќе ги воведе и во Србија, додека не се исполнат три услови: повлекување на специјалците од општинските згради, повлекување на градоначалниците и општинската администрација на алтернативни локации и најава за инклузивни избори.

Сите тие три точки ги претставуваат внатрешните работи на Косово, а владата на Албин Курти досега одбиваше во дијалогот да преговара со Србија за внатрешните прашања. Од друга страна, со продолжувањето на кампањите за повлекување на одлуката за признавање на Косово и остри реакции на меѓународната афирмација на Косово, Србија сигнализира дека не е подготвена да го спроведе делот од Охридската рамка, кој е најприфатлив за Косово. 

Косово, Звечан
Насилство за време на срспките демонстрации во Звечан на крајот на мај 2023 годинаФотографија: Erkin Keci/AA/picture alliance

Учество на Србите на избори? 

Затоа сега се очекува Србија да обезбеди учество на Србите на изборите. Белград, пак, може да ветува учество на Српската листа на изборите, но не може да гарантира учество на други. И Српската листа, како и другите опозициски партии на север, изјавија дека условите за излегување на избори е целосно повлекување на специјалните полициски единици, не само од општинските згради. Без исполнување на тој услов или барем дијалог со српските политички опции за учество на изборите, плурализам, велат, нема да постои. Сепак, таков дијалог меѓу владата на Косово и косовските Срби за условите за учество на изборите не е на повидок.

Покрај изборите, Игор Новаковиќ смета дека би се очекувало да се разговара и за враќање на Србите во институциите, што би гарантирало почитување на претходните аранжмани. „Меѓународната заедница не ни кажа што е постаро - кокошката или јајцето, Брисел или Охрид. Сè додека тоа не се разјасни, логично ми е спроведувањето на Охридскиот договор да е условено од претходно договореното - Заедница на српски општини, но и триесетина други договори“, вели тој за ДВ.

Новаковиќ оценува дека иако е најавено, воведувањето казнени мерки против Србија поради неспроведување на Охридскиот договор не е реално се додека не се имплементира Бриселскиот договор. А, предуслов за тоа, потсетува тој, е формирање Заедница на српски општини. 

Графит Приштина
Графит во ПриштинаФотографија: DW/I. Đerković

Се менува пристапот на меѓународната заедница? 

Доколку страните продолжат да го избегнуваат спроведувањето на договорот, пристапот на меѓународната заедница во дијалогот со двете земји секако ќе се промени, вели Маригона Древиња, која смета дека оваа можност е реална. „Следствено, се чини дека процесот сега е повеќе фокусиран на спречување на понатамошна регресија и нарушување на статус кво“.

Древиња смета дека успехот на состанокот во четврток во Брисел бара напредок во исполнувањето на барањата на ЕУ за деескалација. „Но, за да се постигне опиплив напредок, најдобро би било тој план да биде тесно испреплетен со опипливи ветувања на страните за придржување до бриселските договори, како и до Охридскиот договор“, вели таа.

Пораки од Германија

Нетрпеливоста на меѓународната заедница овој понеделник (11.09) ја сигнализираше и германскиот амбасадор во Косово, Јерн Роде. Тој оцени дека средбите се одвиваат во критичен момент - без обвинување, отстранете ги пречките, време е да се дејствува, изјави Роде.

„Потребно ни е двете страни да се заложат за деескалација, дијалог предводен од ЕУ и партиципативна демократија. Охридскиот договор мора да се спроведе СЕГА“, напиша тој на мрежата Х“ (поранешен Твитер).

Роде во интервју за весникот „Albanian post“ се залагаше за формирање на Заедницата на српските општини, а истото го направи и претседателот на комисијата за надворешна политика на германскиот Бундестаг, Михаел Рот, кој беше во официјална посета на Косово во понеделник.

Рот за медиумите на албански јазик изјави дека ја гледа Заедницата како „федерална структура која не го нарушува унитарниот карактер на Косово“. Конечно, во понеделникот, специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, телефонски разговараше со косовскиот премиер. Според Албин Курти, се зборувало за спроведување на Охридскиот договор.